Шри Сатја Саи Баба, родено име Сатјанарајана Раџу (23.11.1926 – 24.04.2011) е индиски гуру, духовна икона, мистик, филантроп и учител. Тој тврдел, а неговите поклоници му верувале, дека е реинкарнација на Саи Баба од Ширди, духовен светец и чудотворец кој го напушти своето тело во 1918 година и чие учење е хармоничен сплет од хиндуистички и муслимански верувања. Материјализацијата на вибути (свет прав) од страна на Саи Баба и други мали предмети како прстени, ланчиња и часовници, која служеше како извор на слава и контроверзност, поклониците ја сметаа за знак на неговата божественост, додека скептиците ја гледаа како магионичарски трик. Кон крајот на втората половина на 20 век Саи Баба доживеа огромна популарност во целиот свет со широко распространета верба во него, слава, но и контроверзност кои го претворија во културна икона. Неговите фотографии се изложени во милиони домови, на контролни табли од автомобили, а приврзоци со неговата слика се носат како амајлии.
Поклоници, институции и финансии
Извештаите од Организацијата Сатја Саи даваат проценки дека има 1 200 центри „Сатја Саи Баба“ во 114 држави. Меѓутоа, многу е тешко да се определи бројот на поклониците. Проценките варираат од 6 милиони па сè до 100 милиони луѓе. Во Индија поклоници на Саи Баба најчесто се луѓе од вишата средна класа, од урбаните слоеви на општеството кои се „најдобро образовани, ситуирани и се најмногу изложени на западните идеи“. Тој беше културна икона во Индија која привлече публика во која имаше претседатели, премиери на влади од Индија и подалеку, кои станаа негови поклоници. Во 2002, тој тврдеше дека има поклоници во 178 земји. Во 2011, кратко пред напуштањето на неговото тело, беше запишан во книгата на Воткинс Ривју (Watkins Review) како еден од 100-те луѓе кои имаат најголемо духовно влијание во светот.
Сатја Саи Баба основаше голем број на училишта и колеџи, болници и други добродетелски институции во Индија и во странство, чија вредност се проценува на 400 000 000 000 рупии или 9 милијарди американски долари. Меѓутоа има и проценки кои достигнуваат 1.4 трилиони рупии (околу 31.5 милијарди американски долари). По напуштањето на неговото физичко тело нетранспарентниот начин на кој организацијата раководеше со финансиите, водеше кон шпекулации за несовесно работење. Дури некои извештаи соопштуваа дека торби полни со злато се одземeни од неговите лични работи.
На 17 јуни 2011 година официјални претставници од организацијата на друштвото „Саи Баба“ ја отвориле неговата соба, која била затворена по неговата смрт и пронашле 98 кг златни орнаменти (украси) со просечна вредност од 210 000 000 рупии (4,7 милиони USD), 307 кг сребрени орнаменти (украси) со просечна вредност од 16 000 000 (0,36 милиони USD) и 116 000 000 рупии (2,6 милиони USD) во кеш. Во јули локалните власти во други 4 соби пронашле предмети во вредност од 7700 000 рупии (0.17 милиони USD), вклучувајќи и вредни часовници. Вкупната вредност е околу 7.8 милиони USD. Исто така властите пронашле и скапоцени камења како што се дијамантите, 750 одори во бела и окер боја, 500 пара чевли и многу шишенца со парфеми и спрејови за коса. Во јули 2011 година во претресот на неговиот ашрам (индиски храм) во околината на Бангалоре се пронајдени 6 кг златни монети и накит, 245 кг сребрени предмети и 800 000 рупии во кеш.
Повлечени се паралели во трнзицијата по смртта на Ошо (Багаван Шри Рајнеш) или Мата Анандамаи кои укашуваат дека транзицијата при раководењето на таква голема организација не е лесно.
Живот
Детство, младост и обајва
Скоро сè што знаеме за младоста на Саи Баба потекнува од раскажувањата на оние луѓе, врз чиј живот тој оставил силен впечаток, непишаната жива хагиографија испишана врз животите на тие луѓе, кои тие ја сметаат за жив доказ на неговата божествена природа. Според неговите следбеници, мајката на Сатја Нарајана Раџу е Ишварама, а татко му е Педавенкама Раџу. Тој е роден во селото Путапарти во кое било административното тело од Мадрас во Индија под британска власт. Неговото раѓање, по уверувањето на мајка му Ишварама, се одвивало по божествен план и затоа е најавено со чуда. Неговите браќа и сестри се постариот брат Ратнам Шешам Раџу (починал 1984 година), сестра му Венкама (починала во 1993 година), втората сестра Парватама (починала во 1998 година), и помладиот брат Џанакирамиа (починал во 2003 година). Како дете го опишуваат како невообичаено интелигентно и посветено на добротворни цели. Не бил исклучителен ученик, бидејќи неговиот интерес бил насочен кон духовноста. Бил необично талентиран за духовната музика, танц и драма и ентузијастичен поет за песни и претстави. За него се зборувало дека е способен да материјализира предмети како што се храна и слатки од обичен воздух. Додека живеел со неговиот постар брат Шешама Раџу во Ураваконда, мал град близу Путапарти, на 8 март 1940 година Сатја најверјатно го каснала шкорпија. Неколку часа бил во несвест. Во следните неколку дена се забележала битна промена во неговото однесување, проследена со периоди на смеење и плачење, претерано говорење или тотална тишина. Почнал да пее песни на санскрит, јазик кој претходно не го знаел. За неговото однесување докторите мислеле дека е хистерија. Неговите родители го вратиле Сатја дома во Путапарти. Бидејќи биле загрижени го носеле по разни свештеници, „доктори“ и истерувачи.
На 23 Март 1940 година Сатја ги свикал домашните и демонстративно материјализирал света храна прасад (јадење посветено и понудено на Господ) и цвеќиња за неговите роднини. Татко му збеснал кога го видел, бидејќи си мислел дека син му е магепсан. Земал стап и му се заканил дека ќе го тепа ако Сатја не му открие кој е тој навистина. На ова Сатја сталожено и јасно објавил : „Јас сум Саи Баба“, како Саи Баба од Ширди. Тој се прогласил за отелотворение на Саи Баба од Ширди, светец кој се прославил кон крајот на 19 и почетокот на 20 век во Махараштра и го напуштил своето тело 8 години пред да се роди Сатја.
Подоцна, истата година, Сатја изјавил дека нема световни врски со никого и отприлика во ова време поклониците почнале да се собираат околу него. Во 1940 година тој почнал да патува до Мадрас и на други места во Јужна Индија, а наскоро имал круг на поклоници од регионот.
Понатамошни активности и организации
Во 1944 година, во близина на селото Путапарти е изграден мандир (храм) за неговите поклоници. Сега тој се нарекува „стариот мандир“, додека изградбата на Прашанти Нилајам, сегашниот ашрам, започна во 1948 година и беше завршена во 1950 година. Во 1954 година во Путапарти, Саи Баба основаше мала бесплатна болница „General Hospital“. Во 1957 година Саи отиде на тура низ северно-индиските храмови.
Во 1963 година Саи Баба имаше мозочен удар и четири силни срцеви удари. Се смета дека тој сам се излечил пред илјадници луѓе насобрани во Прашанти Нилајам, кои се молеле за неговото здравје. При опоравувањето Саи Баба одржал говор објавувајќи дека повторно ќе се роди како Према Саи Баба во соседната држава Карнатака. Изјавил „Јас сум Шива-Шакти (машки и женски аспект на Бог), роден во лозата (готрата) на Бхарадваџа, во согласност со божествениот подарок со кој беше награден овој мудрец од Шива и Шакти“.Шива и Шакти се инкарнираа во мене во оваа лоза. Самата Шакти ќе се инкарнира како третиот Саи (Према Саи Баба) во истата лоза во Мандија, област во државата Карнатака. Тој објави дека повторно ќе се инкарнира по неговото напуштање на физичкото тело на деведесетишест годишна возраст. На 29 Јуни 1968 година Саи Баба единствено и за првпат отпатува на друг континент во Кенија и Уганда. За време на говорот во Најроби Сатја Саи Баба изјавил : „Дојдов за да ја запалам ламбата на Љубовта во вашите срца, гледам дека од ден на ден таа се посилно сјае. Не дојдов во името на ниту една посебна религија. Не дојдов во мисија за публицитет на некоја секта, вера или кауза, ниту пак да соберам следбеници за некоја доктрина. Не планирам да привлечам ученици или поклоници за мене ниту пак за некој друг. Дојдов да ви кажам за оваа обединувачка верба, за овој духовен прицип, овој пат на љубовта, оваа доблест да се сака, оваа должност да се љуби.“ Во 1968 година тој го основаше мандирот Дармакшетра или Сатјам во Мумбаи, во 1973 година мандирот Шивам во Хајдерабад, а на 19 јануари 1981 година свечено го отвори мандирот Сундарам во Ченаи. Во инцидентот кој се случи во 1993 година, четири насилници вооружени со ножеви влегоа во неговата соба или да се обидат да го убијат или пак како дел од борбата меѓу следбениците. Саи Баба се извлече неповреден. За време на борбата меѓу нив, неговите придружници и полицијата загинаа сите четворица натрапници и двајца од придружниците. Официјалната истрага остави многу неодговорени прашања.
Во март 1995 година Сатја Саи Баба отпочна проект за да им обезбеди вода за пиење на 1.2 милиони луѓе во сушниот регион Рајаласема во областа Анантапур од Андра Прадеш. Во 2001 година тој отвори друга бесплатна болница во Бангалоре за доброто на сиромашните. Во април 1999 година тој свечено го отвори мандирот Ананда Нилајам во Мадураи, државата Тамил Наду.
Старост, болест и смрт
Од 2005 година Саи Баба беше во количка, а неговото здравје се нарушуваше па затоа помалку се појавуваше во јавност. Во 2006 година си го скрши колкот кога еден ученик, кој стоеше на железен стол се лизна и падна врз него заедно со столот. По овој настан тој даваше даршан (средба со света личност) од автомобил или пак од количката.
На 28 март 2011 заради проблеми со дишењето го примија во болницата „Шри Сатја Саи Баба Супер Спешиалити Хоспитал“(Sri Satja Sai Super Speciality Hospital) во Прашантиграм во Путапарти. По неполн месец во кој состојбата прогресивно му се влошуваше, Саи Баба на 84-годишна возраст почина на 24 април во 7 часот и 40 минути по индиско време.
Тој предвиде дека ќе умре на 96-годишна возраст и дека ќе остане здрав до тогаш. Откако го напушти телото некои поклоници дадоа сугестии дека тој можеби сметал по месечевите (месечевите) години, а не по сончевите, користејќи го индискиот начин за сметање на возраста земајќи ја предвид годината пред да се роди како дел од неговиот живот. Други поклоници зборуваа за неговото очекувано воскреснување, реинкарнација или пак будење.
Телото го чуваа два дена и потоа го закопаа на 27 април 2011 година. Според проценките 500 000 луѓе му оддадоа почит на погребот, меѓу кои индискиот премиер Манмохан Синг, претседателката на конгресот Соња Ганди, првиот министер на Гуџарат, Нарендра Моди, сојузните министри С.М. Кришна и Амбика Сони, како и други политички водачи и проминентни личности.
Политичките водачи му изразија сочувство на Индискиот премиер Манмохан Синг. Далај Лама исто така даде сочувство. Познатиот спортист, првак во крикет Сачин Тендулкар ја откажа роденденската забава. Весникот „Хинду“ изјави дека пропагирањето на духовноста и проповедањето на Хинду-филозофијата никогаш не му се замешаа при извршувањето на секуларните должности. Владата на Карнатака ги прогласи 25 и 26 април за денови на жалост, а Андра Прадеш за денови на жалост ги прогласи 25, 26 и 27 април.
Верувањето и праксата на поклониците
Сатја Саи Баба кажа дека неговите поклоници не треба да се одречат од нивната религија. „Мојата цел е втемелување на вечниот закон (sanatana dharma-санатана дхарма на санскрит), верување дека постои еден Бог кој се манифестира во сите основачи на религиите. Па така никој не треба да се откаже од својата религија или божество.“
Во меѓународни рамки поклониците на Саи Баба се собираат секој ден или секоја седмица во недела или четврток или пак и во двата дена, за да пеат поклонички песни, молитви, да практикуваат медитација, да и служат на заедницата (сева) и да учествуваат во „Наобразба за човекови вредности“(SSEHV) попознато како „Bal Vikas“ (Процут на детето) кое исто така би можело да се опише како Сатја Саи неделно училиште.