Свети Јоаким Осоговски или Осоговски манастир — манастир на околу 3 км североисточно од Крива Паланка, во прегратките на дабовата шума на Осоговските Планини, посветен е на пустиножителот и чудотворец св. Јоаким Осоговски.

Основан е уште во XII век, познат и по името Сарандапор. Токму во овие предели кон крајот на XI и почетокот на XII век живеел испосникот св. Јоаким Осоговски. Тогаш во овие краишта се подвизувале и прочуените св. Јован Рилски, св. Прохор Пчински и св. Гаврил Лесновски.

Во непосредна близина на Крива Паланка (2 км од центарот) се наоѓа познатиот македонски манастир Свети Јоаким Осоговски, кој е стар 1003 години и е позната и доста посетена туристичка атркација. На 28 август секоја година во манастирот се одржува традиционалната прослава на верскиот празник Света Богородица на која доаѓаат и повеќе од 20000 луѓе од градот, околината и други градови од државата.

Сарандопор (Свети Јоаким Осоговски)

Географската положба, природните и климатски услови имале пресудно значење за развојот на цивилизациите. Археолошките наоѓалишта, материјални остатоци и археолошкиот материјал го потврдуваат континуитетот и еволуцијата на животот речиси низ сите епохи. Во третиот век пред нашата ера бележиме значајни моменти од историјата на поширокиот регион на североисточна Македонија и западна Бугарија. Во овој период врз старо селиште, во времето кога на овој простор владеело тракиското племе Дентелети, бил формиран градот Пауталија (денешен Ќустендил). Од податоците, поточно од географската карта на Ќустендил, го регистрираме античкото име за Кривопаланечко - Ремисијана. До кога опстојувало името Ремисијана за Осоговието не се знае. Може да се претпостави, по аналогија на ословувањето на околните градови дека опстојувало и во римскиот период. Оваа област во византискиот период, со доаѓањето на Словените, го имала името Осоговие. Областа пак во делот на Осоговието каде што е изграден манастирот се нарекува Сарандопор, има грчко потекло и во превод значи четириесет, а се однесува на четириесетте брода, слапови и свијоци на Крива Река. Средновековието на овој простор историски и археолошки има три развојни етапи. За нашето истражување е значајна втората етапа, кога оваа култура масовно се ширела и се прифаќала. Најзначајниот атрибут на оваа култура е основањето на манастирот Свети Јоаким Осоговски во XII век, како црковно - духовно и културно јадро за овој регион.

Историјата на манастирот Св. Јоаким Осоговски започнува со доаѓањето на светителот во областа на Осоговието и неговата света мисија на подвизување. Едно од кривопаланечките најавтентични преданија, кое во колективната меморија е присутно повеќе од девет века, знае за присуството на Норманите, кои на почетокот на осумдесеттите години на XI век навлегле во Македонија. Од тие војски св. Јоаким Осоговски бил вознемирен на своето подвизување во село Градец. Тоа било причина да избере ново место за подвизување. За таа цел ја избрал пештерата во месноста Бабин Дол, во непосредна близина на денешната локација на манастирот Св. Јоаким Осоговски. Иако нема пишани документи за црковното наследство и организација во Кривопаланечко за периодот пред доаѓањето на св. Јоаким бројните археолошки наоѓалишта во кои повеќе од петнаесет се спомнуваат под името црквишта и манастиришта одат во прилог на претпоставката дека св. Јоаким дошол во средина со развиен црковно - духовен живот.

Времето во кое живеел Свети Јоаким Осоговски

Единствените податоци со кои располага науката за животот, делото и периодот во кој живеел св. Јоаким Осоговски (Сарандопорски) се црпат во неговото житие. За времето во кое живеел св. Јоаким Осоговски постојат повеќе претпоставки. Според Константин Иречек, св. Јоаким Осоговски живеел во XI век. Тој со ова само го потврдува сознанието првиот пустиножител меѓу Словените. Св. Јован Рилски живеел во X век во времето на бугарскиот цар Петар, а св. Јоаким, св. Гаврил Лесновски и св. Прохор Пчински во XI век. С. Душаниќ, компарирајќи ги податоците од житието, смета дека св. Јоаким се родил во првата половина од XI век и умрел кон крајот на истиот век.

Според житието, Бог решил да го прослави својот испосник и да го обнови неговото свето место во времето на византискиот цар Манојло (1143-1180), по смена на цела една генерација од неговата смрт, што значи дека поминале 50-80 години. Ако ова време се одбие од владеењето на царот Манојло, за чие пак време во Сарандопор дошол свештеникот од Овчеполието Теодор, излегува дека св. Јоаким Осоговски умрел кон крајот на XI или почетокот на XII век. Бугарскиот академик Јордан Иванов смета дека животописните податоци се најважни за да се определи времето кога живеел св. Јоаким Осоговски. Со оглед на тоа што свештеникот Теодор, откако се замонашил и го добил името Теофан, изградил манастирска црква и во неа ги положил моштите на светецот 50 години по неговата смрт во времето на царот Михајло, смртта на светецот треба да се пресмета 50 години наназад т.е. кон крајот на XI и во почетокот на XII век, животот во втората половина на XI а изградбата на манастирот во средината на XII век. Смртта на светецот Георги Трајчев ја определува кон крајот на XI век и почетокот на XII, а манастирот е изграден кон средината на XII век од игуменот Теофан во времето на византискиот цар Манојло Комин. На теренот на Македонија во IX и X век се јавиле првите можности и услови за развиток на монашкиот живот, со што се развил и култот на домашните светители.

Влијанијата на еремитското монаштво (осаменичко испошништво и подвизување) доаѓаат од Византија. Тоа првично било изразено од Охрид. Монаштвото во практика кај Словените го вовеле св. Климент и св. Наум. Во нашата црковна традиција се граделе два начина на остварување на монаштвото - киновитско и еремитско. Киновитско монаштво претставувало организиран облик на заедница на монаси кои живееле заедно во манастир. Еремитско монаштво го карактеризира осаменички испоснички живот, во чија основа лежи и повисок монашки подвиг. Еремитско монаштво кое во почетокот го прифатил нашиот св. Јоаким го карактеризира сила, волја и верба во Бога, а страдањето пустиножителството и испосништвото се само минлива нишка од животот низ која се остварува чинот на себепредавање на Бога со самоизмачување и стремеж за остварување на сестран однос на интелектуална љубов кон Бога, низ духовен аскезис.

Почетното заживување на подвизништвото јужнословенските простори се поврзува со северните краишта на Македонија. Конкретно околу планините Осогово и Козјак кај Крива Паланка, Куманово, Врање и во Злетовските Планини. Тројца од четворицата духовни браќа имале судбинска врска со Осоговието св. Јован Рилски, св. Гаврил Лесновски, а особено св. Јоаким Осоговски, кој својот пустиножителски подвиг и подвизувачка мисија во името на Бога ги поврзал и ги остварил во Осоговието.

Основањето на манастирот

Освен житието на св. Јоаким Осоговски науката не познава други пишани документи и извори за основањето на манастирот. Житието на св. Јоаким е зачувано во преписи од XV век наваму. Преписите се менувани и дополнувани со настани, случки и епизоди од животот на светителот. Најстариот препис на житието се чува во Синодалната библиотека во Софија и датира од XV век. Житието повеќепати е објавувано и тоа според ракописот од XVI - XVII век, од В. И. Ламански во Санкт Петербург во 1864 г. од С. Новаковиќ во Белград во 1867 г., од академик Јордан Иванов во Софија во 1931 г., од Теодосија Леков во 1789 г. во Хиландар и од Д. Маринов во Софија во 1900 година. Последната верзија ја отпечатил архимандритот Кесариј (игумен во манастирот) во 1912 г. во Софија. Според житието, Господ решил да го возобнови и подигне местото на св. Јоаким Сарандопорски во времето на византискиот цар Манојло Кемин.

На Бога му било угодно самиот чин на градба да ја изразува промислата и полнотата на словото. Затоа овоземниот живот на св. Јоаким Осоговски била доволна причина со божја промисла да се оствари словото на лобосот на ова парче света земја, во конкретен облик црква, светилиште, манастир. Промислата сакала манастирот да не биде ничија задужбина, а самиот св. Јоаким да биде ктитор на својот манастир.

Артикулацијата на овој свет градителски чин била предодредена преку свештеникот Теодор од Овчеполско. Тој во сон преку Божјо видение ја примил врз себе светата и кратена цел.

„Господе мој, слушнав за светиот отец наш Јоаким, кој живее во пазувите на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор, со неговите свети молитви и со Божјата помош и мене кутриот ми се посака на ова место и со неговите молитви Господ и нашите чекори да ги упати кон исполнувањето на Божјите заповеди“

„Оди чедо, со мир Божји, со благодати“.

„Се разбуди Теодород сонот и разбра какво видание и каков благослов прими, го прослави Бога и светиот и не кажа што виде. И дојде пак во спомнатото место, се насели таму и рече: Овде е покојот мој за цел век, овде ќе се населам бидејќи го засакав ова место“. По малку време откако Теодор се замонашил и го добил името Теофан како прв игумен, со помош на месното население ја изградил првата манастирска црква. Чинот на основањето на Осоговскиот манастир се случил така како што било запишано. Педесет години од упокојувањето на светителот, неговите мошти Теофан ги поставил во саркофаг во внатрешноста покрај западниот дел на црквата, каде што и ден денес ја искажуваат својата исцелителна и лечебна моќ. Така во овој дел од македонската земја се појавил непресушен вруток на духовно јадро околу кое X века пулсира црковниот, духовниот и културниот живот во Кривопаланечко и пошироко со и низ манастирот Свети Јоаким Осоговски.

Некои фрагменти од житието, како оној дека игуменот со калуѓерите ги пеел часовите пред црквата, се искористени од С. Новаковиќ и од некои современи автори за тезата дека првично бил изграден мал храм. Кој е тој мал храм? Од денешните два храма помалиот е посветен на Света Богородица, а не на Свети Јоаким Осоговски. Претпоставка е дека пред изградбата на Големиот храм посветен на св. Јоаким Осоговски (1847/51) год. под темелите се наоѓа во првиот храм на св. Јоаким Осоговски. Археологијата и воопшто науката сè уште ја немаат дефинирано оваа претпоставка. Дали со основањето на манастирот во XII век се изградени два храма и кај е првоизградената? За ова сè уште нема одговор. Како и да е, најстар црковен објект денес во манастирскиот комплекс е црквичката Рождество на Пресвета Богородица која датира од XII век. Манастирот Св. Јоаким Осоговски се наоѓа на неколку километри североисточно од Крива Паланка, сместен во прекрасните падини на Осоговските Планини во месноста Бабин Дол. Првичната локација според житието се вика Манастирски Рид.

Двата храма, едниот посветен на св. Јоаким и другиот на Света Богородица се сместени на пространо и питорескно плато со камбанаријата. Географската диспозиција на двата храма, како и разиграноста на придружниот архитектонски ансамбл, го прават еден од најмонументалните манастири на Балканот. Со основањето, манастирот Св. Јоаким Осоговски станал дел од историските текови на животот, дел од вечната смисла на животот на кривопаланчани и на нивната заветувана света должност на својот патрон и заштитник да му изградат манастир и да му воспеат химна на вечното животворно слово. Вистинскиот храм ги сплотил луѓето низ векови и им дал надеж во допирот со вечноста.

Свети Јоаким Осоговски во народната традиција