Вај-фај или Wi-Fi (од , безжична веродостојност) — заштитен знак на алијансата за безжично поврзување, кој производителите можат да го користат за обележување на своите сертифицирани производи од класата на WLAN (wireless local area network) односно уреди засновани на IEEE 802.11 стандардите. Поради поврзаноста со овие стандарди, поимот Wi-Fi често се користи како синоним за технологијата заснована на IEEE 802.11стандардите. Wi-Fi алијансата претставува светска непрофитабилна асоцијација на компании кои ја поддржуваат и унапредуваат WLAN технологијата и кои издаваат сертификати за производи кои се во согласност со одредени стандарди за електронска комуникација. Не секојa направа која одговара на IEEE 802.11 стандардот е предадена за тестирање за издавање на сертификат од страна на Wi-Fi алијансата, честопати поради високите трошоци за издавање на сертификатот. Ако некоја направа, односно уред не го носи Wi-Fi логото на себе, тоа не мора да значи дека истиот не во склад со другите Wi-Fi уреди. Од 2010 г. IEEE 802.11 технологијата се вградува скоро во сите лични сметачи, конзоли за видеоигри, smart phone телефони, печатачи и други надворешни единици и буквално во сите лаптоп и хендхелд компјутери.

Користење

Интернет пристап

Wi-Fi уредите како личните сметачи, конзолите за видеоигри, мобилните телефони, MP3 плеери или преносните компјутери можат да се поврзат на интернет ако се во домет на безжична мрежа со пристап до интернет. Покривањето на една или повеќе точки на пристап (кои се меѓусебно поврзани), уште попознати по англискиот термин hotspot, може да зафати површина со големина од неколку соби до неколку квадратни километри. Покривањето на поголема површина може да се изведи со група од повеќе точки на пристап чии сигнали ќе се препокриваат. Wi-Fi технологијата се користи за градење на таканаречена мрежа од безжични мрежи (анг. Wireless mesh networks) како, на пример таа во Лондон, Англија. Покрај употребата за градење на приватни мрежи по домовите и канцелариите, Wi-Fi технологијата се користи и кај пристапните точки (англ. hotspots) за доделување на јавен пристап до интернет, бесплатно или со претплатување кај разни комерцијални услуги. Организациите и фирмите, како тие што управуваат со аеродроми, хотели и ресторани, често имаат бесплатни пристапни точки за да ги привлечат или да му помогнат на своите муштерии. Властите или поединци кои сакаат да обезбедат услуги или да го промовираат својот бизнис, често нудат бесплатен Wi-Fi пристап. Од 2008 г. па наваму започнати се повеќе од 300 проекти (познати како Muni-Fi) низ целиот свет, за изградба на Wi-Fi мрежи на ниво на цели градови. Во мај 2008 г. Чешката Република имала 879 Wi-Fi услужници на безжичен интернет. Насочувачите со Wi-fi поддршка кои имаат и вграден модем за дигитална претплатничка линија (анг. digital subscriber line modem) или кабловски модем, често се поставени по домовите или други простории и нудат интернет пристап и работење во мрежа на уредите кои се поврзани со нив, преку Wi-Fi или со кабел. Исто така Wi-Fi уредите можат да се поврзат во директна клиент-клиент врска во ad hoc режим на работа без посредство на насочувач. Преку Wi-Fi денес се овозможува интернет пристап и до тоалети, кујни, па дури и дворски шупи, места кои порано биле изоставени од ваквата технологија.

Wi-Fi на ниво на градови

Од 2000 година, многу градови низ светот објавија планови за изградба на Wi-Fi мрежи на ниво на целиот град. Но ваквите проекти се покажаа многу потешки за реализација од колку нивната првична замисла и како резултат на ова многу од нив беа откажани или одложени на неопределен рок.

Директна комуникација меѓу два компјутери

Wi-Fi технологијата исто така овозможува директна комуникација меѓу два или повеќе компјутери без посредство на точка на пристап. Ваквото поврзување се вика ad hoc режим на пренос на податоци преку Wi-Fi. Ваквиот ad hoc режим на поврзување се покажа доста популарен кај конзолите за видеоигри кои поддржуваат вклучување на повеќе учесници, како на пример Нинтендо ДС. Слично на ова, Wi-Fi алијансата ја поддржува таканаречената Wi-Fi Direct технологија, која е сè уште во развој, и која користи нови методи на пронаоѓање и безбедност при пренесување на податоци.

Идни текови

Од 2010 година, Wi-Fi технологијата широко се распространи низ сите индустриски и бизнис центри во светот. Во областа на бизнисот, како и во другите, зголемениот број на Wi-Fi точките на пристап предизвика преклопување на многу мрежи, поддршка за побрз роаминг и зголемување на капацитетот на мрежите преку користење на повеќе канали или создавање на помали ќелии. Wi-Fi технологијата овозможува и користење на програми за гласовна комуникација преку безжична мрежа (VoWLAN или WVOIP). Со текот на годините примената на Wi-Fi се движеше кон создавање на помали точки на пристап, со повеќе интелигенција програмирана во централниот комуникациски уред и доделување на улога на обични радија на поединечните уреди. За работа на отворено можат да изградат мрежа во која сите точки се меѓусебно поврзани. Од 2007 г. па наваму, Wi-Fi уредите нудат и сигурен gateway на компјутерските мрежи, огнен ѕид, DHCP опслужувач, системи за обезбедување и други функции.

Во минатото

Wi-Fi користи SC-DSSS (анг. single carrier direct-sequence spread spectrum) технологија која е дел од поголемата фамилија на SS (spread spectrum) системи и MC-OFDM (анг. multi-carrier orthogonal frequency-division multiplexing) технологија на радио пренос. Ослободувањето на одредени радиочестоти, за слободно користење, ја овозможија појавата и развојот на Wi-Fi уредите, како и на другите безжични технологии како блутут, безжичните фиксни телефони и еднократниот конкурент на Wi-Fi технологијата, HomeRF. Во САД, Федералната комисија за телекомуникации дозволи слободно користење на дел од честотниот спектар, со ново донесените правила на 9 мај 1985 година. Многу други земји подоцна го следеа овој пример, со што денес се овозможува употреба на неколку комуникациски технологии низ целиот свет. Дозволата која ја издаде Федералната комуникациска комисија во САД беше заснована на предлогот на Мајкл Маркус, член на оваа комисија, уште од 1980 година и требаше цели 5 години на истата за да стапи во сила. Тој предлог беше дел од поголем предлог за да се дозволи слободна употреба на честотниот спектар од страна на граѓаните и истиот тој предлог, во тоа време, беше оспоруван од страна на големите производители на електронска опрема и комуникациските регулатори. Зачетоците на Wi-Fi технологијата се уште од 1985 г. кога Федералната комисија за телекомуникации на САД, дозволи слободно користење на неколку честотни појаси. Во 1991год. NCR корпорацијата и ATиT ( NCR Corporation и AT&T) односно денешните Лусент Технолоџис и Агер Системс (Lucent Technologies и Agere Systems) го создадоа претходникот на денешниот Wi-Fi систем во Нејвеген, Холандија. Овај систем бил создаден за комуникација со системи на фискални каси; Првите безжични уреди се појавија на пазарот под англиското име WaveLAN и развиваа брзина на пренос од 1 Mbit/s до 2 Mbit/s. Вик Хејс, кој беше директор на IEEE 802.11 цели 10 години и подоцна беше именуван како „таткото на Wi-Fi технологијата” беше дел од дизајнерскиот тим кој ги создаде IEEE 802.11b и 802.11a стандардите Поголем дел од IEEE 802.11стандардите врз кои се заснова Wi-Fi технологијата (во својата a, g и варијантите на n генерацијата), според одлуките на судот, биле засновани на патентот 5,487,069 кој бил регистриран во САД во 1993 година, од страна на CSIRO, Австралиско истражувачко тело. Овај патент стана причина за судски спор кој ова тело го поведе против поголемите производители во компјутерската индустрија. Во 2009 година CSIRO потпиша договор под доверливи услови со 14 компании, меѓу кои Hewlett-Packard, Intel, Dell, Toshiba, ASUS, Microsoft и Nintendo. Приходот на оваа групација до октомври 2009 година порасна до 200 милиони австралиски долари, како последица на овие договори. Европа води во прифаќањето на безжичната телефонија, но САД моментално води употребата на Wi-Fi технологијата, поради тоа што во САД лаптоп компјутерите, кои имаат вграден Wi-Fi адаптер, почесто се користат. Во јули 2005 година имаше 68,643 Wi-Fi локации низ целиот свет, од кои повеќето беа во САД, потоа втори на листата Беа Обединетото Кралство и Германија. Сад и Западна Европа го сочинуваа скоро 80% од сите Wi-Fi корисници во светот. Во изработка се планови за во САД да се обезбеди јавен Wi-Fi пристап како бесплатен јавен сервис. Но и покрај ваквите бројки, кои денес се далеку поголеми, користењето на Wi-Fi технологијата сè уште е мала. Тогашната компанија Јупитер Рисерч (Jupiter Research) објави статистички податоци кои покажуваат дека само 15% од луѓето некогаш се поврзале на Wi-Fi сигнал и дека само 6% се поврзале на сигнал на јавно место.

Издавање на Wi-Fi сертификат

Wi-Fi технологијата е основана врз IEEE 802.11 стандардите. IEEE ги развива и објавува овие стандарди, но не врши тестирање и сертифицирање на опрема од таков тип. Непрофитабилната Wi-Fi алијанса која беше формирана во 1999 г. ја извршува оваа функција – да ги воведува и спроведува стандардите за интерфункционалнист и ретро складност и да ја унапредува технологијата на безжичните мрежи (WLAN). Во 2009 г. Wi-Fi алијансата се состоеше од повеќе од 300 компании од целиот свет. Производителите - членови на Wi-Fi алијансата, чии производи го поминале процесот на тестирање за издавање на сертификат, добиваат право да ги обележат своите производи со Wi-Fi логото. Тестирањето за издавање на сертификат бара од уредите да бидат во склад со IEEE 802.11 стандардите за радио комуникација, безбедносните стандарди WPA и WPA2 и EAP стандардот за докажување на автентичност. Тестирањето, по барање, може да вклучува и проверка на складност со IEEE 802.11 нацрт стандардите, паралелна работа со мобилната телефонија кај уреди кои ги вклучуваат и двете технологии.

Името Wi-Fi

Името Wi-Fi е кратенка од англискиот израз Wireless Fidelity (мак. Безжична Веродостојност), кој потсеќа на стариот израз за класификација на аудио опрема, Hi-Fi (кратенка од анг. High Fidelity - мак. Висока Веродостојност) кој се користи од 1950 г. Дури и Wi-Fi алијансата често го користи изразот Wireless Fidelity во своите дописи и документи; истиот термин се среќава и на документите на Американската асоцијација за информатичка технологија. Како и да е, терминот Wi-Fi, според изјавата на Фил Белинџер, никогаш не ни требало да значи нешто. Терминот Wi-Fi беше искован од страна на фирмата за развој на брендови „Интербренд корпорејшн“, која била најмена од страна на алијансата да направи име кое ќе биде помилозвучно од името на стандардот на IEEE. Белинџер исто така изјави дека фирмата „Интербренд“ го создале името Wi-Fi од Hi-Fi како во игра со зборови и дека го исковале Wi-Fi логото според знакот на Јин и Јанг. Изразот Wireless Fidelity подоцна беше искористен за да се објасни значењето на терминот Wi-Fi. Првично, Wi-Fi алијансата го користеше слоганот „Стандардот за Безжична Веродостојност“ (анг. The standard for Wireless Fidelity) во своите маркетиншки акции, но подоцна го изостави истиот. Но и покрај тоа, некои документи издадени од алијансата во 2003 и 2004 г. го носеа изразот Wireless Fidelity во себе. Алијансата никогаш официјално не се откажа од овај термин. Сличноста на логото со знакот на Јин и Јанг ја симболизира кофункционалноста на производот со другите уреди.

Предности и предизвици

Функционални предности

Wi-Fi технологијата овозможува изградба на мрежи без употреба на кабли за порвзување на клиентите и со тоа ги намалува трошоците за изградба и проширување на истите. Местата, како простори под отворено небо и историски градби, каде што порано не било возможно да се пушти кабел, сега се покриени со безжични мрежи.