мини|десно|200п Македонски народен сојуз (МНС) е поранешна прогресивна организација на македонските емигранти во Северна Америка, чија главна цел е борбата за ослободување и обединување на Македонија во независна република, која како рамноправен член ќе се вклучи во идната Балканска федерација на слободни балкански народи.
Темелите на МНС се поставени во куќата на илинденскиот војвода Смиле Војданов, во градот Понтијак (Мичиген), во 1929 год. Тогаш е формирана првата независна македонска група во САД. По формирањето на повеќе вакви групи во други американски градови (Толедо, Детроит, Гери...) на 22 и 23 март 1930 во Толедо (Охајо) е одржана Првата конференција на македонските независни групи. За претседател на централното раководно тело е избран Смиле Војданов „Илинденско-Преображенското въстание 1903—1968“, Издателство на Националния съвет на Отечествения фронт, София, 1968 г., Спомени на Смиле Войданов, а за секретар Георги Пирински.
Со нараснување на бројот на групите и нивното членство се јавува потребата од нивно потесно поврзување за поуспешна соработка во постигнувањето на заедничките цели. Првиот редовен конгрес за обединување на групите е одржан од 24 до 26 април 1931 во Гери (Индијана) и оттогаш сите групи се обединуваат под заедничкото име Македонски народен сојуз (Macedonian People's League). Смиле Војданов е избран за претседател на новоформираниот сојуз, а Георги Пирински за национален секретар.
Веднаш по формирањето, МНС воспоставува соработка со бројни прогресивни организации од левицата во САД и Европа. За време на Шпанската граѓанска војна, МНС ја поддржува републиканската влада во Шпанија и од своите редови испраќа шест доброволци во одбрана на шпанската демократска власт од фашистичката агресија.
Во текот на Втората светска војна организацијата се ангажира за изнаоѓање начини за издејствување на слободата и обединувањето на Македонија. Веднаш по војната, целта му е прибирање помош за настраданите од воените дејствија.
Поради отворената поддршка на левицата во САД и Европа, МНС наидува на пречки во своето дејствување. За да ги избегне етикетирињата како левичарска организација, што е сосема непопуларно, дури и опасно во времето на антикомунистичката хистерија во САД, МНС се прилагодува на новонастанатите околности. Така, во 1938 год. МНС е преименуван во Македонско-американски народен сојуз (Macedonian-American People's League), а од канадскиот дел на МНС е основан Македонско-канадски народен сојуз (МКНС). Соработката меѓу МАНС и МКНС останува иста, а поделбата е чисто формална. Во својата работа МАНС и МКНС се свртуваат повеќе кон решавање на проблемите на своите членови. И покрај преименувањето во МАНС, кое е поради избегнување на притисоците, организацијата и понатаму останува позната како Македонски народен сојуз.
Со започнувањето на Студената војна, во САД се шири антикомунистичка хистерија и илјадници Американци се обвинувани за членство во забранетата Комунистичка партија на САД, или за нејзина поддршка. Тогаш, бројни организации во САД се обвинети за „субверзивност против американското општество“ и „соработка со непријателот“.
Последниот (деветнаесеттиот) редовен Конгрес на МАНС е одржан во септември 1949. Потоа, со решение на државниот обвинител на САД, МАНС е распуштен и со тоа престанува неговата работа.
Во текот на своето постоење, како МНС или МАНС, организацијата непоколебливо стои на јасниот став дека Македонија може и треба да постои како независна држава на македонскиот народ, кој е посебен од соседните балкански народи.
МНС ги издавал весниците „Македонски бјулетин“ (1930), „Балканско сдружение“ (1931-1934), „Трудова Македонија“ (1934-1937) и „Народна волја“ (1938-1944).
Подоцна, традициите на МНС/МАНС ќе ги продолжи организацијата Обединети Македонци, формирана во Торонто во 1959 година.
Наводи
Литература Миле Михајлов и Михајло Георгиевски „Политичката активност на Македонскиот народен сојуз во САД и Канада од 1928-1935“, „Гласник ИНИ“, бр. 1, 1971.
Надворешни врски Писмо од Георги Димитров до Централниот комитет на Македонскиот народен сојуз Macedonian People’s League in USA, 1935-1940!
Категорија:Македонски организации во дијаспората