Paedophryne amauensis е вид на жаби откриен во август 2009 година, а официјално опишан и признаен во јануари 2012 година. Со своите 7,7 mm просечна должина, овие жаби официјално станаа најмалиот `рбетник на светот.

Откривање Овој вид беше откриен во август 2009 година од херпетологот Кристофер Остин и неговиот докторант, студентот Ерик Ритмејер, кога двајцата беа на експедиција за истражување на природното богатство на Папуа Нова Гвинеја. Новиот вид го приметиле во близина на селото Амау во Централната провинција. Откритието беше објавено во научното списание PLoS ONE во јануари 2012 година.

Одлики и живеалиште P. amauensis со своите 7,7 mm просечна должина се за само 0,2 mm пократки од претходниот рекордер во категоријата најмал `рбетник, вид на крап (Paedocypris progenetica) долг само 7,9 mm од Индонезија. Овој вид жаби живее на земја и нивниот животен циклус не ја вклучува фазата на полноглавци. Наместо тоа, тие се раѓаат како „скокачи“ - целосно оформени возрасни жаби. Можат да доскокнат и растојание еднакво на триесет пати нивната големина и произведуваат звуци со честота помеѓу 8400 - 9400 Нz. Kaко и сите други видови од фамилијата Paedophryne живеат на дното на прашумите, меѓу паднатите лисја.

Наводи

Категорија:Жаби