Мануил I Комнeн (грчки: Μανουήλ Α' Κομνηνός, 28 ноември 1118 - 24 септември 1180) — византиски цар од династијата Комнини кој владеел од 1143 до 1180 година. За време на своето владеење, како и Јустинијан I се обидел да ги освои деловите на бившото Западно Римско Царство.J. Norwich, Byzantium: The Decline and Fall, 112-113
Желен да го обнови неговото Царство на неговата мината слава како супермоќ во Средоземниот свет, Мануил водел енергична и амбициозна надворешна политика. Во тој процес тој направил сојуз со Папата Адријан IV и заживеаниот Запад, го нападнал норманското Кралство Сицилија, иако неуспешно, умешно го раководел преминот на крстоносците од Втората крстоносна војна низ неговото Царство, и воспоставил византиски протекторат над прекуморските крстоносни држави. Соочувајќи се со муслиманските напредувања во Светата земја, тој имал заедничка цел со Кралството Ерусалим и учествувал во заедничката инвазија на Фатимидскиот Египет. Мануил ја преобликувал политичката карта на Балканот и источното Средоземје, ставајќи ги Унгарија и крстоносните држави под византиска хегемонија и вршел агресивни кампањи против неговите соседи на запад и исток. Сепак, кон крајот на неговото владеење достигнувањата на Мануил на истокот биле загрозени поради сериозниот пораз во Битката кај Мириокефалон, која во голем дел резултирала поради неговата арогантност кога ги нападнал добро бранетите селџучки позиции. Иако Византијците се повратиле кај Битката кај Хиелион и Лемошеир и Мануил склучил поволен мир со султанот Килиџ Арслан II, Мириокефалон се покажал како конечниот, неуспешен обид на Царството да ја поврати внатрешноста на Анадолија од Турците.
По смртта Мануил бил наследен од неговиот син Алексиј (1180-1183), но набрзо потоа Византија била зафатена од граѓанска војна која на крајот довела до мешање со крстоносците и првиот пад на Цариград и на падот на Византија во 1204 години.
Внатрешна политика Западното влијание и татковата политика Постарите синови на Јован, Алексиј и Андроник, умреле од епидемија уште во 1042 г. Според неговата последна желба, царска круна ја наследил четвртиот и најмлад син Мануил. Мануил I се истакнал како владетел со големи и многукратни способности. Бил храбар војсководец и уште повешт димпомат и државник со смели и далекусежни идеи. Тој бил вистински Византиец, проникнат од идејата на универзалното царство и со страста за теолошки дискусии, а воедно бил и витез од западен ков. Мануил претставувал нов тип византиски владетел. Од него се гледало колку силно дејствувал на византискиот живот допирот со крстоносците. Мануил ги сакал западните обичаи и ги воведувал на својот двор, а и двата негови браќа со западните принцези придонеле за продирањето на западните навики во Византија. Во Влахернскиот дворед, дворецот на Комнини, завладеала лесна и ведра атмосфера. Ја немало веќе познатата источна величествена церемонијална притеснетост којашто некогаш ги опкружувала византиските цареви на Големиот дворец на Златниот Рог, туку се одомаќила нова витешка елеганција од западен тип. Приредувани биле витешки турнири во кои учествувал и самиот цар што на Византијците претставувало необична и непријатна глетка. Странците од Запад играле сè поголема улога во Царството и заземале високи позиции, на големо незадоволство на неговото население.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 457.
Несомнено, личните склоности на Мануил влијаеле на неговата политика. Во својот занес тој се впуштал во пресмели потфати, какви што неговиот татко знаел мудро да ги избегне, но тоа не значи дека може да се говори за начелна спротивност меѓу западната ориентација на неговата политика и политиката на Јован II, претежно ориентирана спрема Исток. Во центарот на вниманието се наоѓал византиско-норманскиот антагонизам и од промената на самата политичка ситуација и од реалниот однос на силите било условено тоа што Јован II на тој проблем му пришол од антиохиска, а Мануил од италијанската страна. Мануиловата западна ориентација не била плод на неговиот карактер туку нужност којашто му ја наметнал развојот на настаните на самиот Запад. Почнала епохата кога државите групирани околу Средоземното Море воделе општа европска политика. Како средоземна сила Византија не можела да остане настрана. Мануил активно се вмешал во таа политика, истакнувајќи ги, во согласнот со византиските традиции, универзалните претензии на своето Царство. Желбата за воспоставување светско владеење била прастар стремеж на Византијците која ниту на внимателниот цар Јован II не му била туѓа. Во суштина на Мануиловата програма не се разликувала од Јовановата. Нивните крајни цели биле исти. Судбоносната грешка на Мануил било тоа што тој претерал и преминал од желба на дело, не водејќи сметка за реалните можности.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 457-458.
Стратиотски систем Јован II се обидел врз нова основа да го воспостави системот на стратиотски имоти којшто бил подлога на некогашната византиска моќ. Совладувајќи ги Печенезите, тој заробениците ги населил по византиските провинции како војници, а по победата над Србите во никомедиската област ги населил заробените Срби, дел како војници, дел како селани, доделувајќи им земја и обврзувајќи ги на извршување воена должност, односно на плаќање даноци. Мануил I го прифатил татковиот пример. И тој ги населувал српските војници по византиските провинции, кај Сердика и на други места. Според договорот со Геза II, Мануил задржал десет илјади унгарски заробеници, секако со намера и нив да ги искористи како стратиоти. Создавањето на нови стратиотски имоти и населувањето на нови стратиоти, па и туѓинци, во извесна мера значело враќање кон моќната воена организација од средновизантиската епоха. Интересно било што за таа цел, како и во VII век, и сега во голема мера биле ползувани Словените. Меѓутоа, со населувањето само на странските заробеници оваа организација не можела вистински да се обнови. Затоа за времето на Мануил особено зело замав доделувањето пронија со обврска за вршење воена служба. Се случувало земјиштето, заедно со населените парици, да им биде давано како пронија и на странските великодостојници.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 470-471.
Велепоседништво Владата на военото благородништво го поддржувала велепоседништвото, особено световното. Со хрисовулата од март 1158 г. Мануил им забранил на манастирите во Цариград и во неговата околина зголемување на земјишните поседи. Истовремено било забрането и отуѓувањето на подареното земјиште, освен во полза на лица од сенаторски сталеж, т.е. на прониерите, и оваа карактеристилна одлука била повторена и во една подоцнежна наредба. Без сомнение царот Мануил не бил непријател на манастирите. Тој на манастирите свеченоо им ги потврдил сите нивни поседи и покрај тоа им подарил мошне широки права на имунитет. Меѓутоа, соочен со старото соперништво меѓу црковното и световното велепоседништво, тој застанал на страната на световното и одлучно ги фаворизирал световните магнати и прониерите, последните, секако, најмногу.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 471-472.
Војска Покрај прониерите во византиската војска и натаму имало многу наемници, па и давачките што биле барани за издржување на војската биле поголеми од било кога и да е. Бидејќи државните средства биле недоволни на војниците им било препуштено сами да ги задоволуваат своите потреби на сметка на населението. „Жителите во внатрешноста“, вели Никита Хонијат, „поднесуваа голема штета од ненаситната лакомост на војниците коишто им ги одземале не само парите туку и последната кошула“.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 472.
Војниците биле господари во државата. Во споредба со времети пред Комнини ситуацијата од корен се изменила. Во времето на владеењето на цивилното благородништво под династијата Дука, воената служба се избегнувала. „Војниците“, како што кажува Јован Скилица, „го отфрлале оружјето и станувале адвокати и правници. Сега, напротив, воената служба станала особено привлечна. „Секој сакаше“, раскажува Никита Хонијат, „да биде војник, едни ја отфрлаа иглата, зошто таа со голем труд даваше само најскудни средства за живот, други ги напуштаа коњските обори, други пак ја тресеа од себе правта од тулите или саѓите од ковачницата, и сите итаа кон оние коишто врбуваа војници, им давале персиски коњи или неколку златници и веднаш бидувале примени во војска“. Воената служба била единствениот вносен занает. Се и се жртвувало на војската.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 472-473.
Положбата на населението Населението се наоѓало во тешка сиромаштија бидејќи даночните побарувања растеле, а вообичаените злоупотреби на собиралите на данок ги зголемувале и без тоа прекумерните товари. По градовите многумина ја продавале својата слобода и станувале робови во домовите на великодостојниците. За да ја спречи оваа појава Мануил со закон им ја вратил слободата на лицата слободни од раѓањето, коишто самите се продале во ропство, и се чинело дека, барем во престолнината, ги откупил таквите робови на државен трошок. Меѓутоа, целиот развиток, порастот на велепоседништвото од една, сиромаштијата и задолженоста на пошироките слоеви од друга страна, неизбежно водел ако не кон кметство на мнозинството од населението. Несопирливо развивајќи се процесот на феудализација сè повеќе ја поткупувал отпорната моќ на државниот организам.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 473.
Надворешна политика Односите со Германија Мануил се обидел да го зацврсти сојузот со Германското кралство на кое неговиот татко му ги поставил темелите. Како што било решено уште при животот на Јован, тој се оженил за роднината на Конрад III, со Берта од Зулцбах, којашто во Византија го добила името Ирина. Меѓутоа, соработката на двајцата владетели против Норманите, а со тоа и главната цел, била попречена од Втората крстоносна војна, во која покрај францускиот зел учество и германскиот крал, поттикнат од вжарените проповеди на Бернард од Клерво. За Мануил, обожавателот на Запад, Втората крстоносна воја била исто толку непријатно изненадување како што за неговиот дедо била Првата. Успехот на крстоносците би ги зајакнал латинските држави на Исток, во прв ред Антиохиското кнежевство - стариот противник на Византија. И не само тоа, Конрадовото заминување во Светата земја целосно го изолирало византискиот цар на Запад, а неизбежните заплети со крстоносците му ја одзеле слободата на акција спрема норманскиот крал.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 458.
Втората крстоносна војна мини|десно|250п|Политичка карта на Блискиот Исток во 1135 г. Крстоносните држави се означени со црвени крстови