Андреас Мелер (; роден во Франкфурт на Мајна, Германија, 2 септември 1967) — германски фудбалски тренер и поранешен фудбалер, играч од средниот ред.
Со германската репрезентацијата, Мелер ги освоил и светското и европското првенство, додека на клупско ниво бил првак во Лигата на шампионите, Купот на УЕФА и Интерконтиненталниот куп. Интересно, играјќи за Јувентус и Борусија Дортмунд, Мелер ги освојувал титулите победувајќи ги во финалето токму својте поранешни клубови.
По завршувањето на играчката кариера, Мелер на кратко бил тренер во баварскиот нисколигаш Викторија Ашафенбург. Од 2015 до 2017, тој му бил асистент на селекторот Бернд Штрок во унгарската репрезентација.
Клупска кариера Играчот ја започнал својата кариера во Ајнтрахт Франкфурт каде најпрво играл за јуниорите, а во 1985 година влегува во сениорскиот тим. Во клубот поминал две сезони по што во 1988 година во зимскиот трансферен прозорец преоѓа во Борусија Дортмунд. Во сезоната 1988-89 тој го освоил германскиот куп, откако во финалето неговиот тим бил подобар од Вердер Бремен со 4-1.
Во 1990 година, Мелер се враќа во Ајнтрахт за кого таа сезона постигнал 16 првенствени голови што е негов личен рекорд, кој во текот на понатамошната своја кариера не успеал да го сруши.
Во 1992 година, Мелер за првпат во својата кариера ја напушта Германија и се сели во италијанскиот Јувентус. За две сезони, тој одиграл вкупно 56 натпревари и постигнал 19 голови во Серија А. Во својата прва сезона постигнал 10 гола и бил втор стрелец на тимот (зад Роберто Баџо кој имал 21), а во втората еден гол помалку. Во 1993 како член на клубот го освоил Купот на УЕФА победувајќи го во финалето во двата натпревари својот поранешен клуб Борусија Дортмунд со 3-1 и 3-0.
thumb|left|Мелер со Борусија Дортмунд во 1997. После авантурата во Италија, Андреас се враќа во Германија и тоа повторно во дресот на Борусија Дортмунд со кој ги остварува најголемите успеси во својата кариера. За време на неговиот втор период во Дортмунд, тој освоил две титули во Бундеслигата и два германски Суперкупа. Како што го освоил Купот на УЕФА со Јувентус победувајќи ја Борусија, така во 1997 година ја освоил Лигата на шампионите со Борусија победувајќи го Јувентус со 3-1. Исто така, тука е и Интерконтиненталниот куп кој е освоен следната година, кога Борусија била подобра од бразилскиот Крузеиро со 2-0. Во шестте години поминати во клубот, Мелер се покажал како одличен стрелец, асистент и разигрувач. Заради тоа, во тоа време бил сметан за еден од најдобрите играчи од средниот ред. Подоцна со текот на времето тој добил поголема конкуренција во средниот ред на Борусија која била сочинета од помлади играчи како Ларс Рикен, Кристијан Нерлингер, Мирослав Стевиќ и Владимир Бут, па така Андреас го напуштил клубот во 2000-тата година.
Својот нов почеток, Мелер одлучил да го направи во Шалке 04, но неговото доаѓање во клубот било пропратено со критики бидејќи во клубот доаѓа од лутиот соперник на Шалке 04, Борусија Дортмунд. Во дебитантската сезона за Шалке 04, бил освоен купот на германија (кој го одбраниле следната сезона) додека во првенството Шалке завршил како втор. Во текот на сезоната 2002-03, Мелер претежно бил на клупата за резерви па така на крајот на сезоната одлучил да го напушти клубот.
Својата последна сезона како играч ја одбележил со враќање во клубот во којшто ја започнал својата кариера Ајнтрахт Франкфурт. Покрај почетното воодушевување следувало големо разочарување за самиот Мелер бидејќи одиграл свега 11 првенствени натпревари од кој само во две бил стартер. Својот последен професионален натпревар го одиграл на 28 февруари 2004, во победата со 3-1 над Борусија Менхенгладбах, влегувајќи во игра од клупата за резерви во 89-тата минута.
Андреас Мелер своето официјално повлекување од фудбалот го објавил на 2 март 2004.
Репрезентативна кариера Мелер со репрезентацијата на Германија под 20 години настапувал во финалето на светското јуниорско првенство во Чиле 1987 година. Германците таму биле поразени на пенали од својте врсници од Југославија.
Својот прв натпревар за сениорската репрезентација на Германија, Мелер го одиграл на 21 септември 1988 во Диселдорф против СССР, а последната на 9 февруари 1999 против Колумбија во Мајами.
Во текот на периодот додека настапувал за Елфите, Андреас го освоил насловот на светското првенство 1990-тата (Италија 1990) и европското во 1996-тата (Европско првенство 1996). Интересно е дека во 1990 не одиграл ниту еден натпревар на светското првенство иако бил член на репрезентацијата, додека на ЕП 1996-тата не можел да игра во финалето заради црвениот картон кој го заработил во полуфиналето.
Вкупно, Андерас Мелер учествувал на три Светски првенства (во 1990, 1994 и 1998) и две европски првенства (во 1992 и 1996).
Хронологија на репрезентативните настапи
Титули Клупски Бундеслига : 2 1994-1995, 1995-1996 Куп на Германија : 3 1988-1989, 2000-2001, 2001-2002 Суперкуп на Германија : 2 1995, 1996 Куп на УЕФА : 1 1992-1993 Лига на шампиони : 1 1996-1997 Интерконтинентален куп : 1 1997
Репрезентативни Светско првенство : 1 1990 ЈуЕс куп : 1 1993 Европско првенство : 1 1996
Надворешни врски RSSSF.com National Football Teams.com Worldfootball.net
Категорија:Живи луѓе Категорија:Германски фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Ајнтрахт Франкфурт Категорија:Фудбалери на ФК Борусија Дортмунд Категорија:Фудбалери на ФК Јувентус Категорија:Фудбалери на ФК Шалке 04 Категорија:Фудбалери во Серија А Категорија:Фудбалери од Бундеслигата Категорија:Родени во 1967 година