Осој — мијачко село во Општина Дебар, во околината на градот Дебар. Селото е сместено на северните падини на планината Стогово на надморска височина од 900 до 1000 метри.
Соседни села на Осој се селата Могорче и Гари, кои иста така се наоѓаат во Општина Дебар.
Географија и местоположба
Селото Осој се наоѓа во Западна Македонија, во областа Мала Река, на падините на планината Стогово, на надморска висина од 900-1000 метри. Соседни села се Могорче од левата страна и Гари од десната. Селото Осој е дел од мијачките села по долината на Радика и Мала Река.
Во селото се сретнуваат повеќе маала, кои претежно се наречени по родовите кои живееле таму. Така, се сретнуваат Младеновци, Пулевци, Јоновци, Прајовци и други маала.
Селото е оддалечено 14 километри источно од градот Дебар.
Историја
Во селото се доселило дел од населението на соседното село Могорче, односно населението кое не прифатило да се потурчи, го напуштило Могорче и се упатиле кон селото Осој.
Според опис на Георги Трајчев, селото било претставено дека се наоѓа на терасовидна ливада, со овошни дрвја. Во тоа време броело 80 куќи. Куќите биле малтерисани со вар. На Ѓурѓовден жителите излегувале со литија до манастирската месност.
Вкупно 7 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.
Потекло и значење на името
Името на селото веројатно настанало поради тоа што селото се наоѓа на осојно место што е поради неговата местоположба на северната страна на планината Стогово.
Население
Според податоците од 1873 година, селото имало 80 домаќинства со 223 жители христијани (Македонци).„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.170-171. Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 600 жители христијани (Македонци).Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.259
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Осој се води како чисто македонско село во Реканската Каза на Дебарскиот Санџак со 86 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.
Селото брои околу 50-тина куќи. Сите семејства се од христијанска вероисповед. Мал е бројот на оние кои постојано живеат во Осој. Претежно живеат и работат во Скопје и внатрешноста на Македонија. Според пописот од 2002 година, селото брои 6 жители, сите Македонци. Моментално, во селото се останати одвај по некој жител, кои живеат постојано, иако за време на летниот период нивниот број се зголемува претежно од иселениците.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 12 жители, од кои 9 Македонци, 2 Турци и 1 Србин.
Родови Осој е македонско село.
Според истражувањата од 1920-тите, родови во селото се:
Младеноско маало: Џиковци (4 к.), Шкодровци (4 к.), Деспотовци (4 к.) и Аврамовци (7 к.). Пулеско маало: Деспотовци (5 к.), Пејдановци (6 к.), Даневци (8 к.) и Николовци (6 к.). Долно Пулевци: Станковци (5 к.), Ѓиновци или Гиновци (1 к.) и Илијовци или Илиновци (2 к.) Пројоско маало: Мирчевци (6 к.), Мојсовци (8 к.) и Фидановци (3 к.) Јаноско маало: Сарџовци (8 к.), Митревци (1 к.) дојдени од селото Беличица во Горна Река, и Гиновци/Ѓиновци (2 к.).
Населението е претежно староседелско, од старото село Ефла, а има доселеници и од селото Могорче (Веловци, Несторовци и Поповци) кои избегале од исламизирање.
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на големата Општина Дебар, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Ростуша.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Косоврати, во која покрај селото Осој, се наоѓале и селата Горно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Косоврасти, Долно Мелничани, Могорче и Скудриње. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Долно Косоврати, во која влегувале селата Горно Косоврасти, Долно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Мелничани, Могорче и Осој.
Културни и природни знаменитости
Во селото постои споменик од Народноослободителната борба за борците од селото Осој, кои учествувале во борбата против балистите и другите окупаторски сили во Македонија во текот на Втората светска војна. Споменикот е посветен на борците: Косте Д. Трипуновски, Николе Б. Николовски, Јован Е. Таневски, Соколе Б. Таневски и Бибо Т. Дуковски. Бил поставен од страна на здружението од селото Осој во текот на 1981 година.
Цркви Црква „Св. Ѓорѓи“ — главната селска црква; Црква „Св. Петка“ — мала селска црква; и Црква „Св. Архангел Михаил“ — мала селска црква.
Археолошки наоѓалиштаКоцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069 Крст — археолошко наоѓалиште во близина на манастирот „Св. Архангел Михаил“
Редовни настани
Како главна селска слава се одбележува Света Петка, при што секоја година на 8 август, селаните и иселениците од самото село организираат црковно-народен собор посветен на светицата.Според кажување на селанец од селото Осој. Забележале Тони Ристовски, Ѕвонко Петровски, Никола Цибрев, Цветко Неделковски и Кирил Симеоновски на 4 јули 2015
Личности
Вело Ташовски (р. 1949) — сликар Евстатиј Попдимитров (1857 — 1915) — зограф Нестор Мирчевски (1873 — 1969) — резбар Јован Таневски (1918 — 1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ Никола Николовски (1926 — 1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Галерија
Поврзано Дебар Општина Дебар Мијаци
Наводи
Надворешни врски
Сателитска снимка на Осој на Карти на Гугл
Категорија:Села во Македонија Категорија:Дебарски села Категорија:Села во Општина Дебар