300px|мини|Хип хоп/регетон настап на фестивалот за танци во Калифорнија, 2025 година Регетон ( Reggaeton) — вид латино-урбана музика. По огромната слушаност во 2004 година се прошири меѓу северноамериканската, европската и азиската публика. Регетон потекнува од Панама и дотогаш бил познат како реге на шпански. По постепеното појавување во јавноста и комерцијалното проширување во Порторико, на крај еволуираше во нов музички стил познат по името регетон. Регетон е мешавина од западно-индијанските музички видови какошто се реге, денсхол и сока, со оние од Латинска Америка, какошто се бомба, плена, салса, латино-поп и бачата, исто така и хип-хоп, современ РНБ и електронска музика. Но, составен дел на регетон е и рапување или пеење на шпански. Овој музички жанр се прошири во САД како резултат на големата латино-популација, како и во Латинска Америка. Иако се земаат елементи од хип-хоп и денсхол, регетон не е латино- верзија на овие жанрови, туку си има свој специфичен ритам, каде што рапувањето го изведуваат артисти со латинско потекло. Специфичниот ритам што го карактеризира регетонот се нарекува “дем боу”. Името потекнува од насловот на денсхол песна од изведувачката Шаба Ранкс, којашто прва го прошири ритамот во раните 90-ти. Регетон претставува мешавина од многу различни музички жанрови и ритми кои потекнуваат од Карибите, Латинска Америка и САД. Меѓутоа овој жанр е тесно поврзан со Порторико, бидејќи тука се прошири и стана најслушан оригиналниот звук на регетон и од тука потекнуваат мнозинството изведувачи. Текстовите на песните се поблиски до хип-хоп и исто како хип-хопот, регетонот не помина без помалку контраверзии и критики, кои се должат на наводната експлоатација кон жените и до некоја мера на текстовите кои имплицираат насилство. Понатамошна контраверзија имаше и околу танцот “перео”, кој се изведува на регетон музиката и чии движења сугерираат на секс. Кога музиката и културата којашто ја претставуваше ниската општествена класа го достигнаа врвот на својата популарност, перео беше предмет на оваа национална контраверзија.

Историја Регетон за првпат се појави во Панама како реге на шпански. Панама беше првата земја која го промовираше раперот “Ел Генерал”, којшто изведуваше реге на шпански. Музиката продолжи да се развива и еволуира во Порторико, каде што постана регетон. Регетон започна како адаптација на регето на шпански јазик, бидејќи во првата половина на 20 век работниците од Јамајка работеле на изградбата на Панамскиот Канал. Афро-Панамците снимале и изведувале реге на шпански јазик уште од 70-тите. Изведувачи какошто се Ел Генерал, Чикоман, Нандо Бум, Ренато и Блек Апаше се сметаат за првите регетон Ди-Џеи од Панама. Ел Генерал, којшто направи латино верзија од регето многу често го нарекуваат “татко на регетонот”. Воообичаена работа беше да се преведуваат текстовите на песните на шпански и да се препеваат на оригиналната мелодија, уште познато како “шпанско реге” или “реге на шпански”. Во меѓувреме,во родното Порторико раперот Вико Ц издаде хип-хоп хитови на шпански. Издавањето на касети во 80-тите, на кои се миксаше реге и хип-хоп, помогна при проширувањето на раниот звук на регетон и поради ова достигнување, тој е доста ценет и пошироко. Движењето на “шпанското реге” во латиноамериканските општества на Карибите и во урбаните центри на САД, помогна да се зголеми популарноста на овој музички жанр. Истовремено, хип-хопот и регето во Порторико земаа голем замав, како резултат на “увозот” на реге од Јамајка. До средината на 80-тите, порториканците создаваа сопствени ритми со ефекти од хип-хоп и други жанрови. Овие ритми се сметаат за првите оригинални регетон-траки, коишто најпрвин биле наречени “андер” (или “подземни”) , кратенка од “андерграунд “. Додека за ова карипската и афроамериканската музика ги добиваше своите заслуги во Порторико, реге- рапот на шпански ги обележа почетоците на “бориква” андерграунд рапот , кој стана начин на изразување на милиони млади луѓе. Ова создаде невидлива, но истовремено и доста значајна андерграунд култура на младите, која тежнееше кон изразување преку реге-рап на шпански. Како младинска култура, којашто беше на дното на општеството и на врвот на криминалните активности, многу често беше критикувана од јавноста. Порториканската полиција вршеше рации против андерграунд рапот со тоа што конфискуваше касети од музичките продавници во согласност со казнените кодови за непристојност, и со изречување на казни и деморализација на раперите преку медиумите. Терминот “андерграунд” доаѓа од хип-хоп дискурсот и ги поврзува андерграунд артистите со тоа што внесува самоидентификација, која одбива комерцијализација на музиката. Но, во Сан Хуан не се однесуваше на автентичност или идеологија, туку буквално се работеше за подобар пласман на пазарот. “Андерграунд” музиката циркулираше преку неформални извори, копирана од касета на касета, сè до средината на 90-тите. Во тоа време Ди-Џеј Плејеро беше еден од најпознатите андерграунд продуценти, кој издаде неколку касети, што вклучуваа изведби на артисти, кои подоцна стануваа славни, како што е на пример Деди Јенки. Со комбинирањето на панамското реге со елементи од денсхол, хип-хоп и многу други латиноамерикански музички жанрови, се поставија основите на регетон во Порторико. Жанрот се развиваше со текот на годините и во одредени периоди беше нарекуван “мелаза”, “андерграунд музика” и “дем боу”. Последното име потекнува од специфичната мелодија на регетон: “Дем Боу” (се пишува “Dem bow”), ритам кој во главно се состои од удирање барабан и денес се користи скоро во сите регетон песни. Овој ритам го произведе продуцентот од Јамајка, Боби “Дигитал” Диксон, а го изведоа Стили & Клеви. Првенствено, ритамот стана познат во 1991 преку песната “Dem Bow” од денсхол пејачката од Јамајка- Шаба Ранкс. Песната и ритамот постигнаа постигнаа поголема популарност кај латиноамериканците , кога панамскиот артист Ел Генерал ја издаде песната “Son Bow” во 1991, шпанската верзија на “Dem Bow”, при тоа користејќи ја истата мелодија. Важно е да се спомне дека ниту Шаба, ниту пак Ел Генерал пееја регетон, бидејќи жанрот и неговиот назив сè уште не беа создадени. “Dem Bow” беше само една од песните од албумот на Шаба, со тоа што Ранкс не испеа друга значајна песна во која беше застапен “дем боу” ритамот. Меѓутоа, влијанието на оригиналниот ритам на Боби Дигитал не може да се порекне и сè уште многу често се одразува на модерниот регетон, како и на оригиналната ритмична структура. Скок кон популарноста Регетонот се прошири и стана познат кога другите продуценти, какошто се Ди Џеј Нелсон и Ди Џеј Ерик, започнаа да ги следат стапките на Ди-Џеј Плејеро. Во раните 90-ти, албумите какошто се“ Pleyero 37“, (со кој Деди Јенки стана познат) и The Noise: Underground, The Noise 5 и The Noise 6, станаа доста популарни во Порторико и Домениканската Република. пејачи како Дон Чезина, Темпо, Мастер Џо & О. Г. Блек, Бејби Раста & Гринго и Лито & Полако и многу други беа доста популарни. Името регетон се здоби со значајност во средината на 90-тите (од 1994 до 1995), со ритамот “дем боу” како главна одлика на жанрот; што е во спротивност на претходните траки, кои потекнуваа од реге, денсхол и хип-хоп. Името доаѓа од Порторико и го означува живиот звук и го издвојува од дотогашното шпанско реге, создадено во годините кога се миксаа различни музички жанрови. Денес, музиката зема замав низ цела Латинска Америка. Популарноста на регетон се зголеми со латино-младината во САД и со соработката на Ди-Џеј Блас, План Б и Спиди во албумот Reggeaton Sex. 2004: Година на светска слава 2004 е годината кога регетонот се здоби со поширока популарност во САД и Европа. Тего Калдерон веќе доминираше на етерот во САД и стана доста популарен кај младината. Оваа година албумот на Деди Јенки “El Cangri.com” беше доста слушан и во САД; Луни Тунс со “ Noriega’s Mas Flow” беше добро прифатен и Kilates, La Mision, Јага и Маки со “Sonado Diferente”, Тего Калдерон со “ El Abayarde” , Los Homerunes- Деди Јенки, Desafio, Motivando a la Yal од Зион и Ленокс, La Conspiracion и многу други беа исто така прилично популарни. Малку подоцна, во 2004 раперот Н.О.Р.Е го издаде својот хит “Oye Mi Canto” со Нина Скај и Деди Јенки, кој ги скрши сите културолошки и јазични бариери. Потоа, откако Деди Јенки го издаде својот албум Barrio Fino, неговиот мега хит “Gasolina”, се прошири и го претстави регетонот на светот. Тего Калдерон ја зголеми популарноста на регетон со неговите хитови “Pa Que Retozen” и “Guasa Guasa”. Друг важен изведувач е и Дон Омар кој придонесе за растечката популарност на регетонот, неговите хитови “Pobre Diabla” и “Dale Don Dale” беа особено популарни во Европа. Други познати артисти се: Алексис & Фидо, Ангел & Криц, Нина Скај, Ники Џем, Зион, РКМ & Кен-Уај, Волтио, Каје 13, Хектор “Ел Фатер”, Ајви Квин, Висин & Јандел и Тито “Ел Бамбино”. При крајот на 2004 и почетокот на 2005, Шакира ја сними “ La Tortura” и “La Tortura – Shaketon Remix” од нејзиниот албум “ Fijacion Oral vol. 1” ( Oral Fixation vol. 1) што придонесе за уште поголема слава на регетон во Северна Америка, Европа и Азија. 2006 – До денес: На врвот на топ-листите Во Мај 2006 албумот на Дон Омар “ King of Kings” влезе во историјата на највисоко рангирани регетон-албуми, меѓу првите 10 на топ листите во САД, со дебито беше бр. 1 на топ-листите за латино-албуми и бр.7 на листата за албуми Bilboards 200. Исто така се здоби со првото место на Bilboard Latin Rhythm Radio Chart со песната “Angelito”. Дон Омар успеа и да го собори рекордот за најпродавани хитови во музичката продавница на поп- ѕвездата Бритни Спирс, “Downtown Disney’s Virgin Music“, што понатаму придонесе за уште поголема популарност во САД. Во 2007та се промовираа нови хитови на Деди Јенки од албумот “El Cartel III: The Big Boss“, обајвен во јуни, кој оствари нов рекорд за најпродаван регетон-албум на неделата, со 80, 000 продадени копии. Беше број 1 на топ-листите за латино и рап албуми, со тоа што беше првиот регетон албум кој го достигнал првото место на рап топ-листите. Исто така го достигна 9тото место на топ листата Billboard 200, со достигнување на втор највисоко рангиран регетон албум на главните чартови. Албумот кој беше на трето место истата година, беше “Wisin vs. Yandel: Los Extraterrestres“ на Висин & Јандел, кој дебитираше на 14то место на Billboard 200 и бр.1 на топ латино –албуми. Во 2008 регетонот ја докажа својата моќ со ново трето место на најпродаван деби-албум, со издавањето на саундтракот Talento de Barrio на истоимениот филм на Деди Јенки, кој дебитираше на 13то место на Billboard 200, со што го помести Wisin vs. Yandel: Los Extraterrestres за едно место подолу. Достигна и прво место на топ листите за латино-албуми, бр. 3 на Billboard’s Top Soundtracks и бр.6 на топ рап-албуми. Во 2009 Висин & Јандел го издадоа албумот La Revolution, кој дебитираше како број 7 на Billboard Hot 100, што го поистовети со највисоко рангираниот регетон-албум King of Kings. Музички одлики Дем Боу Дем Боу ритамот беше откриен и произведен од ди-џеите во Јамајка во доцните 80-ти и раните 90-ти. Идејата за формата на “удирање” во дем боу не можеме да ја бараме кај еден продуцент, затоа што самиот ритам беше делумно под влијание на реге и други видови на западно-индијанска музика, какошто е сока, кои од една страна, му даваат на дем боу малку од карипската природа. Стили & Клеви, создавачите на поко-ритамот, најчесто ја добиваат заслугата за создавање на дем-боу ритамот.