Ѓорге Иванов (р. во Валандово) — македонски политичар, универзитетски професор и поранешен Претседател на Македонија во периодот од 2009 до 2019 година. На функцијата стапил на 12 мај 2009 откако победил на претседателските избори истата година како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а за втор мандат бил избран во 2014 година. Претходно бил професор по право и политикологија на Правниот факултет „Јустинијан I“ во Скопје. Иако во младоста се интересирал за технички науки, завршил право на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Извесно време работел како новинар во МРТ, а бил и член на подмладокот на Сојуз на комунистите на Југославија. Во 1998 станал професор на Правниот факултет во Скопје, а ја извршувал и функцијата продекан на факултетот во еден мандат. Пред да стане претседател, имал левичарски убедувања и бил активен во невладиниот сектор како член на управниот одбор во фондацијата Отворено Општество.
За време на претседателските избори во 2009, Иванов добил поддршка од повеќемина јавни личности од академската, политичката, културната, и спортската фела. На неговата прва инаугурација присуствувале претседателите на Србија, Хрватска, Албанија, и Црна Гора. Имал затегнати односи со косовскиот претседател, поради промена на поканата од официјална во работна. Во 2014 освоил втор претседателски мандат, но не бил признат од СДСМ поради обвинувања за изборен фалсификат и од ДУИ поради немање поддршка од Албанците во Македонија. За време на вториот мандат ги заладил односите со ЕУ и Германија, обвинувајќи ги за неажурност во справувањето со европската мигрантска криза. Неговата одлука во април 2016 за општа аболиција на сите осомничени од страна на СЈО ја предизвикало Шарената револуција, повеќемесечни протести низ повеќе градови во Македонија против претседателскиот акт. Одлуката ја повлекол во јуни, но ги обвинил опозицијата и странските амбасадори за внесување на земјата во политичка криза.
Ран живот и новинарска кариера Иванов е роден во Валандово, на 2 мај 1960 година. Во раните денови повеќе го интересирале техничките науки и електрониката, но по завршувањето на основното и на средното образование во Валандово, ги започнал студиите по право на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. За време на студиите започнал со политички активизам во либералните, реформски младински организации - отворајќи прогресивни теми во списанијата „Млад борец“, „Студентски збор“ и „Младински форум“. Дипломирал на Правниот факултет во 1982 година. На 27-годишна возраст трајно се преселил во главниот град.
Во 1988 година, почнала неговата седумгодишна новинарска кариера во Македонската радио релевизија, каде што напредувал до позицијата уредник на третата програма во Македонското радио. Во текот на новинарската кариера, бил активен во напорите за реформирање на политичкиот систем. Бил член на претседателството на Сојузот на социјалистичка младина на Југославија пред распадот на поранешната држава, заедно со Бранко Азески. Со распадот на еднопартискиот систем, активизмот на Иванов во младинските движења бил насочен кон промовирање на политичкиот плурализам и на пазарната економија. Оваа активност ја продолжил и на универзитетот, на кој почнал со работа во 1995 година.
Академска кариера Иванов магистрирал политички науки во 1994 година, на темата „Цивилно општество – новите контрадикторности на старата расправа“. Во 1998 година докторирал на Правниот факултет во Скопје со одбрана на дисертацијата „Демократијата во поделените општества, со посебен осврт на Република Македонија“. Неговиот докторат е насочен кон градењето демократија во поделени општества, конкретно обработувајќи го примерот на Република Македонија.
Својата академска кариера, Иванов ја започнал во 1995 кога бил избран за асистент на Правниот факултет во Скопје. Бил асистент на професорот Љубомир Фрчкоски. Во 1998 година, тој бил избран за доцент на предметите политички теории и политичка филозофија. Во 1999 година, тој бил избран за посетувачки професор на последипломските студии за Југоисточна Европа на универзитетот во Атина. Од 2000 година станал член на Советот на директори на европските последипломски студии за демократија и човекови права на универзитетот во Болоња и координатор на курсот за демократија, што е изведуван на универзитетот во Сараево. Во 2001 година, тој станал раководител на политичките студии при Правниот факултет во Скопје. Во 2002 година, тој бил избран за вонреден професор, а во 2008 за редовен професор. Од 2004 до 2008 бил продекан на Правниот факултет. Во 2008 година станал претседател е на Одборот за акредитација на високото образование на Република Македонија.
На политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Иванов работел на претставување нови научни погледи на политиката меѓу своите студенти. Иванов бил раководител на ТЕМПУС - програмата на Европската Унија за Македонија, воведувајќи реформи во наставната програма и магистерски програми на англиски јазик по европски институции и политики, и политички менаџмент. Како професор престојувал и држел предавања на повеќе странски универзитети и учествувал во меѓународни проекти.
Професорот Иванов е меѓу соосновачите на првото македонско списание за политичка наука – Политичка мисла. Тој е основач и на првата политолошка струкова асоцијација во независна Македонија. Иванов е и еден од основачите на Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество, реномиран аналитички центар во Македонија кој помогнал да се обликува македонската политичка сцена. Негов специфичен академски интерес е милет системот на Османлиското Царство. Иако никогаш не бил партиски член, професорот Ѓорге Иванов бил активен во формулирањето на реформската програма на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која го номинирала за претседателски кандидат на изборите во 2009 година.
Политички ставови и кариера Пред претседателските избори во 2009 година, Иванов не бил директно политички активен, но застапувал најразлични политички ставови. Како политички идол го наведува чешкиот драматург и дисидент Вацлав Хавел и неговата Група 77, групата интелектуалци кои го промовирале уривањето на комунистичкиот систем. Во годините на распадот на СФР Југославија, Иванов во Скопје го донел Зоран Ѓинѓиќ, кој подоцна станал жртва во своите обиди да го разбие режимот на српскиот претседател Слободан Милошевиќ.
За време на неговата кариера во невладините организации и академскиот свет, Иванов држел сите партии во Македонија, преку разни програми на странски организации. Иванов првично ја поддржувал левицата, за подоцна цврсто да за почне да ја поддржува конзервативната ВМРО-ДПМНЕ.
Не го поддржувал Охридскиот рамковен договор со кој бил ставен крај на меѓуетничкиот конфликт во Македонија во 2001. Посериозни разидувања со политиките на СДСМ започнал да има во 2004 година. Го критикувал намалувањето на законскиот праг за избор на градоначалници за локалните избори во 2005 година, сметајќи дека новите градоначалници ќе немаат доволен легитимитет. Сметал дека нерешените проблеми го предизвикале референдумот за територијалната организација во 2004 година, и го критикувал односот на СДСМ, политичките елити и странските амбасадори кон него. Исто така, застапувал цврсти ставови во врска со спорот за името со Грција и ја поддржал идејата граѓаните на референдум да се изјаснат по ова прашање. Со СДСМ дефинитивно расчистил во 2005, кога во аферата „Југ“ бил уапсен неговиот брат, кој работел во полициската станица на преминот Богородица.
Во 2006, предупредил дека падот на довербата во институциите на системот може доведе до појава на авторитарни политичари во Македонија. Станал жесток критичар на политиките на тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Името на Иванов за првпат во политичките кругови се спомнува во февруари 2008 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ планирала да го испрати во Атина како шеф на канцеларијата за врски во Република Грција. На ова било реагирано од кабинетот на Црвенковски, според кои, таквото именување би било спротивно на законот за надворешни работи кој бара претседателски указ за ваквата амбасадорска позиција.
Претседателски избори 2009 година На 13 јануари 2009, само неколку часа по предлогот на СДСМ на Срѓан Керим за заеднички кандидат на претседателските избори, на изненадување на медиумите, од ВМРО-ДПМНЕ било официјално објавено дека Иванов ја поднел првата кандидатура за претседател за партиската конвенција. Зад кандидатурата на Иванов, застанале повеќе министри и членови на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Зоран Ставрески, Антонио Милошоски, Ивица Боцевски, Гордана Јанкуловска, како и неколкумина пратеници и истакнати професори. Освен четворицата министри, кандидатурата ја потпишале и Љубиша Георгиевски, Влатко Ѓорчев, Паско Кузман, Владимир Талески, Борис Змејковски, Александар Николоски и Вилма Трајковска. Свои потписи на писмото ставиле и ректорите на скопскиот, битолскиот и штипскиот универзитет Велимир Стојковски, Златко Жоглев и Саша Митрев, потоа професорите Светомир Шкариќ, Гордана Силјановска, Љубомир Кекеновски и Бранислав Саркањац. Иванов тврдел дека и премиерот Никола Груевски го поддржал. Поддршка дале и шест членови на МАНУ (академиците Цветан Грозданов, Блаже Ристовски, Ѓорѓи Ефремов, Томе Бошевски, Гане Тодоровски и Божин Павловски), членови на Друштвото на писатели на Македонија (претседателот Раде Силјан), глумците Игор Џамбазов, Ванчо Петрушевски и Александар Шехтански, оперските пејачи Весна Гиновска-Илкова, Цветан Стојановски, Славица Петровска-Галиќ, Ѓорѓи Цуцковски и Горан Начевски, режисерите Сашо Миленковски и Синиша Ефтимов, виолинистот Михајло Куфојанакис, балетските уметници Бобан Ковачевски, Мирјана Поп-Алексова, ракометарките Индира Кастратовиќ и Валентина Радуловиќ.
Кандидатурата веднаш била поддржана и од ВМРО-ДП. Во вакви услови, Љубе Бошкоски решил дека внатрепатриските извори нема да бидат фер и се решил за независна кандидатура за претседател. По кратки шпекулации дека ДУИ ќе го поддржи Иванов како заеднички кандидат во првиот круг, тие сепак потврдиле дека ќе го кандидираат Агрон Буџаку за претседател. СДСМ, кои во тој момент барале интерпелација на министерот за образование Перо Стојановски, побарале и оставка од ректорите на трите универзитети бидејќи според нив било срамно тие да се потпишат на интерен партиски оглас. Набргу по поддршката од страна на академиците, сите вработени во МАНУ добиле двојно зголемување на примањата.
На 25 јануари 2009 владејачката ВМРО-ДПМНЕ го номинирала Иванов за нивен претседателски кандидат. За него гласале 1.016 делегати од вкупно 1.143 присутни, додека неговиот противкандидат, претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, добил 91 глас. По номинацијата изјавил дека сака да биде кандидат кој ќе обединува. Исто така, освен пратеничките потписи во Собранието, во текот на следните неколку денови за неговата кандидатура се потпишале 23.160 граѓани. Уште утредента, Иванов започнал со средби со Македонската православна црква, Исламската верска заедница и ректоратот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а на 28 јануари се сретнал со Сојузот на стопански комори на Македонија. Следниот дел добил поддршка од Социјалистичката партија на Македонија. За време на кампањата, Иванов изјавил дека, доколку тој стане претседател ќе инсистира на состанок помеѓу него и претседателот на Грција и дека еден од неговите приоритети е решавање на спорот за името со Грција.
Во првиот круг на македонските претседателски избори во 2009 година, Иванов освоил 345.850 гласа (35,04%), а втор бил кандидатот на СДСМ, Љубомир Фрчковски, со 202.691 глас (20,54%). Во вториот круг на изборите, Иванов победил со 453.616 гласа (63,14%), наспроти противкандидатот Фрчковски кој освоил 264.828 гласа (36,86%).