250п|мини|десно|Поглед кон долината на Бозовска река, Горна Лешница, меѓу Среден Камен и Плат Шар Планина или скратено Шара ( ) — еден од најголемите и највисоките планински масиви во Македонија.„Шар Планина“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик Сместена е во северозападниот дел на земјата, на границите со Косово и Албанија. Нејзин највисок врв е Титов Врв – 2.748 м.

Голем дел од планинскиот масив во Македонија е сместен во најновиот национален парк „Шар Планина“, прогласен на 30 јуни 2021 година.

Географски одлики

Шар Планина зафаќа површина од околу 1.600 км2. Нејзината должина изнесува околу 76 км, а широчината варира од 10 до 25 км. 56,25% од самиот масив ѝ припаѓа на Македонија, 43,12% на Србија, односно Косово, а останатиот дел од 0,63% на Албанија.

Шара го зафаќа крајниот северозападен дел на Македонија. Шарпланинскиот масив се протега во правец североисток - запад - југозапад. Започнува од реката Лепенец и Качаничката Клисура на североисток, на исток границата е определена со Полошката Котлина, на југозапад Штировичката Река и изворите на Радика, на југ изворот на реката Вардар – Вруток, а на запад - надвор од територијата на Македонија, со Сириничката Жупа, реката Призренска Бистрица и нејзината долина, и жупите Гора и Ополе во Косово; додека пак, во Албанија се простира од планината Калабак до Шерупа.

Шарпланинското било е благо наведнато, заокружено, добар дел рамно, а понекаде и слегнато. Гледано од рамнината, Шар Планина има изглед на питома, лесно браносана планина, со средна висина. Меѓутоа, сепак, таа е релативно висока планина, која освен со чудесните богатства кои ги поседува, привлекува и со грамадноста на својата маса. Општиот изглед на Шара најсилно е изразен од југоисточната страна, каде што над тетовската котлина планината се издига до релативна височина од 2125 м. Врвот Љуботен зазема најистакната положба на целото шарпланинско било, а највисок е врвот Титов Врв – 2.748 м. Нејзин дел се и две големи и пространи висорамнини - Враца и Рудока.

Таа припаѓа на областа која е наречена токму по неа – Шарската област, и тоа во внатрешната зона (во која уште влегуваат планините: Бистра, Стогово, Караорман и Галичица).

Настанок Шар Планина настанала за време на алпиското набирање во текот на терциерот. Во геолошката градба на планината преовладуваат палеозојски шкрилци, варовници и доломити. За време на дилувиумот таа била зафатена со активна глацијација, така што во нејзиниот релјеф денес се среќаваат повеќе циркови, валови и моренски материјал.

Врвови

Најпознати врвови на Шара се: Титов Врв (2747 м), Мал Турчин (2702 м), Бакрдан (2700 м), Љуботен (2499 м), Ливадица (2491 м), Кучинагледски Врв - Пирибрег (2524 м), Езерска Чука (2591 м) Езерски Врв (2582 м), Чаушички Врв (2363 м), Бистрица (2640 м), Црн Врв (2580 м), Вртоп (2555 м), Кобилица (2526 м), Големо Шилиџе (2502 м), Караникола (2479 м), Караташ (2478 м), Скакало (2494 м), Голем Срт (2520 м), Врчик - Плоча (2467 м), Церипашина (2525 м), Карабунар (2565 м), Син Врв (2550 м), Казани (2567 м), Џинибег (2610 м), Трпезница (2590 м), Бориславец - Брустовец (2675 м), Расенгул (2383 м), Лера (2197 м) итн.

Клима Што се однесува до климата, на Шар Планина постои интересно климатско обележје кое се одликува со разновидни микро и макро климатски варијации и во кое метеролошките елементи имаат свој специфичен дневен и годишен од. На Шара претежно се јавува планинската клима. Средната годишна температура е значително ниска, а дневното и годишното температурно колебање е намалено и доста ублажено. Според податоците со кои располагав, Попова Шапка има 5,3 °С средна годишна температура и таа е за 6 °С пониска отколку средната годишна температура на Тетово. Поради големата радијациона моќ на снегот, којшто долго е присутен во зимските и пролетните месеци, воздухот е изложен на интензивно ладење. Чести се и таканаречените инверзии на воздухот, односно температурата со височината не опаѓа, туку расте. За време на инверзија, просечно, температурата на Шара е за 5 °С повисока отколку Полог.

Просечната годишна количина на врнежи, мерена на подрачјето на Јелак и Шапка изнесува преку 1200 мм. Снежната покривка се јавува во просек од октомври и непрекинато трае до април, на повисоките места и до мај и јуни, а постојат и места кај кои снегот се задржува преку целата година. На Попова Шапка, просечната височина на снежната покривка во текот на скијачката сезона изнесува 100 – 150 см, а просечниот број на денови со снег на овој туристички центар, во текот на годината, е 135 дена, што е одличен услов за развој на зимскиот туризам. Снежните лавини се ретки, но не и целосно исклучени.

На Шар Планина преовладуваат ветрови главно од западен, југозападен и југоисточен правец. На терените и висорамнините кои се опколени со повисоки врвови, брзината на ветровите е значително намалена во однос на самите врвови, каде дуваат ветрови со голема брзина, особено во зимските месеци. Во поглед на развојот на зимскиот туризам, ветровите негативно влијаат бидејќи ја разнесуваат снежната покривка. Многубројните врвови кои ги затскриваат падините ја намалуваат нивната брзина, а со тоа се овозможува и подолго задржување на снегот.

Хидрологија Шара е богата со вода, а тоа го потврдуваат 27 планински езера, 100 поголеми извори, изворишта над 25 поголеми планински реки.

Реки и извори На Шар Планина има огромен број на извори, a најзначајни се изворите на тетовска Пена. Како најатрактивни може да се сметаат изворите на Камењанска Река кои сочинуваат систем од 8 извори; целата широчина на извориштето изнесува 28 м, кои се наоѓаат на надморска височина од 2100 м. Сепак, најпрочуен и најсилен и изворот на реката Вардар - Вруток. (700 м н.в. и 50 м ширина).

Пена е најголема шарпланинска притока на Вардар. Нејзината должина изнесува 29,7 км. Други поголеми реки на Шара се: Бистрица (Теаречка), Беловишка Река, Поројска Река, Маздрача, Лешничка, Караниколска, Бродечка, Врапчишка, Љуботенска, Боговинска, Речичка, Вратничка (Ракита), Камењанска и други.

На Шара се застапени и минералните извори, кои се најмалку искористено шарско богатство. Најголем број на извори со кисела минерална вода има над селото Голема Речица. Извори на минерална вода има и кај селата Долно Палчиште, Непроштено и Лешок. Секако, неизбежно е да не се спомене и бањата Хисар, која мештаните ја нарекуваат Бањиче. Оваа бања се наоѓа во непосредна близина на Тетово, веднаш над тетовската хидроцентрала, во клисурата на реката Пена. Во самата месност на бањата се наоѓаат 5 извори на минерална вода, а тука се наоѓа и најстудениот шарпланински извор на минерална кисела вода.

Водопади Најпознат и најголем водопад е тој на Беловишка Река кој има пад од 43 м. Втор е водопадот кај Лешница со пад од 25 м во близина на Титов Врв. Во Кривошијскиот предел се наоѓаат Кривошијскиот Водопад, како и Кривошијските Кади. Значајни за споменување се и водопадите на Камењанска Река.

Езера

Во Република Македонија има 25 од вкупно 39 планински леднички езера на планината.

Најголемо е Боговињското Езеро, кое се наоѓа во близина на врвот Бориславец; се наоѓа на 1936 м н. в., има површина од 66.800 м2, ширина од 225 м, должина од 452,5 м, длабочина од 4,5 м, а при намален водостој, длабочината се намалува до 2,2 м. Се наоѓа во пределот наречен Мала Смрека. Езерото добива вода од неколку извори. Има кривулести и рамни брегови, а лежи во карпест базен. Некогаш, езерото било двојно поголемо, но неговата површина се намалила постепено со таложење на нанос.

Второ е Црното Езеро, се наоѓа на 2.122 м н.в., има обем од 825 м, зафаќа површина од 33520 м2, долго е 248, а широко 185 м. Се наоѓа во карпест базен, со ниски и проодни брегови и мирни линии, со исклучок на северниот дел. На западниот брег има изградено бачило, и поради тоа, овој брег е нечист и каллив. Ова езеро е подлабоко и од Боговинското.

Трето е Караниколичко Езеро или познато и како Голем Ѓол. Toa е едно од поизразитите езера на Шара, и се наоѓа на караниколскиот простор на н.в. од 2.180 м. Има површина од 26 240 м2, долго е 290, широко 115, а длабоко 5,5 м. Има обем од 675 м. Обликот му е елипсовиден, има два стрмни брега (источниот, кој е кривулест, и западниот, кој е праволиниски), а другите два брега му се благи.

На Косовска страна најпознати се Ливадичкото Езеро (2173 м) во близина на врвот Ливадица, Јажиначкото езеро (2180 м) во близина на врвот Езерска Чука, Големото Езеро (2400 м) во близина на врвот Бистрица и др.

Флора и фауна Шарпланинскиот масив е окарактеризиран со богата флора и фауна. Од шумските богатства, на Шара се застапени неколку видови шуми. Регионот на листопадна вегетација се простира во пониските делови и зафаќа околу 60% од падината. Овој регион е сочинет најмногу од дабова, букова и костенова шума. Буковите шуми зафаќаат површина од околу 3000 ха. Костеновата шума ја има до 1200 м надморска висина. Дабовата шума е поретка од другите и за неа нема бројчени податоци. Земено во целина, листопадната вегетација, освен преку високи дрвја, е претставена и со грмушки и жбунови.

Над листопадниот појас е распространета релативно тесна зона на четинари. Во оваа зона најмногу се застапени високата ела и смреката. Денес, за разлика од некогаш, елата е многу потисната од смреката. Високопланинските пасишта зафаќаат површина од околу 45000 ха. Разбирливо, тие се распространети над зоната на четинари. Шар Планина е наша најбогата планина со трева, којашто расте дури и до највисоките делови на планината. Застапеноста на густата, разновидна и сочна трева е предуслов за развој на сточарството, особено на овчарството. Од цветната флора, на Шар Планина најмногу е застапен енцијанерот.

Застапеноста на фауната е исто така голема со над 44 видови на дивеч, за што најзаслужни се природните фактори, како и слабата населеност. Од животинскиот свет, издвоени се следните видови: Рисот, кој денес е природно редок на Шара. Живее само во високите шумски делови и спаѓа во штетен дивеч, бидејќи го уништуваат корисниот дивеч, особено зајакот. Волците, на поголема висина, во лето и есен, се редовни „придружници“ на стадата овци. Во зима слегуваат во пониските делови и околу селата во потрага по храна. Мечките на Шар Планина живеат далеку од населбите во густи шуми, а повремено ги напаѓаат домашните животни. Нивни постојани живеалишта се шупливите дрвја, јамите и пештерите обраснати со трева. Дивите свињи се ретки на Шара, а исто како и волците, и тие во зима се спуштаат во пониските предели, барајќи суви лисја и желади. Срните, во лето се движат во повисоката планинска зона бидејќи се хранат со трева. Во зима бараат засолниште под разгранетите дрва и вдлабнатините под карпите. Дивокозите можат да се видат во високите и тешко достапни предели на Шара. Неретко, тие образуваат и групи од по 15-тина грла. Во зима се кријат во буковата шума, и во недостаток на трева, се хранат брстејќи од младите дрва и гранки. Вреди да се спомене и дека постои карпа во подножјето на Љуботен, која го добила името по дивите кози кои често шетаат во пределот околу карпата. Оваа карпа е наречена Козја Карпа или народски, Козја Стена.

Од поситна дивеч на Шара се среќаваат лисици, куни, верверички, зајаци, диви мачки и јазовци. Од птиците, за споменување е присуството на орлите, соколите и јастребите. Во шумите живеат и славејот, ластовицата, гавранот, свраката и др. Зборувајќи за шарпланинскита фауна, неизбежно е да не се потенцира и шарпланинецот, кој е ендемски вид и гордост на Шар Планина и Македонија. Ваквите одлики на растителниот и животинскиот свет се важен фактор за привлекување на туристи. Живописните шумски пејзажи и присуството на богатите видови дивеч го привлекуваат секој љубител на природата и спортот да ги посети шарските предели.

Бидејќи од косовска страна е прогласена за нацонален парк, во тој дел најзаштитени се: Мешовитите листопадни шуми и камењари во клисурата Русеница - кој е дом на балканскиот рис (Lunx Lunx Bacanicus); Попово прасе - чисти или мешани шуми на црн бор;