300px|мини|Атомизери со сијалица исполнети со парфем. Парфем (англиски: perfume, француски: parfum) е мешавина од миризливи етерични масла и ароматични соедниненија, фиксативи и растворувачи, кои се користат за да им дадат на луѓето, животните, објектите и животните простори пријатна миризба. Ароматичните соедниненија во парфемот можат да бидат добиени синтетички, да потекнуваат од растение или да имаат животинско потекло.

За постоењето на парфемите уште од времето на првите цивилизации се дознало од некои стари текстови или од археолошки ископини. Модерното производство на парфеми започнало во доцниот XIX век со комерцијалната синтеза на ароматичните соединенија како ванилин и кумарин, кои овозможиле создавање на парфеми со претходно недостижни мириси единствено од природни ароматични соединенија.

Историја Зборот парфем кој се користи денес потекнува од латинскиот збор per fumus, што значи “низ чад”. Производството на парфеми, или уметноста на создавање парфеми, започнала во стара Месопотамија и Египет и била подоцна усовршена од Римјаните и Персијците.

Иако парфемот и производството на парфеми постоело и во Индија, повеќето од мирисите биле претставени со миризливи стапчиња. Првата дестилација на парфем од Итар се споменува во индиската ајур веда Charaka Samhita. Во биографската книга за индискиот император Харша, Harshacharita, напишана во VII век во Северна Индија, се споменува употребата на етеричното масло од агар дрвото.

Првиот хемичар запишан во историјата се смета дека е жена наречена Етрускан, произведувач на парфеми, чие име било напишано со клинесто писмо на плоча, уште од II милениум п.н.е. во Месопотамија. Таа дестилирала цветови, масла и каламус растение со други ароматични соединенија, и потоа ги филтрирала и ги враќала назад во казанот неколкупати.

Во 2005 година, археолози пронашле парфеми во Пиргос, Кипар, кои се сметаат за најстарите парфеми во светот. Овие парфеми датираат од пред повеќе од 4000 години. Парфемите биле пронајдени во прастара парфимерија. Во парфимерија од 4000 м² биле пронајдени најмалку 60 казани, садови за мешање, инки и шишиња од парфеми. Во древната историја, луѓето користеле билки и мирудии како бадем, коријандер, мирта, смола од зимзелено дрво, бергамот, како и разни цветови.

Арапскиот хемичар Ал-Кинди (Alkindus), во IX век напишал книга за парфеми која ја нарекол Книга за хемијата на парфемите и дестилациите. Книгата содржела повеќе од сто рецепти за миризливи масла, мевлеми, ароматични води и замени или имитации на скапи дроги. Книгата исто така ги опишувала 107те методи и рецепти за произведување на парфем и опремата која е потребна за тоа, како на пример алембикот (кој сè уште го носи своето арапско име).

Персискиот хемичар Ибн Сина (уште познат како Авиценна) го вовел процесот на екстракција на масло од цветовите со дестилација, денес најчесто употребуван метод. Тој најпрво експериментирал со трендафил. Пред неговото откритие, течните парфеми биле мешавина од масло и здробени билки или ливчиња од цвет, што претставувало силна смеса. Водата од трендафилите била понежна и веднаш станала популарна. Двете суровински состојки и технологијата на дестилирање значително влијаеле врз производството на парфеми и научните достигнувања на Запад, особено во хемијата.

Уметноста на создавањето на парфеми се практикувала во Западна Европа уште од 1221 година, доколку се земат предвид рецептите на монасите од Санта Марија деле Виње или Санта Марија Новела во Фиренца, Италија. На Истокот, во 1370 година Унгарите произвеле парфем направен од миризливи масла помешани во алкохолен раствор, по наредба на Кралицата Елизабета од Унгарија, познат како Унгарска вода. Уметноста на создавање на парфеми напредувала во Ренесансната Италија, а во XVI век италијанската префинетост била одведена во Франција од страна на личниот произведувач на парфеми на кралицата Катарина Де Медичи, Рене од Фиренца (Renato il fiorentino). Неговата лабораторија била поврзана со собите на кралицата преку таен премин, за да се избегне ризикот од можна кражба на формулите. Благодарение на Рене, Франција брзо станала еден од европските центри за производство на парфеми и козметика. Култивирањето на цветови поради нивниот мирис, што започнало во XIV век, прераснало во огромна индустрија во Западна Франција. Во периодот помеѓу XVI и XVII век, парфеми користеле главно богатите за да го прикријат лошиот мирис на телото, кој бил резултат на нередовното капење. Делумно поради ова и била создадена индустријата за производство на парфеми. Во Германија, италијанскиот бербер Џовани Паоло Феминис создал парфимирана вода наречена Aqua Admirabilis, денес позната како колоњска вода (eau de cologne), а неговиот внук Џовани Марија Фарина во 1732 година го преземал бизнисот. До XVIII век, ароматични растенија биле одгледувани во регионот Грас во Франција, на Сицилија и во Калабрија, Италија, за снабдување на растечката индустрија на парфеми со суровини. Дури и денес, Италија и Франција се центри на европскиот дизајн и трговија со парфеми.

Концентрирање Разните типови парфеми се одраз на концентрацијата на ароматични соединенија во растворувач, што кај првокласен мирис обично е етанол или раствор од вода и етанол. Дефиницијата на типовите парфеми варира во зависност од изворите. Концентрацијата по волумни проценти на миризливо масло изнесува: Екстракт од парфем, или едноставно парфем: 15-40% (IFRА: најчесто 20%) ароматични соединенија Esprit de Parfum (ESdP): 15-30% ароматични соединенија, ретко користена јака концентрација помеѓу EdP и парфем Eau de Parfum (EdP), Parfum de Toilete (PdT): 10-20% (најчесто~15%) ароматични соединенија, понекогаш запишани како “eau de perfume” или “millésime” Eau de Toilette- EdT (Тоалетна вода): 5-15% (најчесто~10%) ароматични соединенија Eau de Cologne- EdC (Колонска вода): типови парфеми на кипарски цитруси со 3-8% (најчесто~5%) ароматични соединенија Perfume mist: 3-8% ароматични соединенија (најчесто безалкохолен растворувач) Дезодоранс и Лосион за после бричење: 1-3% ароматични соединенија

Типови на растворувачи Иако не секогаш, најчесто миризливите масла се разредени со растворувач, чија употреба е доста оспорувана. Најчесто употребуван растворувач за разредување на миризливи масла е етил алкохолот или раствор на етил алкохолот и вода. Миризливите масла, исто така, можат да бидат разредени со помош на масла со неутрален мирис, како што е фракционирано кокосово масло или течни восоци, како маслото јојоба.

Непрецизна терминологија Јачината и трајноста на парфемот зависи од концентрацијата, јачината и трајноста на ароматичните соединенија (природните етерични масла/ миризливи масла) кои се користат: како што се зголемува процентот на ароматични соединенија, така се зголемува и јачината и трајноста на добиениот парфем. Различни парфимерии ставаат различна количина на масла во своите парфеми. Според тоа, иако концентрацијата на маслото кај разреден Eau de Parfum (EdP) е секако поголема од онаа кај тоалетна вода (Eau de Toilette (EdT)) до одредена граница, количината може да варира од парфимерија до парфимерија. Тоалетна вода од една парфимерија може да биде појака од тоалетна вода од друга парфимерија.

На пазарот ретко се наоѓаат машки парфеми како EdP или екстракти од парфем; исто како што ретко се продаваат женски парфеми како EdC. Иако овој карактеристичен начин на именување на парфемот според тоа кој го користи е општо познат во назначувањето на мирисната концентрација, тој нема директна врска со тоа дали парфемот е наменет за мажи или за жени. Покрај тоа, некои парфеми со истото име на производ но со различна назнака за концентрација може да се разликуваат не само во разредувањето, туку и да се направени со сосема различна смеса од миризливи масла. На пример, со цел EdT верзијата на парфемот да се направи полесна и посвежа од EdP верзијата, можно е EdT маслото да биде изменето така што ќе содржи повеќе горни ноти или помалку основни ноти. Во некои случаи, зборови какви што extrême, intense, или concentrée и кои може да ја прикажат ароматичната концентрација се всушност сосема различни мириси, поврзани само поради сличнa цртa на парфемот. Пример за ова се парфемите на Шанел Pour Monsieur и Pour Monsieur Concentrée.

Уште од 1706 година, во Келн, Германија, Eau de Cologne (EdC) е првобитно карактеристичен мирис и бренд. Сепак, надвор од Германија овој термин стана поим за кипарски цитрон парфеми (без основна нота).

Опис на парфемот

Точните формули на парфемите пуштени во продажба се чуваат во тајна. Дури и кога тие би биле јавно откриени, во нивната формула би доминирале така сложени состојки и мирисни компоненти, така што не би биле од голема помош на обичниот потрошувач во описот за доживувањето на мирисот. Сепак, добрите познавачи на парфеми можат да станат многу успешни во одредувањето на состојките и потеклата на мирисите исто како и експертите за вино.

Најдобар начин да се започне со опис на парфемот е да се земат предвид елементите на мирисните ноти на парфемот или “фамилијата” на која тој й припаѓа, кои влијаат на општиот впечаток за парфемот уште од првото нанесување па сè до последниот задржан тон.

Мирисни ноти

За парфемот се користи музичка метафора, односно се вели дека секој парфем има три групи на ноти, кои ja даваат хармоничната мирисен акорд. Со време, нотите се откриваат, со моментално чувство за горната нота, која води до подлабоката средна нота, а основните ноти се појавуваат постепено како последна фаза. Овие ноти се создадени внимателно, со познавање на процесот на ветреење на парфемот.

• Горни ноти: мирисот кој се чувствува веднаш по ставањето на парфемот. Горните ноти се составени од мали, лесни молекули кои ветреат брзо. Тие го формираат првиот впечаток на човекот за парфемот, поради што се многу значајни за продажба на парфемот. Тие исто така се нарекуваат и водечки ноти.

• Средни ноти: мирисот на парфемот што се чувствува пред горните ноти да исчезнат. Состојките на средните ноти претставува го „срцето” или телото на парфемот и служат за да го прикријат често непријатниот прв впечаток од основните ноти, кој станува попријатен со време. Тие се наречени и централни (срцеви) ноти.

• Основни ноти: мирисот на парфемот што се чувствува близу пред исчезнувањето на средните ноти. Основните и средните ноти ја создаваат главната композиција на парфемот. Основните ноти му даваат длабочина и цврстина на парфемот. Состојките од оваа класа на мириси се карактеристично јаки и „длабоки” и обично не се чувствуваат пред да поминат 30 минути од нанесување на парфемот.

Основните ноти влијаат на горните и средните ноти, како што и мирисот на основните ноти се менува од видот на ароматичните супстанции искористени како средни ноти. Производителите на парфеми обично ги објавуваат мирисните ноти, претставени како мирисна пирамида, со состојките излистани со имагинарни и апстрактни поими.

Мирисни семејства

Групирањето на парфеми, како и секоја таксономија, не може да биде целосно објективен или завршен процес. Многу мириси содржат аспекти на различни семејства. Дури и парфем назначен како да е од „цвет од едно единствено растение“, колку и да е суптилен, ќе има нијанси на други мириси. Во парфемите ретко се среќаваат “вистински” неделиви мирисни компоненти, бидејќи во тој случај би требало парфемот да претставува само еден ароматичен материјал.

Класификацијата по мирисни семејства е почетна точка на опис на парфемот, но не може да укаже на специфичните одлики на тој парфем.

Традиционална

Традиционалната класификација која се појавила кон 1900 година ги опфаќала следните категории:

• Од цвет од едно растение: Парфеми во кои доминира мирис на цвет од едно растение; на француски soliflore. (на пример, Sa Majeste La Rose од Серж Лутен, чиј мирис доминира на трендафил.)

• Од цветови од повеќе растенија: Комбинација на мириси од цветови од повеќе растенија во ароматичното соединение. Тука спаѓа парфемот Quelques Fleurs од Хубигант и Joy од Жан Пату.