Воин на коњ — споменик со фонтана на кралот Александар Македонски кој се наоѓа на плоштадот Македонија, во Скопје. Споменикот бил најавен како дел од т.н. проект Скопје 2014 и официјално бил отворен на 8 септември 2011 година, по повод дваесет години од прогласувањето на независноста на Република Македонија.
Опис
Скулптурата е висока 14,5 метри, изработена од бронза и поставена на бетонски постамент висок 10 метри. Под споменикот се наоѓа фонтана. Околу фонтаната се поставени осум војници од бронза кои се високи по три метри, како и осум лавови, високи по два и пол метри, од кои четири се свртени кон фонтаната. Од нивните усни тече вода. Останатите четири лавови се поставени на скалите и се во седечка, односно во чуварска положба. На столбот, постаментот на коњаникот, има три прстени со монтирани плочи на кои се претставени три битки. Меѓу нив има три прстени од бронза, со декорација и релјефни фигури. Од најгорниот прстен паѓа водена завеса, а нагоре се крева магла. Од фонтаната свири музика.
Техничките процедури и активности околу поставувањето ги извршил стручен и професионален тим од Фрединандо Маринели од Фиренца, Италија, каде била изработена скулптурата.
Автор на делото е вајарката Валентина Стефановска.
Трошоци за изградба
За изградба на објектот неофицијално биле потрошени околу 7,5 милиони евра.
Критики
Веста за поставувањето на споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот Македонија наишла на критики од страна на македонската опозиција и некои светски медиуми. Сепак, најголем дел од критиките биле упатени од страна на Грција, за која поставувањето на споменикот претставувала провокација и крадење на грчката историја.
Галерија
Наводи
Надворешни врски Забрзана снимка на изградбата на Воинот на коњ (14 месеци во 2 мин 15 сек) - off.net.mk
Категорија:Споменици во Скопје Категорија:Плоштад Македонија Категорија:Александар III Македонски Категорија:Воини Категорија:Македонски дела од 2011 година Категорија:Фонтани во Македонија