Мустафа-пашината џамија — џамија во Скопје, којашто се наоѓа на потегот меѓу Куршумли ан, црквата „Св. Спас“ и Калето. Џамијата била изградена во 1492 година, како завештание на везирот Мустафа-паша, во чијашто чест и го добила своето име. Историски, во склоп на градбата влегувале турбе, шадрван, имарет и медреса, од коишто денес се зачувани Турбето на Мустафа-паша, саркофагот на неговата ќерка Уми и шадрванот во дворот на џамијата, како и остатоци од надгробни нишани и имаретот и медресата.
Историја Џамијата била изградена во 1492 година, како завештание на Мустафа-паша, кој бил везир на султаните Бајазит II и Селим I и извршувал високи функции во Отоманското Царство.Мустафа-пашина џамија , makedonskibiser.com.mk. Тој поседувал голем имот во Румелија и четири села во околината на Скопје: Булачани, Батинци, Раштак и Црешево. Бил син на Абдулах (Абдулкерим), имал две жени, и двете по име Хуршид, и четири ќерки Хани, Уми, Шах Земан и Хума. Во Скопје, од сопствени средства, изградил џамија и месџид, а во џамијата имарет и станбени објекти во кои живееле духовните лица. Евлија Челебија, во своите патеписни белешки, забележал постоење на медреса на Мустафа-паша во Скопје.
Од мермерната плоча над влезната врата, на која е запишан текст со арапско писмо, се дознава дека објектот бил изграден на темелите на некоја средновековна црква. За разлика од останатите градби во и околу чаршијата, Мустафа-пашината џамија не претрпела големи оштетувања со земјотресот од 1963 г., но сепак по него се извршени некои реконструкциски зафати.Мустафа-пашина џамија, Проект „Стара скопска чаршија“. Последното обновување заврши во 2011 година, а на свеченото отворање на џамијата присуствуваше делегација од Турција, предводена од вицепремиерот Бекир Боздаг.По пет години реставрација свечено отворена џамијата Мустафа Паша во Скопје, TRT, 29 јули 2011.
Архитектура Градбата на џамијата е карактеристичен претставник на раната цариградска архитектура. Нејзината основа е квадратна и е покриена со купола, чиј пречник изнесува 16,3 m. Куполата била изградена на тромпи коишто се украсени со арабески и од чијашто лева страна се наоѓаат мотиви насликани од времето на изградбата на џамијата, додека од десната страна понови и без некоја посебна уметничка вредност. Објектот е ѕидан со клепан камен и два реда тули. Влзот во џамијата е преку тремот, којшто е изработен од бел мермер, а пред него се наоѓаат четири мермерни столбови кои се поврзани со полукружни лакови. Целиот овој дел е покриен со три мали куполи. Минарето високо 47 m е издигнато на северниот дел од џамијата и е изградено од клепан бигор. Во внатрешноста на џамијата се наоѓа молитвениот простор, на чијшто југоисточниот дел е сместен михработ, од кој оџата го чита Куранот, а десно од михработ се наоѓа говорница (мимбер), од која се читаат молитвите. Во кружниот простор со арабеси, на исток и запад се запишани имињата на Мухамед и Алах, додека на југ и север оние на халифите: Евубекир, Омер, Осман и Али. Веднаш над влезната врата се наоѓа галерија (мехвил).
Во рамките на џамијата влегуваат и турбето, каде што во 1519 година бил погребан Мустафа-паша; саркофагот на неговата ќерка Уми; шадрван, пред самиот влез на џамијата; надгробни нишани и остатоци од некогашните имарет и медреса.
Галерија на слики
Наводи
Поврзано Турбе на Мустафа-паша Мустафа-паша Стара скопска чаршија
Категорија:Знаменитости во Скопје Категорија:Исламски споменици на културата во Македонија М Категорија:Џамии во Скопје Категорија:Отомански џамии во Македонија Категорија:Џамии во Скопското муфтиство