Рождество на Пресвета Богородица — пештерна црква во рамки на Калишкиот манастир во струшкото село Калишта, Македонија.
Црквата претставува културно наследство на Македонија.
Местоположба
Црквата се наоѓа во карпа и во неа се наоѓаат три монашки ќелии - две на првиот кат и една на вториот кат. Црквата, како и манастирот, се наоѓаат јужно од селото Калишта.
Во близина на црквата има две исцелителни води посветени на Свети Петар и на Свети Ананија.
Историја
Потекнува од XIV век. Оваа црква е основата на самиот манастирски комплекс.
Се претпоставува дека црквата најпрвин била испосничка капела на монасите.
Конзерваторските зафати на црквата и живописот биле извршени во 1964 година.
Архитектура
Храмот е мала пештерна црква сместена високо во карпите, слично како соседната пештерна црква „Св. Атанасиј“ и пештерната црква „Св. Архангел Михаил“ во Радожда.
Црквичето е прилагодено според пригодниот простор на пештерата, со тоа што пештерата од источната страна е затворена со ѕид од кршен камен, во кој дел се изведени олтарната апсида и влезот во црквичето.
Фрескоживопис
Сета внатрешност е насликана со фрески со претстава на светци и композиции. Во олтарната апсида е насликана Богородица со Христос, а лево и десно од нив има по еден ангел облечен во бело и црвен амфор. На арката од олтарната ниша претставени се два ѓакони од кои едниот фрагментирно сочуван. На источниот ѕид е насликана композицијата „Возвишение Христово“, а на северната страна од влезот е претставен во цел раст Архангел Михаил со меч во раката и црвена наметка врз себе.
Видно место во црквичето заземаат ликовите на Св. Кирил Солунски и неговиот ученик Климент Охридски. Тие се насликани во нишата на северниот ѕид. Композицијата „Тајна вечера“ е насликана во јужниот ѕид во првата зона, а во горните делови на истиот ѕид се предадени композициите: „Рождество Христово“, „Крштевање на реката Јордан“, „Сретение“ и „Воскресение“. Третата зона ја исполнуваат пророците со свитоците во раце. На западниот ѕид е претставена композицијата „Гостољубие Аврамово“, а најгоре е „Преображение Христово“. Сводот на црквичето го заземаат Христос пантократор и четири евангелисти.
Икони и иконостас
Во црквата била пронајдена икона „Црна Богородица“, но денес истата се чува во поголемата истоимена манастирска црква. Се смета дека има огромна исцелителска моќ.
Галерија
Поврзано Струшко архијерејско намесништво Трета струшка парохија Калишта
Наводи
Надворешни врски
Калишта Категорија:Калишки манастир Богородица