Новогодишната вечер е забележана на 31 декември, последниот ден од грегоријанскиот календар, еден ден пред Новогодишниот ден (1 јануари). Новогодишната вечер посебно се забележува од Новогодишниот ден. Во модерната пракса, огномети, музика и други форми на правење бука се заеднички елемент на прославувањето на Новогодишната вечер. Оваа вечер најчесто се прославува со забави и други форми на социјални собири, обележувајќи го преминот во новата година после полноќ.

Азија

Израел Кај Израелците Новогодишната ноќ е позната под името Силвестер (Свети Силвестер), таа се прославува со приредување на забави, пријателски собири, концерти и елегантни вечери во големите градови како Ерусалим и Тел Авив.

Сингапур Најголемата прослава и централна манифестација за Новогодишната вечер во Сингапур се одржува на Мариновиот брег, на која обично присуствуваат околу 250.000 луѓе. Други места на коишто има прослави за дочек на Новата година, а се во близина на Мариновиот брег, се хотелите: Фултон, Марина Мадарин, Риц-Карлтон Милениум, Марина Беј Сендс, итн.

На кејот, 20.000 балони исполнети со 500.000 желби на Сингапурците приредуваат визуелна уметничка приредба исполнет со брилијантни бои со помош на светлосни ефекти. Присутните се забавувани од различни улични глумци и концерти, кои се одржуваат на пловечка платформа до брегот. Учествуваат глумци и изведувачи како од земјата така и од странство. Целата манифестација се пренесува во живо на телевизија. Последните десет секунди до полноќ, се одбројувани од изведувачите заедно со публиката. На тоа следни спектакуларен огномет, кој го осветлува целиот брег.

Филипините Најобично Филипинците ја дочекуваат Новата година во друштво на фамилијата и блиските пријатели. Традиционално во повеќето куќи се одржуваат вечери кои населението ги вика Медиа Ноче (Media Noche). Главното јадење е свинско на ражен. Скарата исто така е дел од менито.

Повеќето Филипинци практикуваат одредени суеверија за време на дочекот на Новата година. Некои од овие суеверија се: Носењето на облека со округли шари, за кои се верува дека носат пари и среќа или друга шарена облека за која се верува дека следната година ќе биде безгрижлива; фрлањето парички точно на полноќ се верува дека ќе ја зголеми благосостојбата во годината што следува; тропањето со парички во метална кутија додека се оди околу куќата, скокајќи високо за што се верува дека ќе придонесе за физичкото здравје и висина се исто така дел од суеверијата; Филипинците испуштаат гласни звуци преку картонски или пластични свирки кои ги нарекуваат „торотот“, трескање на железни садови и палејќи огномети и пиротехника, за кои се верува дека ќе ги избркаат лошите духови и злите сили.

Во урбаните населени места има многу новогодишни прослави на кои има одбројување, кои се организирани од приватни лица со помош на локалните власти. На овие забави има спектакуларни огномети на кои присуствуваат многу луѓе. Главната новогодишна прослава се одржува на Манила беј.

Европа

Австрија Во Австрија Новата година најчесто се прославува со семејството и пријателите. Точно на полноќ сите телевизиски и радио канали го пренесуваат звукот на Пумерин (ѕвоното од катедралата на Св. Стефан во Виена) и веднаш потоа се пренесува „Donauwalzer“ од Јохан Штраус на кој многу луѓе танцуваат на улица или на забави. Голем број на луѓе се собираат на улиците на Виена, каде општинската влада организира серија сцени на кои свират голем број бендови и оркестри. Огномети се одржуваат од страна на општинската влада и од страна на самите граѓани.

Англија Часовниците го одбележуваат преминот кој се случува на полноќ на Новогодишната вечер, со тоа што прославата во Лондон се фокусира на часовникот сместен во кулата во палатата на Вестминстер или општо позната како Биг Бен. Прославувањето е емитирано од страна на ББЦ во Англија и Велс. За време на Новогодишната вечер во 2010 година се проценува дека 250.000 луѓе се собрале да проследат огномет околу Лондонското Око кое за таа прилика за првпат било наместено да работи на музички траки од најголемите Англиски бендови како Блур, Битлси, Квин и слично.

Прославувањето во Лондон продолжува на 1 јануари со Новогодишната парада која се одржува годишно сè од 1987, а во 2011 се одбележи 25 години од своето одржување, вклучувајќи повеќе од 10,000 музичари, навивачки и други изведувачи. Други поголеми прославувања се одржуваат во градовите Манчестер, Бирмингем, Ливерпул, Лидс и Нјукасл. Бидерфорд кој се наоѓа во северен Девон е исто така познат по своето прославување на Новата година со одржување на карневал со свечени фустани сместен на и околу Стариот мост со тоа што само еден свирач свири проследено со огномет на полноќ.

Белгија Во Белгија Новогодишната вечер се нарекува Sint Sylvester Vooranvond или Вечерта на Свети Силвестер. Се одржуваат семејни забави наречени réveillon. На полноќ сите се бакнуваат и разменуваат честитки за среќа и наздравуваат во чест на отсутни роднини и пријатели. Градовите, кафулињата и рестораните се пренатрупани.

1 јануари се нарекува Nieuwjaarsdag и децата подаруваат празнични честитки со златни ангелчиња, обоени рози и венци од цвеќиња на родителите, кумовите и сето тоа на декоративна хартија за која штеделе за да ја купат. Белгиските фармери исто така им посакуваат Среќна нова година на своите животни.

Германија Германците ја нарекуваат новата година Силвестер бидејќи 31 декември е ден на гозба на Свети Силвестер. Од 1972 година неколку германски телевизиски станици вршат пренос на кратка комична изведба на англиски јазик (снимена од страна на Западно германска телевизија во 1963) наречена „Вечера за еден“. Една реченица од скечот „Истата процедура како и секоја година“ станала ударна фраза во Германија.

Секоја година Берлин е домаќин на една од најголемите прослави на Нова година во цела Европа на која присуствуваат преку милион луѓе. Главната точка на вечерта е Бранденбуршката Порта каде се сместени огнометите. Германците имаат репутација на луѓе кои трошат многу голема сума на пари за огномети и петарди и затоа се гледаат огномети низ текот на целата вечер. Кога часовникот ќе удри на полноќ на Силвестер, германците наздравуваат со Сект (германско пенливо вино) или пак шампањ.

Bleigießen е уште една германска традиција за нова година каде што се предвидуваат иднините со помош на испотеното олово паднато во ладните води. Други традиции за среќа се допирањето на чистач на оџаци или тој чистач да ве намачка со малку пепел на вашето чело за добра среќа и здравје. Традиционално се јадат крофни наполнети со желе со или без алкохол. Конечно за среќа се јаде и едно мало марципанско прасе.

Данска Многу Данци одат на забави или пречекуваат гости дома. Вечерата е поексклузивна од обично, вклучувајќи десерти како Марципан торта заедно со шампањ додека главниот оброк е составен од варен бакалар, чорба од кељ и зачинето свинско. Новата година е прославена со забавување. Тоа е најчесто добронамерно забавување а не злонамерно. Меѓутоа тоа може да стане и такво. Необично во Данска е тоа што за добар знак се смета доколку се пронајде куп искршени чинии пред врата за време на Нова година. Старите чинии се чуваат за да бидат фрлени пред вратите на пријателите за време на Новогодишната вечер. Многу искршени чинии пред врата докажува дека имате голем број пријатели.

Два значајни настани се емитувани на телевизија и радио на 31 декември. Новогодишната порака на Монархот на Данска од Палатата Амелиенборг во 6 часот попладне и отчукувањето на полноќ на часовникот во градското собрание во Копенхаген. Илјадници луѓе се собираат на градскиот плоштад Радхушпладсен и се веселат. Климаксот е кога новата година се прославува со звукот на огнометот и отчукувањето на часовникот во градското собрание во Копенхаген. Тоа е одлична можност да се види парадата на Кралската Гарда во црвени гала униформи.

Македонија Новогодишната вечер се прославува кај сите семејства во Македонија. Новогодишниот ден е време кога децата најчесто добиваат подароци и прославата е проследена од огномети низ текот на целиот ден. Денот е прославен заедно со семејството или со пријателите дома или во некој од клубовите, рестораните, кафулињата и хотелите со вечерни прослави кои вклучуваат добра храна, музика во живо и танцување на традиционална македонска музика, но исто така и на модерна музика. Прослава се прави за пречек на Новата година на 31 декември, но и на 13 јануари (Стара нова година) според македонскиот православен календар.

Русија Повеќето Руси ја дочекуваат Новогодишната вечер со нивните фамилии или со блиските пријатели. Потеклото на оваа прослава во Русија е различен од христијанскиот празник Божик. Божик беше голем празник во Русија сè додека не беше забранет заедно со другите религиозни празници од Комунистичката партија. За да се компензира неславењето на Божик, Нова година била славена слично како денот на Рождеството Христово само без религиозниот аспект на празникот. Дури и после распадот на СССР, Нова година се слави во Русија и стана традиција.

Прославата обично започнува неколку часови пред полноќ и вообичаениот поздрав е: „Поздрави ја старата година“, памтејќи ги најважните моменти во изминатите дванаесет месеци. Пет минути пред полноќ, повеќето граѓани го следат новогодишното обраќање на Претседателот пренесуван на ТВ екраните или да се следи популарното шоу „Син огномет“, но традиција е и да се очекува ѕвонењето на часовниот од Кремљ кој е пренесуван преку радијата и ТВ станиците.

Последните дванаесет секунди од старата година, Русите молчеливо ги замислуваат своите желби за следната година. Подоцна наздравуваат со шампањ за време на богата вечера, каде што тие се забавуваат гледајќи концерти. Некои луѓе сакаат да присуствуваат на огномети, некои ги посетуваат своите роднини и пријатели. Бидејќи 30-ти и 31-ви декември се работни денови, мнозина имаат организирани забави на работните места. Обично 31 декември граѓаните седат дома со пријателите. Постои старо суеверие, доколку првиот гостин (особено ако е неочекуван) на 1 јануари е маж, годината ќе биде исполнета со благосостојба. Русите се трудат Новата година да ја започнат без долгови.

Србија Традиционално Новата година во Србија се празнува екстензивно. Дома семејствата ја празнуваат Новата година во изобилие на храна. Украсените новогодишни дрва се поврзани со Новата година и затоа се викаат „novogodišnja jelka“. Околу или после полноќ Дедо Мраз ги посетува домовите и остава подароци под дрвата да бидат отворени тогаш или доколку семејството спие тогаш изутрина.

Рестораните, клубовите, кафулињата и хотелите обично се пребукирани и организираат забави со храна и музика во живо. Меѓутоа српската Нова година е најпозната по веселбите кои се одржуваат надвор во Белград и некои други градови како Нови Сад или Ниш. Од средината на декември градовите се екстензивно украсени и осветлени. Декорациите остануваат сè до доцна во јануари благодарение на влијанието на јулијанскиот календар.

Низ регионот, особено на просторот на бившите Југословенски републики, Белград е познат како место на кое се одржуваат големи забави, концерти и случувања. Во поскоро време стана традиција голема група на Словени да го посетуваат својот стар главен град и да го прославуваат почетокот на Новата година. Особено во текот на 90-тите, уличните прослави се претворија во масовни собири на кои присуствуваат стотици илјади граѓани, прославувајќи ја Новата година на неколку локации низ Белград.

За време на мандатот на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ собирите добиваа и силна политичка конотација. Од 2000 година градот Белград секоја година организира неколку концерти со голем број домашни и интернационални изведувачи на поголемите Белградски плоштади. Концертите започнуваат рано навечер и траат сè до раните утрински часови. Обично се организираат посебни концерти за младите и посебни за постарите.