Старо Коњарево — село во Општина Ново Село, во областа Подгорје, во околината на градот Струмица.
Селото претставува најисточно населено место во денешна Македонија и е сместено на тромеѓето помеѓу трите дела на регионот Македонија (Вардарска, Егејска и Пиринска).
Потекло и значење на селото
мини|300п|лево|Влезот на селото
Името на селото се споменува во средниот век како Кунаране. Името доаѓа од старо и Коњарево, што е изведено од ојконимот Коњари со значење коњар (човек што чува коњи).
Друго објаснување за името на селото е дека доаѓа од зборовите „коњ“ и „рев“, што значи коњско ревање. Според легенда, пак, Старо Коњарево го добило името по Беласичката битка од 1014 година и загинувањето на македонските војници, односно според плачот на нивните најблиски, кои обвиени во тага, силно ревале над нивните тела.
Кога било основано селото Ново Коњарево во 1931 година, најпрвин било наречено Белите Кашти („Белите Куќи“), а по војната селото било преименувано во Ново Коњарево, со што и селото Коњарево го променило името во Старо Коњарево.
Географија и местоположба
мини|300п|десно|Реката Стар Дол низ селото.
Селото се наоѓа во крајниот југоисточен дел на Струмичкото Поле и во источниот дел на територијата на Општина Ново Село, чиј атар нашироко се допира со државната гранична линија со Бугарија, а на тесен дел и со државната гранична линија со Грција. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 360 метри. Од градот Струмица, селото е оддалечено 37 километри.
Низ селото поминува регионалниот пат 1402.
Старо Коњарево се наоѓа во подножјето на планината Беласица. Селскиот атар е сместен на тромеѓето помеѓу Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија.
Низ селото тече реката Стар Дол, која го дели на два дела.
Историја
Во атарот на селото Старо Коњарево на 100 метри од македонско–бугарската граница се наоѓа наоѓалиштето „Голема Трпеза“. Наоѓалиштето е сместено на издолжен рид со зарамнето плато на кое се наоѓала населбата со должина од околу 150 метри во насока север-југ и 70-тина метри во насока на исток-запад. Ридот од западната, северната и источната страна е заштитен со стрмни долови, додека од јужната страна со мал преслап е поврзан со подножјето на планината Беласица. Токму на овој дел се наоѓаат остатоци од кула и бедем на западната страна. Во подножјето на ридот на северната страна тече реката Струмица. Наоѓалиштето досега не е истражувано, но судејќи по површинските наоди тој му припаѓал на периодот на доцното бакарно време/раната бронза што не ја исклучува можноста во подлабоките слоеви да се пронајдат остатоци и од неолитот.
Селото за првпат се споменува во повелбата на српскиот крал Стефан Дечански од 1328 година, кога тој го подарува на манастирот Хиландар, а се споменува и во повелбите на неговиот наследник, најголемиот српски средновековен цар Стефан Душан (вл. 1331-55).
Селото се споменува во османлиски дефтер од 1570 година под името Кунаране. Во истата година, во селото живееле 5 муслимански и 55 христијански семејства.Турски документи за историјата на македонскиот народ. Опширни пописни дефтери од XVI век за Кустендилскиот санųак, Т.V/3, Скопје, 1982, стр.615-618
По крајот на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Царство Бугарија. По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС, заедно со Струмичкиот регион, додека по крајот на Втората светска војна, во рамките на СФРЈ.
Стопанство
Атарот на селото е заеднички со Атарот. Тој зафаќа простор од 15,9 километри квадратни. На него шумите заземаат површина од 917 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 475 хектари, а на пасиштата 131 хектар.
Во основа, селото има полјоделско-шумарска функција. Во минатото, во селото работела земјоделска задруга, а денес работат услужни објекти.
Население
Во текот на XIX век, селото било со мешано население. Според Васил К’нчов, во 1891 година во Конарине живееле 315 семејства, од кои 300 турски и 15 македонски.Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 187.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.
Селото било средно по големина, населено со македонско население. Така, тоа во 1961 година броело 742 жители, а во 1994 година 616 жители.
Според пописот од 2002 година, селото Старо Коњарево броело 611 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 300 жители, од кои 269 Македонци и 31 лице без податоци.
Иселеништво
Селото е соочено со масовно иселување од 1990-тите години.
Општествени установи
ПУ „Мануш Турновски“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Мануш Турновски“ - Ново Село Дом на културата Месна заедница
Самоуправа и политика
Во век, Старо Коњарево било село во Петричката Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Ново Село, која била една од ретките што останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Ново Село.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струмица. Селото припаѓало на некогашната општина Ново Село во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Ново Село, во која покрај селото Старо Коњарево, се наоѓале и селата Бадолен, Барбарево, Бајково, Дражево, Зубово, Ново Коњарево, Ново Село, Смолари, Стиник и Сушица. Во периодот 1950-1952 постоела Општина Смолари во која влегувале селата Дражево, Коњарево и Смолари.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1784 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на домот на културата.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 733 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 732 гласачи.
Културни и природни знаменитости
мини|300п|десно|Поглед на главната селска црква „Вознесение Христово“
Археолошки наоѓалишта Голема Трпеза — населба од неолитското време; Градиште — населба од доцноантичкото време; Кале — градиште од доцноантичкото време; Соколче — населба од доцноантичкото време; и Сред Село — некропола од римското време.
Цркви Црква „Вознесение Христово“ — главна селска црква, која претходно се нарекувала „Св. Атанасиј“.
Реки Стар Дол — мала река, десна притока на Струмица; и Струмица — река во близина на селото.
Личности
Починати во Старо Коњарево
Стојан Георгиев (1870-1915) — македонски револуционер, деец на ТМОРО
Поврзани со Старо Коњарево Велика Кирова Кландева — учесник во НОВ на Македонија
Галерија
Поврзано Општина Ново Село Подгорје
Наводи
Надворешни врски
Профил на Старо Коњарево на општинскиот портал
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струмички села Категорија:Села во Општина Ново Село Категорија:Беласица