Кенија, офиц. Република Кенија, е држава во Источна Африка која се наоѓа на екваторот. Таа се граничи со Индискиот Океан на североисток, Танзанија на југ, Уганда на запад, Јужен Судан на северозапад, Етиопија на север и со Сомалија на североисток.
Кенија зафаќа површина од 580 000 км2 и население од речиси 41 милион жители кои претставуваат 42 различни народи и култури. Државата го добила името по планината Кенија која претставува значително обележје и е втор највисок планински врв во Африка.
По референдумот и усвојувањето на новиот устав во август 2010 година, Кенија се подели на 47 покраини кои се полуавтономни единици на владеење. Се очекува овие единици целосно да се спроведат до август 2012 година, на време за првите општи избори со новиот устав. Со единиците ќе раководат избрани гувернери кои ќе работат независно од централното владеење во Најроби.
Географијата на земјата е исто толку разновидна колку и нејзиното мултиетничко население. На бреговите на Индискиот Океан има топла и влажна клима која се менува во саванска прерија богата со животински и растителен свет во внатрешноста, кон главниот град Најроби. Најроби има свежа клима која станува поладна на планината Кенија која има три врвови кои се постојано покриени со снег. Топлата и влажна тропска клима повторно се појавува околу езерото Викторија, а во западниот регион настапуваат шумски и ридести области со умерена клима. Североисточните региони долж границата со Сомалија и Етиопија се суви и полусуви области со речиси пустински предели. Исто така, земјата има значителни геотермална активност која се искористува за создавање на електрична енергија.
Главниот град на Кенија, Најроби, се наоѓа до национален парк. Државата е позната по своите сафари и по разновидните светски познати национални паркови како што се националниот парк Цаво, Масаи Мара, националниот парк Накуру и националниот парк Абердарес кои привлекуваат туристи од целиот свет.
Езерото Викторија кое е второто најголемо слатководно езеро во светот (по езерото Супериор во САД и Канада) и најголемото тропско езеро во светот, се наоѓа југозападно е поделено меѓу Кенија, Танзанија и Уганда.
Како дел од Источна Африка, првото човечко населување во Кенија е забележано во раниот палеолит. Населувањето Банту ја достигна областа во првиот век од нашата ера и во границите на модерната држава се вкрстуваат нигер-конгоанските, нилосахарските и афроазиските лингвистички области на Африка, што ја прават Кенија вистинска мултикултурна држава. Европското и арапското присуство во Момбаса датира од раниот модерен период но европското истражување на внатрешноста започна во 19 век. Британската Империја го основаше источноафриканскиот протекторат во 1895 година, кој во 1920 година стана познат под името Колонија Кенија. Независна Република Кенија е основана во декември 1963 година.
Главниот град Најроби претставува регионално трговско средиште. Економијата во Кенија е најразвиена според БДП во источна и централна Африка. Земјоделството претставува најголем работодавец во земјата која во Европа извезува кафе и чај, а од неодамна и свежо цвеќе. Услужните дејности претставуваат главни економски двигатели, пред сè телекомуникацискиот сектор кој придонесува за 62 проценти од БДП.
Кенија е член на Источноазиската Заедница и произведува светски спортисти, како што се светските шампиони Пол Тергат, Дејвид Рудиша и Вивијан Черујот.
Потекло на поимот Зборот Кенија потекнува од имињата на народите Кикују, Ембу и Камба за планината Кенија, „Kirinyaga“, „Kirinyaa“ и „Kiinyaa“. Праисториските вулкански ерупции ( кои сега се неактивни) веројатно биле причината за поврзувањето на планината со божественото и создавањето меѓу домородното племе Кикују кое било населено на земјоделските предели околу планината Кенија.
Населението од племето Вакамба му ја посочија на доктор Крапф втората планина која ја нарекуваа „Kĩ-Nyaa“ или „Kĩĩma- Kĩĩyaa“ кое е слично со името „Kĩrĩma Kĩrĩnyaga“ на племето Кикују веројатно поради шарата која се создава од црните карпи и белиот снег на врвовите која потсетува пердуви од ној.
Зборот „Nyaga“ потекнува од племето Кикују-Ембу што значи дамка. Тоа е деминутив на зборот „Manyaganyaga“ што значи дамки. Зборот „Kĩrĩ-nyaga“ веројатно потекнува од дамките од црните карпи и белиот снег што во овој случај значи „со дамки“. Па оттука, зборот Mwene- Nyaga значи Сопственикот/ чуварот на планината со дамки.
Во 19 век, германскиот истражувач Лудвиг Крапф освен името Кенија го забележал и името Кегниа за кое некои сметаат дека е верзија на племето Камба. Други пак, сметаат дека тоа е прецизно обележување на точниот африкански изговор на зборот. На мапата која ја нацрта шкотскиот геолог и природонаучник во 1882 година, Џозеф Томсонс, планината ја означил како Кениа, 18620.
Географија и клима thumb|left|Жирафа во Националниот парк во Најроби, во позадина се гледа дел од градот
Со површина од 580 367 км2 , Кенија се наоѓа на 47 место во светот по големина (по Мадагаскар). Се протега меѓу 5° северна географска ширина и 5° јужна географска ширина и од 34° до 42° источна географска должина. Од брегот на Индискиот Океан, низините се издигнуваат во централните висорамнини. Големата Раседна Долина која е плодно плато што се наоѓа на исток, ги дели висорамнините на два дела. На висорамнините во Кенија се наоѓаат најуспешните земјоделски региони во Африка. Во овие предели се наоѓа и највисоката точка во Кенија ( и втората највисока точка во Африка) планината Кенија која достигнува висина од 5 199 метри и на која се наоѓаат ледниците. Планината Килиманџаро (5895 м) може да се види од Кенија до јужната граница на Танзанија.
Климата во Кенија варира од тропска на бреговите на Индискиот Океан, умерена во внатрешноста до сува во северниот и североисточниот дел на државата. Кенија има многу сончеви денови во текот на целата година и постојано се носи летна облека. Климата е посвежа во текот на ноќта и во раните утрински часови во внатрешноста на државата и на повисоките места. Сезоната на „долги дождови“ започнува во март или април и трае до мај или јуни. Сезоната на „кратки дождови“ започнува во октомври и трае до ноември или декември. Дождовите понекогаш се интензивни и најчесто паѓаат во попладневните часови или навечер. Температурата останува висока и во текот на сезоната на тропски дождови. Најтопол период е во февруари и март, потоа следува периодот на долги дождови а најладно е во јули и август.
Кенија има значителна површина посветена на живеалиштата на растителниот и животинскиот свет, вклучувајќи го и националниот парк Масаи Мара каде што гнуто и другите рогати преживари учествуваат во големата годишна миграција. Околу 250 000 гнуа гинат секоја година во долгата и макотрпна миграција за да најдат сточна храна за време на сувата сезона. Животните од африканската „голема петка“ можат да се најдат во Кенија и во националниот парк Масаи Мара особено: лавот, леопардот, биволот, носорогот и слонот. Значителен број на други диви животни, влекачи и птици може да се најдат во националните паркови и резервати низ државата. Годишната миграција на животните, особено на гнуто, се јавува во периодот меѓу јуни и септември и во неа учествуваат милиони животни.
Големата преселба на гнуто во Кенија се смета за едно од светските чуда на природата. 11,5 милиони од овие копитари мигрираат на растојание од 2.897 километри од Серенгети во соседна Танзанија до Масаи Мара во Кенија, секогаш во правец на стрелките од часовникот во потрага по храна и вода.
Историја Праисторија
Во Кенија се открија фосили од џиновски крокодили кои датираат од мезозоикот пред 200 милиони години. Фосилите ги пронајде тим од Универзитетот во Јута и Националниот Музеј на Кенија во јули и август 2004 година во клисурата Локитаунг во близина на езерото Туркана.
Фосилите пронајдени во Источна Африка укажуваат на тоа дека приматите талкале низ овие области пред повеќе од 20 милиони години. Неодамнешните пронајдоци во близина на езерото Туркана во Кенија покажуваат дека хоминидите како што се Homo habilis (од пред 1,8 до 2,5 милиони години) и Homo erectus (од пред 1,8 милиони до 350 000 години) се можни предци на модерниот Homo sapiens и живееле во Кенија во плеистоценот. Во 1984 година едно одредено откритие на езерото Туркана од познатиот палеоантрополог Ричард Лики и Камоја Кимеу е скелет на момче од Туркана кој припаѓа на видот Homo erectus од пред 1,6 милиони години. Претходните истражувања на раните хоминиди се поврзуваат со Мери Лики и Луис Лики кои беа одговорни за првичните археолошки истражувања на наоѓалиштата Олоргесаилие и ридот Хиракс. Понатамошната работа ја презема Глин Исак.
Кенија е населена од човекот уште од кога постои историјата за човекот.
Претколонијална историја
Првите жители на територијата на денешната Кенија биле групи на ловци и собирачи сродни на модерните Косјанци. Овие луѓе подоцна биле заменети со агропасторалистичките Кушити од Африканскиот рог. За време на раната холоценска епоха регионалната клима се промени од сува во влажна клима која обезбеди можност за развој на културните традиции како што се земјоделството и сточарството во поповолна средина.
Во периодот околу 500 година п.н.е. нилосахарските сточари започнаа да мигрираат од териториите на денешен Јужен Судан во Кенија. Нилосахарските групи во Кенија ги вклучуваат народите Самбуру, Луо, Туркана и Масаи.
Во првиот милениум од нашата ера земјоделците од етничката група Банту се доселија во регионот. Тие потекнуваат од Западна Африка околу реката Бенуе во она што е сега Источна Нигерија и Западен Камерун. Миграцијата на групата Банту донесе развој во земјоделството и работата со железо во регионот. Банту групата во Кенија ги вклучува племињата Кикују, Луја, Камба, Кисии, Амеру и Миџикенда.
Арапските трговци започнаа често да го посетуваат брегот на Кенија во првиот век од нашата ера. Близината на Кенија до арапскиот полуостров привлекуваше колонизација и арапски и персиски населби се појавија на брегот на Кенија во 8 век.
Брегот на Кенија служеше како домаќин за заедниците на обработувачи на железо, заедниците на земјоделци за сопствени потреби, ловците и рибарите кои ја поддржуваа економијата со земјоделство, рибарство, производство на метал и трговија со други држави.
Султанатот Килва беше средновековен султанат кој се наоѓаше во Килва на територијата на денешна Танзанија. Во најразвиениот период власта на султанатот се протегаше низ целиот брег Свахили, вклучувајќи ја и Кенија. Султанатот беше основан во 10 век од страна на Али ибн ал-Хасан Ширази, персискиот принц од Шираз. Персиските владетели изградија богато украсени корални џамии и ги воведоа бакарните монети.
Во текот на овој период, арапите од јужна Арабија се населија на брегот на Кенија. Тие основаа многу нови автономни градови-држави вклучувајќи ги Момбаса, Малинди и Занзибар. Арапските мигранти исто така го воведоа исламот и оманскиот дијалект во областа. Оваа мешавина од култури остави значајно арапско влијание врз локалната банту свахили култура и јазик на брегот на Кенија. Арапите го развија градот Момбаса во голем пристаништен град и восспоставија трговски врски со други блиски градови-држави како и со трговски центри во Персија, Арабија па дури и Индија. До 15 век, португалскиот морепловец Дуарте Барбоса тврдеше дека „Момбаса е место со развиен сообраќај и има добро пристаниште на кое секогаш се закотвени различни мали бротчиња како и големи бродови од кои некои доаѓаат од Софала а други доаѓаат од Камбеј и Мелинде, а други пловат кон островот Занзибар“.
Во вековите пред колонизацијата, брегот Свахили во Кенија беше дел од источноафриканскиот регион кој тргуваше со арапскиот свет и Индија особено со слонова коска и робови (племето Амеру се смета дека потекнува од робови кои побегнале од арапските земји во периодот околу 17000 година). На почетокот овие трговци доаѓале од арапските држави, а подоцна многу трговци доаѓале и од Занзибар (како што е Типпу Тиб). Речиси 90% од населението на брегот на Кенија беше поробено.