Српци (нарекувано и Горно Српци) — село во Општина Битола, во областа Цапарско Поле, во околината на градот Битола.

Потекло и значење на името

мини|300п|лево|Сретселото

Најверодостојно е дека потеклото за името на ова село е во врска со неговата местоположба, односно потпирањето на еден потпланински лак налик на срп. Горно Српци се именува, бидејќи има и друго село со слична местоположба што се вика Долно Српци. .

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во источниот дел на областа Цапарско Поле, во западниот дел од Општина Битола. Селото се наоѓа северно од регионалниот пат Битола-Охрид. Од градот Битола е оддалечено 14 километри и е вгнездено во планинските предели на Снеговско-облаковскиот масив. Се наоѓа на 910 метри надморска височина и спаѓа во редот на ридските села.

Низ селото поминува локален асфалтен пат кој се двои од магистралниот пат А3 кај клучката Ротино.

Селото се наоѓа во всечена долина на југозападната падина на Облаковска Планина. Околни села се Рамна, Цапари и Ротино. Во минатото, водата за пиење се добивала од поголем број на бунари, а во селото постои и чешма.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Тапанец, Вакавска Корија, Петко Осој, Качаник, Градиште, Јасиче, Рамница, Смрдливец, Катуниште, Групчениште, Евла, Мечи Камен, Станов Дол, Кљакоица, Грамадиште, Плужиње, Коритница, Тутков Камен, Горни Ливади и Манастир.

Српци има збиен тип и куќите се групирани во три маала: Горно, Средно и Долно. Главен дел на селото е Долното Маало.

Историја

мини|300п|десно|Мештани во 1903 година

Наоѓалиштето Градиште е возвишение во близина на селото, на југоисточната страна. На врвот на возвишението се наоѓаат остатоци од некогашна тврдина. Грамадиште е месност јужно од селото, покрај патот Битола-Охрид, каде низ нивите и ливадите мештаните наоѓале ќерамиди, грнци, камења и друго. Сите тврдат дека таму некогаш имало село. Покрај Грамадиште се наоѓа и месноста Ѓеројца, каде се говори дека некогаш живееле Геги. Мештанин од селото во 1950-тите години пронашол мермерна плоча на Грамадиште со текст на грчки и латински јазик. Написите не се дешифрирани, а плочата се чува во Народниот музеј во Битола.

Горно Српци е старо село, но не се знае кога е основано. Под името Мало Српци се споменува помеѓу 1650 и 1750 година. Во ова село постои значителен број на староседелски родови. Тие родови се намножиле од некогашните седум домаќинства. За време на отоманскиот период, Албанци се обиделе да се населат во ова село, но дошле во судир со мештаните Македонци и поради тоа тие отишле во соседното село Рамна.

Животот на мештаните од ова село до ослободувањето од Турците бил тежок, бидејќи често страдале од Албанците од околните села — Рамна, Лера и Кажани. Тие им ги земале најдобрите ниви, ги терале да работат за нив во нивните села, им одземале стока и друго. По своите зулуми најмногу бил познат некој Беќо од Рамна, кого го убиле комитите. Тогаш српчанското поле биле во посед на Албанците, кое си го вратиле назад со купување на нивите по 1912 година.

Во Долното Маало се наоѓа црквата „Св. Ѓорѓи“, изградена во првата половина на век, поточно во 1831 година, додека во месноста Манастир над селото се наоѓа помала црква „Пресвета Богородица“ подигната во 1927 година.

Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.

Стопанство

Еден Албанец од соседното Рамна пред крајот на отоманскиот период успеал во селото да направи мал чифлиг и изградил кула. Земјата на тој чифлиг ја откупиле некои мештани.

Население

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Српци имало 820 жители, сите Македонци христијани.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 239.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Српци се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 53 куќи.

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Српци имало 576 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 174-175.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Власи.

Според пописот од 2002 година, во селото Српци имало 65 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 45 жители, од кои 39 Македонци и 6 лица без податоци.

Родови

Горно Српци или Српци е македонско православно село, родовите во селото поголемиот број се староседелски, а помалку доселенички.

Според истражувањата од 1957 година на Јован Трифуноски, родови во селото: Староседелци: Јоновци (2 к.), Лазевци (2 к.), Гуле (1 к.), Дамчевци (10 к.), Кумчевци (6 к.), Крстевци (5 к.), Гулабовци (5 к.), Ѓореј (4 к.) (првично „Иванови“ од нив потекнува - Омраам Микаел Аиванов (Михаил Иванов, 1900-1986) — филозоф-мистик, ученик на Петар Данов Кој е Михаел Ајванхов во род со битолскиот писател по потекло од Српци Тоде Ѓорески, Барбовци (4 к.), Мишовци (3 к.), Златевци (3 к.), Скандиловци (2 к.), Радевци (2 к.), Шавкуловци (2 к.), Анѓелеј (1 к.), Шаковци (1 к.), Ѓорговци (1 к.), Трајановци (1 к.), Миленковци (10 к.), Зулумој (7 к.), Јончевци (7 к.), Јанаќој (6 к.), Бошевци (3 к.) и Вељановци (1 к.). Родовите Јоновци, Лазевци и Гуле потекнуваат од ист предок, и родовите Скандиловци, Шаковци и Крстевци потекнуваат од ист предок. Доселеници: Обедниковци (3 к.), доселени се во првата половина од XIX век од селото Обедник во Железник. Го знаат следното родословие: Ташко (жив, 25 години во 1951 г.)-Спиро-Коте-Ѓоргија, се доселил таткото на Ѓоргија; Јовчевци (2 к.), доселени се од некое село во Преспа; Тасевци (4 к.), доселени се од селото Рамна, таму биле староседелци; Дошлаковци (2 к.), доселени се од селото Завој во Охридско; Колевци (4 к.), Каракли (3 к.), Балевци (2 к.), Ружој (2 к.) и Марковци (1 к.), доселени се однекаде; Влав (1 к.), потекнува од Влав, кој се доселил од Музакија во Албанија. Во Српци се оженил со Македонка, и сега во нивната куќа се зборува македонски.

Иселеништво

Родот Милошевци (3 к.) се иселил во Ротино, а имало иселувања во Северна Америка и Австралија. Поголемо иселување имало во периодот 1961-1971.

До 1951 година, од селото имало иселеници во Битола (6 семејства), САД (20 семејства), Бугарија (22 семејства), Охрид (1 семејство), Србија (1 семејство), Аргентина (1 семејство) и во Австралија (7 семејства).

Иселеништвото продолжило и потоа и водело кон Битола, Скопје, САД, Канада, Австралија и низ Европа. Бројот на иселеници изнесува околу 500 лица.

Општествени установи

Задружен дом Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

мини|300п|десно|Задружниот дом во селото

Во век, Српци било село во нахијата Ѓават-Кол, во Битолската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе биле придодадени поранешните општини, Бистрица, Кукуречани и Цапари. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Цапари.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната општина Дихово.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Кажани, во која покрај селото Српци се наоѓале селата Гопеш, Доленци, Ѓавато, Кажани, Лера, Маловиште, Рамна, Ротино и Цапари. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Цапари, во која влегувале селата Рамна, Ротино, Српци и Цапари.

Избирачко место

Во селото постои избирачко место бр. 0211 според Државната изборна комисија, кое е сместено во задружниот дом.

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 70 гласачи. На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 62 гласачи.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Грамадиште — населба од римско време.

Цркви Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква; и Црква „Св. Богородица“ — манастирска црква.

Манастири Српчански манастир — помал манастир над селото

Споменици Спомен-плоча за НОБ поставена на зградата на основното училиште

Редовни настани

Слави Ѓурѓовден — црковна слава; и Голема Богородица — селска слава.

Личности

Родени во или по потекло од Српци Апостол Дошлаков — револуционер од ВМОРО;Илюстрация Илинден, 1934, бр.54, стр.14 Трајан Талев Ачески — револуционер од ВМОРО; Лазар Кузев Дамчевски — револуционер од ВМОРО; Петре Илијев Зулумов — револуционер од ВМОРО; Јонче Трајчев Јанакиоски — револуционер од ВМОРО; Ѓорги Кулевски — револуционер од ВМОРО; Трајан Петров Марковски — револуционер од ВМОРО; Видан Јанаќиевски — македонски партизан, учесник во НОБ; Омраам Микаел Аиванов (Михаил Иванов, 1900-1986) — филозоф-мистик, ученик на Петар Данов; и Тоде Ѓорески — писател]], новинар и библиофил.

Галерија

Поврзано Општина Битола Цапарско Поле

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Битолски села Категорија:Села во Општина Битола