За други употреби види Кво вадис (појаснување)

„Кво вадис?“ (латински: Quo Vadis?) — историски роман на полскиот писател Хенрих Шенкевич. Кво вадис е латински израз со значење „Каде одиш?“ и алудира на делот од Новиот завет, Евангелието по Јован, каде се вели дека свети Петар го прашал Исус: Каде одиш?, а Исус му одговорил: „Таму каде што одам, сега не можеш да ме следиш.“ Сепак, во романот, свети Петар го поставува прашањето: „Quo vadis, Domine!“ бегајќи од Рим, а Исус му одговорил: „Штом ти го оставаш мојот народ, јас одам во Рим за да ме распнат повторно.“ На ова, апостолот Петар се вратил назад, проповедајќи го христијанството сè до денот кога бил распнат.

Романот Кво вадис е приказна за љубовта меѓу младата христијанка, Лигија, и римскиот патрициј, Марко Винициј, а пред сè приказна за Нерон, за палењето на Рим, и за декаденцијата во Римското Царство, која збудалена по крв, ги фрла христијаните на лавовите во арената. Дејствието се случува во Рим за време на владеењето на царот Нерон, околу 64 година од нашата ера.

Шенкевич детално го проучил животот во Стар Рим пред да го напише романот, кој изобилува со точни историски детали. Во книгата се појавуваат и неколку историски личности. Романот првпат се појавил во едно списание кон крајот на 1894, а како посебна книга бил објавен во 1896 година,Djordje Živanović, „Beleška o piscu i delu“, во: Henrik Sjenkjevič, „Quo Vadis“, стр. 569. преведен е на повеќе од 50 јазици. Овој роман на Шенкевич му ја обезбедил Нобеловата награда за литература во 1905 година.

Врз основа на романот, снимени се неколку филмови со наслов „Кво вадис“, меѓу кои и филмот од 1951 година, во режија на Мервин Лерој.

Ликови во романот Марко Винициј (измислен син на историската личност Марко Винициј), воен трибун и римски патрициј, со чие враќање во Рим започнува романот. Вљубен е во Лигија. Калина, која сите ја викаат Лигија, ќерка на кралот на Лигијците. Лигија е всушност заложник на Сенатот, и е заборавена од нејзиниот народ. Станува христијанка. Петрониј, наречен „арбитер на елеганцијата“, поранешен управник на Витинија. Петрониј е член на советот на Нерон, сакан од народот поради либералните ставови, почитуван и истовремено омразен од Нерон. Тој е вујко на Марко Винициј. Евника, робинка во домот на Петрониј, која е вљубена во својот господар. Претставена како убава црномуреста жена по потекло од Грција. Хилон Хилонидес, шарлатан и приватен детектив. Најмен е од Марк за да ја најде Лигија. Овој лик е испуштен во некои филмувани верзии на романот, но во романот има важна улога. Нерон, претставен како вистински тиранин. Тигелиј, префект на преторијанската гарда, соперник на Петрониј за наклоноста на Нерон. Попеја Сабина, сопругата на Нерон, која ја мрази Лигија заради нејзината убавина. Аул Плавциј, почитуван римски генерал во пензија, кој живее мирен и повлечен живот со своето семејство, потполно несвесен за фактот дека неговтаа сопруга Помпонија и неговата гостинка Лигија, која ја сака како своја ќерка, се христијанки. Урсус, телохранител на Лигија. Потекнува од истото племе Лигијци. Претставен како човек со голема физичка сила. Христијанин. Апостол Петар, изморен старец кој ја проповеда пораката на Христос. На моменти се плаши дека Рим не е вистинското место за ширење на христијанството.

Содржина Книга прва 1-10 глава: По враќањето во Рим, младиот воин Марко Винициј го посетува својот угледен роднина Петрониј со молба да му помогне да ја придобие наклонетоста на девојката Калина (позната како Лигија) – варварка која дошла во Рим како заложничка, а потоа ја посвоиле Авло Плавциј и неговата сопруга Помпонија Грекина. Двајцата заминуваат во домот на Авло, каде Винициј ѝ изјавува љубов на Лигија, а Петрониј се уверува во нејзината необична убавина. Утредента, Петрониј го наговара Нерон да ја одземе Лигија од домот на Авло, божем со намера да ја чува под своја заштита. Ауло претпоставува дека одземањето на Лигија е дело на Петрониј и бара прием кај Нерон, но тој одбива да го прими, а не може да му помогне ниту Сенека. Ауло го посетува Винициј, кој е изненаден од веста, мислејќи дека Петрониј сака да ја земе Лигија за себе, но се смирува откако Петрониј му го изложува својот план. Во Нероновиот дворец, за Лигија се грижи Актеа, поранешната миленичка на Нерон. За време на гозбата што ја приредува Нерон, Лигија го среќава Винициј, кој отворено ѝ ја изјавува својата љубов. Подоцна, тој се опива и се обидува да ја бакне Лигија, но во последен миг ја спасува нејзиниот сонародник, робот Урсус. Очекувајќи дека Нерон ќе ја предаде на Винициј, Лигија кова план за бегство. Навистина, вечерта, Винициј ги испраќа своите робови да ја доведат Лигија кај него, но патем, Урсус и неговите пријатели-христијани ја напаѓаат носилката и ја ослободуваат Лигија.Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 9-97. 11-22 глава: Веднаш по веста за бегството на Лигија, бесниот Винициј ја посетува Актеа, барајќи од неа информации за случката. Очаен, тој ги испраќа своите робови насекаде низ градот во потрага по Лигија. Истовремено, по препорака на Еуника, робинката вљубена во него, Петрониј го изнајмува измамникот Хилон да ја пронајде Лигија. Во меѓувреме умира малата ќерка на Нерон, а вината за нејзината смрт се префрла врз Лигија, која божем го маѓепсала девојчето. Сепак, искористувајќи ја суетата на Нерон, Петрониј успева да го оттргне од суеверните мисли и го наговара да го напушти Рим. Хилон се вовлекува во христијанската заедница и по дознава дека Помпонија и Лигија се христијанки. Меѓутоа, меѓу христијаните Хилон го препознава старецот Глауко кого своевремено им го предал на разбојниците, па затоа изнајмува еден роб да го убие. Во робот го препознава Урсус, а од него дознава дека следната ноќ сите римски христијани ќе се соберат на едно место за да го слушаат предавањето на нивниот водач, апостолот Петар. Винициј и Хилон присуствуваат на собирот на христијаните при што говорот на апостолот Петар предизвикува силен впечаток кај Винициј. Таму, тие ја здогледуваат Лигија и ја следат до куќата во која живее, а наспроти советите на Хилон, Винициј е решен да ја грабне саканата девојка со помош на најсилниот римски гладијатор кого го изнајмува за таа цел. Пред влезот во домот на Лигија, гладијаторот го напаѓа Урсус, кој лесно го убива напаѓачот. Во меѓувреме, Винициј ја грабнува Лигија, но Урсус со еден удар го онесвестува.Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 97-193.

Книга втора 1-5 глава: За време на обидот за грабнување на Лигија, Винициј е повреден, а го негуваат Лигија, Урсус и Глауко. По наредба на Винициј, Урсус го доведува Хилон кого го препознава Глуко и го обвинува за злосторството што му го направил во минатото. Тогаш, Винициј предлага да го убијат Хилон, но апостолот Петар ги убедува присутните да му простат. За време на закрепнувањето od повредите, Винициј е сведок на христијанската милост и добрина и тоа предизвикува душевна промена во него. Притоа, тој повторно ѝ ја искажува на Лигија својата љубов, а исто така, и таа е растргната меѓу приврзаноста кон христијанското учење и љубовта кон него.Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 197-237. 6-13 глава: Откако закрепнува, Винициј се враќа во својот дом, а во меѓувреме, Лигија тајно заминува некаде. Винициј неколкупати го посетува апостолот Павле, кој се обидува да го придобие кон христијанското учење, а Винициј е подготвен да го направи тоа само заради љубовта кон Лигија, но не може искрено да верува во него. Затворен во својот дом, тој е обземен од голема тага по саканата девојка, а истовремено го мачи неспокојството поради изменетите погледи кон светот. Тој се обидува да му се врати на поранешниот, забавен живот, но брзо се откажува, сфаќајќи дека повеќе не му причинува задоволство. Тогаш, во Рим се враќа Нерон, а со него и Петрониј, кој во меѓувреме започнал љубовна врска со робинката Еуника. По повод враќањето на Нерон се приредува раскошна забава со многу жени, но Винициј со гадење го отфрла таквиот живот. Еден ден, во домот на Винициј доаѓа Хилон, кој му кажува каде живее Лигија. Винициј наредува да го камшикуваат Хилон, а потоа ги посетува апостолите Петар и Павле, барајќи дозвола да се ожени со Лигија со ветување дека ќе го прифати христијанството. Тие ја повикуваат девојката и потоа ги благословуваат вљубените.Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 197-237. 14-21 глава: Нерон го напушта Рим и заминува на одмор во Анциум, придружен од најугледните римски големци меѓу кои се наоѓаат и Петрониј и Винициј. Раскошната поворка ја дочекува многуброен народ, а меѓу присутните се и Лигија и апостолот Петар, кој сака лично да го види царот. Заедно со Винициј, во Анциум доаѓа и апостолот Павле, кој му го објаснува христијанското учење и најпосле, Винициј цврсто решава да стане христијанин. Еден ден, Винициј накратко оди во Рим за да ја види Лигија и во миговите на најголемата радост кај него се јавува претчувство дека на Лигија ѝ се заканува некаква опасност. Во Анциум, Петрониј го убедува Нерон да му дозволи на Винициј да се ожени со Лигија. Во тој миг, од Рим пристига гласник со веста дека во градот избувнал голем пожар. Винициј веднаш заминува во Рим, каде успева да се пробие до куќата во која живее Лигија, но таму нема никој. Додека се пробива низ огнот и чадот, тој се онесвестува, но го спасуваат некои работници, а кога се освестува, од Хилон дознава дека Лигија успеала навреме да се засолни надвор од Рим.Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 294-346.

Книга трета 1-12 глава: Рим е целосно уништен од пожарот при што има многу жртви, а во градот владеат очај, грабеж и насилство. Хилон го води Винициј во подземјето во близина на гардот, каде се собрани христијаните, а оттаму Петар го води кај Лигија која е засолнета во скромна куќарка. Таму, апостолот Петар го крштева Винициј, кој конечно ја прифаќа христијанската вера. Во меѓувреме, вечерта во Рим пристига Нерон за да се восхитува на глетката, пеејќи свои творби пред дворјаните и угледните луѓе. Меѓутоа, во градот постои опасност од бунт на незадоволниот народ кого Петрониј успева да го смири ветувајќи му леб и игри. Сепак, сакајќи да им се одмазди на Винициј и на Лигија, Помпеа го наговара Нерон да ги обвини христијаните за пожарот, а во тоа ѝ помага Хилон, кој искажува најтешки клевети против нив. Петрониј се труди да го разубеди Нерон и така да ги спаси Винициј и христијаните, но не успева и паѓа во немилоста на Нерон. Тогаш, Петрониј го предупредува Винициј за опасноста, но тој не успева да ја спаси Лигија, која е затворена. Истовремено, низ Рим се шират повици за одмазда против христијаните, а војската спроведува голема потера по нив. Винициј и Петрониј се обидуваат на сиет начини да ја ослободат Лигија, но без успех. Тогаш, очајниот Винициј го пронаоѓа апостолот Петар, кој се моли за спас на Лигија. Еден ден, Винициј случајно го среќава Хилон, кој во меѓувреме станал дворјанин, и сфаќа дека тој е предавникот. Лигија, пак, зацврстена во христијанската вера, без страв ја прифаќа неизбежната смрт. И додека Лигија лежи тешко болна во затворот, Петрониј ја моли Попеа за помош. Во меѓувреме, Нерон издава наредба да го убијат малолетниот син на Попеа од нејзиниот претходен брак.Henrik Sjenkjevič, Quo vadis? (treće izdanje). Subotica-Beograd: Minerva, 1960, стр. 349-429. 13-25 глава: По обемните подготовки, најпосле започнуваат игрите во амфитеатарот во кој е присутна многубројна публика, составена од Нерон со дворјаните, угледните римски граѓани и широките народни маси, а тука се и Хилон, Петрониј, Винициј, како и апостолот Петар, кој е преправен во роб. Игрите започнуваат со борбата меѓу гладијаторите, а потоа ги изнесуваат христијаните. И додека ѕверовите ги растргнуваат заробените христијани, тие заеднички се молат, пеејќи и славејќи го Христос, а за тоа време Петар ги благословува жртвите.