Корените на т.н. “Антипартиска група” се провлекуваат уште од Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, кога дел од членовите на АНОК (Акционен народно-ослободителен комитет)Блаже Ристевски, „Професорот и државникот Мане Чучков пред и по АСНОМ“, Современост, бр. 5, Скопје, 2005. напишале опширен Приговор кон Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Членовите од АНОК, всушност, ја сочинувале оваа Антипартиска група, а подоцна влегле во Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. АНОК, всушност, била неформална група.Кире Филов, "Економските и политичките промени во Штип и штипско низ архивската документација 1944-1946 година", НУ-УБ "Гоце Делчев", Штип, 2011.

Приговор на АНОК кон Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ Приговорот го напишале Киро Глигоров и Благој Хаџи Панзов. Особено внимание во Приговорот било посветено на крајната цел на Народноослободителната војна и идниот статус на Македонија и македонскиот народ во идната федерална држава. Во основа се издеференцирале две концепции, или две државотворни програми. Едната, која сметала дека крајната цел на НОВ е ослободување на вардарскиот дел на Македонија кој ќе стекне ограничена државност во југословенската федерација, и втората-за целосна суверена и самостојна држава, односно обединета Македонија. Тоа, всушност, биле две концепции: пројугословенската, за која се залагал поголемиот дел од македонското партиско и воено раководство и промакедонската чии носители претставувале т.н. “Опонентска граѓанска демократска политичка струја”.

Со Манифестот на Главниот Штаб на НОВ и ПО на Македонија биле прокламирани основните принципи и цели на НОВ на македонскиот народ. Во него било декларирано обединување на Македонија во рамките на една балканска федерација. Во Манифестот стои дека ќе се создаде братски, федеративен сојуз на балканските народи на базата на полна рамноправност и самоопределување на народите. “Никогаш досега, македонски народе, не си имал толку убава положба и толку сојузници, за да ти се исполни твојот вековен идеал-обединувањето на Македонија... соединетите војски на сите балкански народи се борат денес за да се создаде една балканска федерација...”Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава том 2, Универзитет "Кирил и Методиј," Факултет за филозофско-историски науки, 1981, стр. 409 За дистрибуирањето на Манифестот Светозар Вукмановиќ - Темпо го известил Тито на 5 ноември 1943 година. Тој со југословенското партиско и воено раководство биле категорично против објавување на барања за обединување на Македонија, дури и во рамките на Југославија.Д-р Михајло Миноски, Македонија и Србија (1878-1944), Скопје, 2010, стр. 470 По Второто заседание на АВНОЈ, Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ ги добил материјалите преку Кузман Јосифоски - Питу. Од материјалите се гледа дека Македонија е предвидена како држава, но само нејзиниот Вардарски дел. На ова реагирал поголемиот дел од АНОК. Забелешки имале Киро Глигоров, Хаџи Панзов и др. “Зошто сега кога е војна, кога Словенците и Хрватите го поставија прашањето за териториите под Италијанците и Германците, зошто ние не го поставуваме прашањето за деловите на Македонија”.

Во приговорот АНОК му го оспориле легитимитетот на Главниот Штаб да одлучува за работи кои се од надлежност на политичко претставничко тело. Во приговорот се укажувало на одредени процедурални и суштествени прашања. Авторите на приговорот сметале дека ваков манифест требало да уследи по донесувањето на основен акт-Устав (Платформа) со кој ќе се определат основните принципи на Народноослободителната војна на македонскиот народ, и дека тој акт треба да биде прифатен од целиот народ. Во АНОК сметале дека “Главниот Штаб како, пред се, воено тело на НОБ, составен од 11 члена, не смеел да ги определува во дефинитивна форма, основните линии на борбата, а ни збор да не станува за определување на конкретните политички ангажмани” спрема југословенското политичко и воено раководство. Според нив, штабот бил должен “да каже дека Манифестот има привремен карактер до свикувањето на Народното собрание кое е единствено компетентно да ги определува, во дефинитивна форма, основните принципи на нашата борба и прифаќа конкретни ангажмани во дадената конкретна политичка ситуација”. Од АНОК барале да се разграничат надлежностите меѓу Главниот Штаб и Народното собрание заради поефикасно и правилно раководење на НОБ во воениот и политичкиот дел, во случај на евентуални разногласија помеѓу Главниот Штаб и Собранието. Во врска со прашањето за принципите на НОБ прокламирани во Манифестот, од АНОК предочувале дека истите начела “слобода и рамноправност на една третина од Македонија, онаа што беше во границите на бивша Југославија до 1941 година... Тие принципи на македонскиот народ нема да му донесат слобода и рамноправност затоа што делумно ослободен народ не е слободен народ”, односно дека “во тесните рамки на Југославија не можеше да се реши македонското национално прашање”, како и дека “проблемот на Македонија и неговото решение ги надминува рамките на бивша Југославија”.

Глигоров и Хаџи Панзов во приговорот се задржуваат и на важното прашање: стремежите и барањата на мекедонскиот народ за обединување на Македонија, но предупредуваат “Не решение на македонското прашање на парче, во една туѓа за него, вештачка комбинација Југославија, со која не го врзува никакво политичко наследство, а е симбол на неговото најцрно ропство”. Тие бараат интегрално решавање на македонското национално прашање и самостојно продолжување на НОБ, со обединување на силите од сите делови на Македонија во единствен “борбен сојуз на македонскиот народ”. Така, во приговорот се вели: “Ако не се бориме од никого нема да се ослободиме или, најпосле, ако ние самите не си го поставиме прашањето (за обединувањето на Македонија) за целосно разрешување никој друг нема да го постави ниту да го реши. Ако нашата пушка денес не грми за обединувањето на Македонија, обединувањето никој нема да ни го подари. Ако ние се задоволиме со разрешување на македонското прашање на парче, поделбата на Македонија е санкционирана еднаш за секогаш. А тоа ќе има несогледливи последици за нашиот народ”.

Ваквите ставови на Киро Глигоров, Благој Хаџи Панзов и други членови на АНОК биле оквалификувани од страна на Кузман Јосифовски - Питу (кој имал рзлични гледишта по многу важни прашања, но останал доследен до линијата на Партијата), како “тесно националистички” и како потврда за она што “другарот Тито ги обвинува нашите раководства за неизживеан национален автономизам”.Документациско одделние на ИНИ-Скопје, инв. бр. 267/43, извештај од Кузман Јосифовски-Питу до ЦК на КПМ од 20 декември 1943 година Набргу потоа од страна на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ уследил одговор на приговорот од групата членови на АНОК на Манифестот на Главниот штаб. “Набргу стигнаа главно неповолни реакции, преку разни коментари низ Партијата дека сме гледале различно од Манифестот, дека сме биле под влијание на Б’лгрјанов... Стигнаа и други забелешки, дека АНОК работи со луѓе што не се членови на КПМ...”. Тука преовладува линијата на Партијата, но со одговорот на Приговорот не биле надминати разликите во ставовоите на двете групи по однос на националното прашање. Во поглед на забелешките по прашањето за обединувањето на македонскиот народ во одговорот на Приговорот се вели дека “ние сметаме да ќе можеме да го постигнеме и реализираме тој вековен идеал на нашиот народ во една Титова Југославија, од колкото во некоја друга политичка комбинација.”, како и дека “Соединението на македонскиот народ и нам ни лежи на срце како и вам и ќе се бориме за неговото соединение до крај …Но треба да се знае, во времето на издавањето на манифестот меѓународното политичко положение не ни позвољаваше македонскиот проблем да го изнесеме на друг начин, освен како што е изнесен во самит Манифест. Титова Југославија денеска е стварност, призната меѓународна сила, со чија помошт ние ќе можеме да постигнеме соединението на нашиот народ”.Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), документи од Првото и Второто заседание на АСНОМ, Архив на Македонија том 1, книга 1, Скопје 1984, стр. 51

Во АНОК продолжиле дискусиите за заминување во партизани на слободната територија. Во декември 1943 година дел од членовите на АНОК му се приклучиле на Народноослободителното движење и се определиле како делегати на АСНОМ да дадат свој придонес во изградувањето на македонската држава. Меѓутоа иако членовите на АНОК биле вклучени во сите активности на Партијата, сепак, кај нив провладувал ставот за “сепаратно решавање на македонското национално прашање”. Политичката и идејна поларизација во ГШ и ИО за свикување на АСНОМ не била ограничена само во редовите на военото и политичко раководство на МНОД, туку имал и пошироки размери. “Евидентно е постоењето на две целосно профилирани политички струи во МНОД”. И во военото и политичкото раководство на НОД имало повеќе личности од македонската граѓанска интелегенција кои имале различни ставови по фундаменталните прашања на ослободителната борба. Поради ваквата состојба членовите на АНОК, преку Кузман Јосифовски-Питу кој бил во постојан контакт со нив, биле повикани на слободната територија каде требало да ги изнесат своите политички ставови. Во исто време ЦК на КПМ, со директно писмо го задолжил Кузман Јосифовски-Питу, меѓу другото “да го распушти Акциониот комитет за што била донесена одлука од ИО на АСНОМ и Главниот штаб на Македонија и во НОД да се вклучат само луѓе целосно приврзани на линијата на КПЈ и КПМ на АВНОЈ, Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и Главниот штаб на Македонија”.

Најголемиот дел од членовите на АНОК биле вклучени во Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Дека идејата за обединувањето на Македонија не завршила со распуштањето на АНОК, зборува и писмото на Апостолски до Чучков, од 19 март 1944 година, каде вели дека “самиот тој (Чучков), како и другите во Главниот штаб го сакаа обединувањето на Македонија и дека работат за тоа”.

Состанокот на островот Вис Во екот на подготовките за свикување на АСНОМ, во јуни 1944 година, тричлена македонска делегација во состав Методија Андонов-Ченто, Емануел Мане Чучков и Кирил Петрушевски, заминала на островот Вис на средба со највисокото југословенско партиско и државно раководство предводено од Јосип Броз Тито. Делегацијата требала пред врховните тела на Југославија и пред самиот Тито да го постави праањето за остварувањето на крајната цел на македонската национална борба: ослободување и обединување на Македонија. Делегацијата била овластена меѓу другото “да го повика македонскиот народ од егејскиот и пиринскиот дел на Македонија да ја продолжи борбата против окупаторите и, ако тоа го дозволи меѓународната ситуација, да се повикаат на обединување на силите во единствена борба...”

Делегацијата го поставила прашањето за обединување на македонскиот народ и на Македонија, во време кога таму бил примен од Тито и грчки претставник. На македонската делегација директивно и било соопштено тоа прашање да не го поставува до завршувањето на војната, туку единствено на повоената мировна конференција. Таква забрана му било поставено само на македонското раководство. Ветувањата на Тито дека македонското прашање ќе биде поставено на мировната конференција не се оствариле. На конференцијата македонското прашање не било поставено, но најверојатно не ни било разгледувано и поставувано на Министерскиот совет. За Југославија мировната конференција требало да ги разреши само територијалните разграничувања меѓу Југославија и Италија.

Првото заседание на АСНОМ