Велес — град во Средишна Македонија и седиште на истоимената општина. Тој е седми град по број на жители во Македонија со вкупно население од 40.664 жители (2021 г.). На северозапад од Велес се наоѓа главниот град на Македонија, Скопје (54 км), на североисток се наоѓа градот Свети Николе (34 км), на исток се наоѓа градот Штип (43 км), на југозапад се наоѓа Прилеп (79 км) и на југоисток се наоѓаат Кавадарци (43 км) и Неготино (40 км). Велес има мошне поволна географска положба бидејќи е крстопат на меѓународни патни и железнички правци и еден од поглавните транзитни центри во Македонија.

Велес низ историјата се нарекувал со различни имиња, од кои три се најмногу користени. Од самото основање на градот, Велес се нарекувал со името Вилазора. Подоцна во Отоманското Царство градот се преименувал со името Ќупурли, кое подоцна било заменето со денешниот назив. За време на СР Македонија, но и во првите години од самостојноста на државата, Велес се нарекувал со името Титов Велес, во чест на маршалот Јосип Броз - Тито. Велес како населба постоел уште од 168 година п.н.е. и се наоѓал нешто поисточно од денешната локација. Бидејќи градот има стратешка позиција, тој бил често мета на различни странски инвазии и окупации и бил дел од различни балкански кралства и држави, почнувајќи од Пајонија, па завршувајќи со СФРЈ.

Велес е значаен и познат по голем број работи. Градот бил дом на голем број македонски преродбеници, револуционери, писатели и поети и тој е една од лулките на македонската култура, а низ историјата се среќава како град на првиот театар во Македонија, град каде што настапила првата глумица, учителката Тенка А. Коларова во популарната мелодрама „Многустрадалната Геновева“ во 1875 година, град на првата библиотека, првата гимназија, првото музичко училиште, како и првиот музеј. Градот е карактеритичен по својата типична велешка и староградска архитектура. Велес е еден од индустриските центри на Македонија и значаен трговски, транспортен и економски центар.

Потекло на поимот мини|Поглед кон Велес мини|Разгледница од Велес, маало „Брзорек“, 1920-те години

Велес како урбана населба датира уште од 168 година п.н.е. Првичните стари антички населби биле источно од градот во однос на денешната положба на градот. Со подоцнежното населување на Словените, градот бил сместен на денешната положба и го добил денешното име - Велес.

Во текот на историјата градот често го менувал името, па така бил познат како Вила Зора, Ќупурли, Титов Велес и Велес. Денешното име го добил во VII век со доаѓањето на Словените на Балканот, од словенското В ЛЕС што значи „в шума“, име кое било дадено поради густите шуми што го опкружувале градот. Но некои слависти сметаат поради голите тревнати ридишта и реката Вардар местото го населувале сточари чиј словенски бог на стадата бил Велес.

Историја

Праисториски период

Наоѓалиштата на фосилни остатоци во околината на Велес во селото Мамутчево, како и оние во глиништето во фабриката „Киро Ќучук” во самиот град, само ја потврдуваат теоријата дека овој простор отсекогаш бил населен со жив свет. Еволуирањето и појавата на човекот се следат преку бројните траги низ времето од старата камена епоха - палеолитот па сè до денес. Единствените истражувања од времето на палеолит во Македонија се вршени во непосредна близина на Велес, во месноста наречена Пешти, која се наоѓа 110 метри над десниот брег на реката Бабуна во пештерата Макаровец. Според научниците пештерата датира од 70.000 до 10.000 години п.н.е., а пронајдената фосилна фауна укажува дека на просторот живееле цицачи од ова време како што се пештерска мечка, пештерска хиена, пештерски лав, козорог, волци и лисици. Пронајдените артефакти од камен упатуваат на доцен палеолит.

Во бронзеното време, кога се карактеристични почетоците на формирање етнички заедници, реонот на Повардарието го населувале Пајонците, Бригите и античките Македонци. За Велес и околината се претпоставува дека живеело пајонско население во текот на целиот I милениум п.н.е. и дека од IV до III век п.н.е. формирало кралство. Траги од вакви населби се присутни во наоѓалиштето Теќе, кое се наоѓа на 2 километри оддалеченост од Башино Село, во близина на вливот на Отовичка Река во езерото Младост.

Наоѓалиштата од железното време придонесуваат за формирање на сликата на животот во првите векови од I милениум п.н.е. Такви се сместени во селото Долно Оризари во наоѓалиштето Свилара каде се пронајдени некропола, могилите во с. Иванковци во наоѓалиштето Инчерлак како и остатоците пронајдени во месноста Тумба во с. Караслари. Организираниот живот на Пајонците овозможил подоцна на оваа територија да се развијат поорганизирани форми на општествено живеење.

Антички период Вила Зора

За време на раниот антички период, територијата на Велес влегувала во составот на пајонската држава, која се претпоставува дека ја сочинувале голем број градски населби. Хелинистичкиот слој јужно од градот кај наоѓалиштето Кале при влезот во Велешката Клисура покрива плато од 3,5 хектари површина оградена со бедем, на кој бил сместен најголемиот пајонски град Вила Зора (Била Зора). Вила Зора се наоѓала на самиот влез од Дарданија во Македонија (Пајонија) така што Филип V освојувајќи ја во 217 година пред н.е., ја одбранил својата држава од упадот на Дарданците. Вила Зора бил значаен воен центар сè до последните години на македонското владеење. За последен пат се споменува во 168 година пред н.е. Континуитетот на името Вила Зора и Велес тешко може да се одреди, зашто Велес се спомнува дури во 1018 година. Се претпоставува дека во оваа временска празнина моќта на Вила Зора во римското владеење опаднала или пак нејзината локација треба да се бара на друго место. Во пошироката околина на Велес има повеќе траги кои укажуваат на античкиот град Аргос поврзан со територијата на Македонија.

Стоби

десно|300п|мини|Стоби - значаен стар пајонски и македонски град.

Античкиот град Стоби бил пајонски, македонски и римски град. Првиот документиран спомен за Стоби потекнува од 197 г. п.н.е., кога на тоа место македонскиот крал Филип V ја поразил дарданската војска. Во изворите каде што римскиот историчар Тит Ливиј го споменува овој податок, Стоби носи епитет на „стар град”. Урбаниот дел на Стоби се наоѓа опкружен со бедеми на вливот на Еригон во Аксиос, денес познати под името Црна Река и Вардар. Градот зафаќал мошне важна трговска и воена позиција. Променливите борби на Македонците со северните соседи биле судбоносни за Стоби. Стоби со околината дефинитивно потпаднал под македонска власт во 217 г. п.н.е. за време на владеењето на Филип V.

Кога во 168 г. п.н.е. Римјаните го поразиле македонскиот крал Персеј кај Пидна, македонското кралство се распаднало. Македонија била поделена на четири независни административни области под римска контрола, а Стоби станува центар на трговијата со сол на третата област. Во 148 г. п.н.е. Македонија станува римска покраина. Судејќи според спорадичните наоди, Стоби во пред-римско време било мало гратче со површина од 2,5 хектари. Дури од времето на преминот од старата во новата ера во градот настануваат значајни промени. Новиот град бил испланиран и зачнат, на терен што бил осум пати поголем од дотогашната населба кој бил населен најверојатно со голем број нови жители. Привлечени од Римјаните и нивната стопанска и политичка моќ, во Стоби се населувале истовремено и жители од околината и деселеници од хеленистичкиот свет. Интензивното проширување на градот може да се поврзе со подигнувањето на неговиот статус на ранг на муниципиум што Стоби го имал уште од 69 година. Прераснувањето на Стоби во град со самоуправувачки статус го посведочуваат епиграфските споменици и ковањето на локалните монети со натпис „Муниципиум Стобенсиум” кои го опфаќаат времето од Веспазијан 69 г. до Елагабал 222 год. н.е.

Средновековен период

Склавинии

Местоположбата на Велес како главна раскрсница балканските патишта Вија Егнација и Виа Милитарис и многуте други локални комуникациски врски, била интересна за словенското население кое во VI век навлегло на Балканскиот Полуостров. Походите најпрво биле пајонски, а дури потоа кога грото од староседелците (романизирано население од македонско, пајонско и римско потекло) се повлекло кон приморјето и во планинските предели, а Словените почнале да ги населуваат. Границата помеѓу античкиот и средновековниот перио на тлото на велешкиот регион може да се определи конкретно во 70-тите и почетокот на 80-тите години на VI век. Тогаш се создадени првите склавинии на територијата на Македонија. Тие ги зафаќале низинските плодни области покрај Вардар, Тополка и Бабуна при што ги разурнувале градовите и крепостите. Тогаш се изменил и етничкиот состав на населението, како и топонимијата на регионот. Тие станале доминантана етничка група и по својот говор ги именувале местата. Главниот градски центар, тврдината на вливот на реката Тополка во Вардар која била позната како Вила Зора, го добил името Велес.

Велес припаѓал на склавинијата Верзитија која се протегала на територијата помеѓу Велес, Охрид, Битола и Кичево и била населена со Брсјаци. Иако ја признавала византиската номинална власт, Верзитија се наоѓала надвор од сферата на непосредната управна власт на царството. Она што не и успеало на Византија, му успеало на бугарскиот кнез Борис кој во средината на IX век ја освоил Верзитија. Тогаш, велешкиот регион морал да ја признае бугарската врховна власт. Со неа се вратил и подемот на христијанството, кое иако не сосем уништено, било во стагнација со доаѓањето на Словените. Воспоставувањето на бугарска власт придонело до интензиривање на процесот на феудализација. Ваквата состојба довела до заострена социјална борба и до појава на широко, антицрковно, антифеудално ослободително движење чии корени се токму на пошироката велешка територија - Богомилското движење. Неговите приврзаници подоцна биле нарекувани Бабуни (според реката Бабуна), а името го добило по основачот попот Богомил. По својата суштина, Богомилството е дуалистичко учење за вечната борба меѓу доброто и злото, светлината и темнината, олицетворени во Господ и Сатаната. Тие ги отфрлале црковните обреди и култови, крстот како симбол, празниците и иконите. Учењето на Богомилите е израз на незадоволство на населението од световната и духовната власт.

Самоилово Царство и Византија

Со освојувањето на Скопје од страна на Византија, во 1004 година, велешката област станала гранична територија на македонската држава и добила улога на заштитник на нејзините цетрални делови. Царот Самоил се обидувал да го запре византиското навлегување на македонска територија, но во битката на Беласица во 1014 година доживеал катастрофален пораз. Со освојувањето на Прилеп и Штип, Велес останал отсечен од Македонија. Успевал да опстои само до 1018 година кога за првпат од доаѓањето на Словените бил принуден да потпадне под директна византиска власт т.е. да стане дел на византиското царство. Воено-административно, Велес во Византиското владеење припаѓал на темата Бугарија, но начинот на живот, даноците и религиската припадност останалене непроменети. Велес сѐ уште бил дел на Битолската епархија во составот на Охридската патријаршија на која подоцна ѝ бил одземен рангот и црковниот статус.

Отомански период thumb|300px|десно|Велес во 1863 година.

Веднаш по потпаѓањето под турска власт во 1395 година, Велес потпаднал под управата на Румелискиот беглербеглак. До 60-тите години на XIV век областа го носела името Велешки Вилает, а потоа и Велешка Нахија како најниска управно територијална единица. На чело на вилаетот се наоѓал субашијата кој живеел во Велес и заповедал со спахиите кои по правило живееле во селата. Паралелно со ова Велес станал центар на Велешката Каза или кадилак со што прераснал во многу значајна управно-судска единица. Турците градот го нарекле Ќупурли, што во превод значи "град на мостови".