мини|десно|250п|Сребрен статер на кралот Аминта III мини|десно|250п|Монета на кралот Филип III Аридеј, 323-17 п.н.е. Историја на парите во Македонија е преглед на мошне долг временски период на постоењето на парите како платежно средство, од монетоковањата на македонските родовски заедници векови пред нашата ера, па сè до денешниот македонски денар како валута на Република Македонија.

Монетите на македонските заедници

Почетокот на монетоковањето на територијата на Македонија датира од крајот на VI п.н.е, кога пајонските заедници почнале да ги издават своите сребрени монети само еден век подоцна од појавата на монетите во светот. Во текот на VI век п.н.е. меѓу заедниците кои ја населувале оваа територија се издигале владетели коишто, по примерот на малоазиските владетели, почнале да издаваат свои пари, сребрени парчиња со стандардизирана тежина на кои биле втиснати претстави карактеристични за нивната заедница. Во почетокот, парите биле користени за купување мир, т.е за плаќање данок на Персијците и за трговија.http://www.nbrm.mk/WBStorage/Files/Trezor_Trezor_Makedonija_parite_i_istorijata.pdf

На крајот од VI век и во текот на V век п.н.е. племињата кои ги населувале регионите на Пајонија, Македонија и Тракија влегле во своевиден монетарен сојуз, па нивните пари биле ковани со ист тежински стандард, имале исти номинали и иконографија која е блиска, но сепак со белег на посебност, а била поврзана со нивната религија и со секојдневниот живот. Парите што биле ковани пред 480 г. п.н.е. содржат претстави само на аверсната(предната) страна, додека на реверсот(задната страна) е втиснат инкузен квадрат, отпечаток што настанал во самиот процес на нивната изработка. Поголемите номинали најчесто содржат композиции на човек и говедо. Кај деронските и лајајските примероци е прикажано некое локално божество или можеби самиот владетел во кола влечена од говедо. Сонцето, шлемот или растителниот мотив коишто често се дел од аверсната композиција можно е да претставуваат своевидни ковнички знаци. Македонските племенски заедници биле во тесна врска со пајонските, па некогаш и тешко се разграничуваат едни со други. Меѓу обединувачките претстави кои се јавуваат на монетите е сонцето, кое подоцна ќе прерасне во препознатлив симбол на македонската кралска куќа на Аргеадите.

Монетите на пајонските владетели

Во НБРМ се чуваат 180 монети кои биле ковани од пајонските владетели, меѓу кои има исклучително ретки и уникатни примероци. Еден таков примерок е диаболот на пајонскиот владетел Тевтај, за кој нема потврда во пишаните извори и единствено оваа монета го потврдува неговото постоење. Покрај Тевтај, уште пет владетели се посведочени единствено преку монети определени како пајонски кнежевства и паралелно со познатата пајонска кралска династија која е потврдена во историските извори.

Ликеј (с.359/6 – с.340/35 г. пр.н.е) е првиот пајонски владетел кој ковал свои пари, тетрадрахми, драхми и тетроболи. Мотивите на неговите пари асоцираат на поврзаност со македонската кралска куќа (Зевс, борбата на Херакле со немејскиот лав), а аверсната претстава на Аполон, дел од неговите тетрадрахми ги поврзува со ковниците во Олинт Дамастиј.

Во времето на следниот пајонски крал Патрај (340/35-315 г.пр.н.е) продолжило ковањето на истите номиналии, тетрадрахми, драхми и тетраболи според пајонскиот тежински стандард. Аверсниот тип со претстава на Аполон на аверсната страна на тетрахмите исто така бил задржан од претходниот владетел. На неговите тетрадрахми се познати два типа на реверсни претстави, едната е со глава на коњ, а на другата има претстава на коњаник кој прободува паднат непријател. Особено е интересна аверсната претстава на неговите драхми и тетраболи каде што е претставен млад маж со тенија на главата, за кој се смета дека е портрет на самиот владетел.

Монети на македонските владетели

Историјата на македонското кралско ковништво започнува со Александар I Филхелен (498-454 г.пр.н.е). Имено, по повлекувањето на Персијците, околу 480 г. п.н.е. започнало политичкото анектирање на областите Крестонија, Бизалтија и Мигдонија кон Македонија. Во регионот што го населувале Бизалтите се наоѓала планината Дисорон позната по своите богати рудници од кои, според Херодот, Александар I добивал по еден талант сребро дневно(околу 26 кг). Пред 480 г. п.н.е., заедницата на Бизалтите издавала свои монети чии претстави останале исти со нивното влегување во Македонското Кралство, така што практично овие монети, на чија реверсна страна било додадено името на Александар, претставувале негови први парични изданија. Покрај поголемите номинали, во периодот помеѓу 476/75 и 460 г.пр.н.е Александар емитувал октооболи и тетроболи, обележани со буквите А и Н. Овој македонски паричен систем бил заснован врз феникискиот тежински стандард, односно бил негова редуцирана варијанта.

За време на своето владеење Пердика II водел мудра и флексибилна политика и склучувал сојузи во зависност од политичката ситуација, со што успеал да го зачува територијалниот интегритет на неговото кралство. Ковал само сребрени монети со помали номинални вредности – тешки и лесни тетраболи, диоболи и оболи можеби заради недостатокот од сребро со кој се соочувал, но и заради потребата од поголема монетаризација на неговата економија. Неговите тетроболи и диоболи имаат иста иконографија како монетите на неговиот татко, но на оболите на Пердика II за првпат бил претставен Херакле, митскиот предок на Македонците. Наследникот на Пердика II, кралот Архелај (413-399 г.пр.н.е) ја претворил Македонија во значајна економска сила во поширокиот регион. Во историјата е запаметен како голем градител и реформатор кој, меѓу другото ја преселил македонската престолнина од Ајга во Пела и организирал македонски олимписки игри во Дион, бидејќи на варварите им било забрането учество на хеленските олимписки игри. Во однос на неговата монетарна политика, Архелај останал забележан заради реформата со која бил променет дотогашниот тежински стандард, односно за основа на паричниот систем бил прифатен т.н. лидиско персиски стандард, но со локални одлики. Покрај тоа, повторно биле воведени големи номинали во сребро коишто требало да ги задоволат потребите на надворешната трговија. За потребите на локалниот пазар биле ковани поситни сребрени номинали, како и бронзени пари коишто за првпат биле воведени во употреба во 400 г. п.н.е. Се чини дека иконографијата на парите ја отсликува потребата на Архелај да го истакне своето аргеадско потекло. Очигледноста на оваа намера е забележлива преку изразеното присуство на претставата на Херакле, како и претставата на волкот што требало да алудира на легендата за основањето на градот Арг.

Во времето на Филип II Македонски, Македонија станала најмоќна држава. По неговото доаѓање на власт започнало ковањето на Филиповите сребрени пари во Пела. Со монетарната реформа којашто била спроведена во 345 г.п.н.е. Филип II првпат во монетарната историја на Македонија вовел златна номинала. Златниот статер бил кован во истите ковници во кои биле произведувани сребрените пари, а заради флексибилност на монетарниот систем биле издавани и неговите фракции: ½, ¼, 1/8 и 1/12 од статерот. За статерите бил користен атичкиот тежински стандард, додека за тертадрахмите локалниот македонски тежински стандард. Паричниот систем на Филип II бил триметален, па покрај статерите и тетрадрахмите во Пела и Амфилон веројатно биле ковани и неговите бронзени пари. Сите тие продолжиле да бидат ковани во негово име долго време по неговата смрт.

По смртта на Филип II, на престолот дошол неговиот син Александар III Македонски еден од најголемите и најхаризматичните војсководители во историјата на човештвото. Во текот на своето владеење успеал да ја прошири територијата на Македонија од Египет до Индија и на тој огромен простор во циркулација биле неговите златни, сребрени и бронзени пари кои се ковале во триесетина ковници низ целата империја. Моќта на Александар Македонски, како и високата чистота на металот од кој биле ковани неговите пари условиле овие монети да станат општоприфатено меѓународно платежно средство. Паричниот систем на Македонската Империја во овој период се засновал врз атичкиот систем. Златни деноминации биле дистатер, статер, ½, ¼ и 1/8 статер, а сребрени биле декадрахми, тетрадрахми, дидрахми, драхми, половина драхма, диобол, обол и половина обол а било интензивирано и ковањето бронзени монети. На аверсната страна на неговите тетрадрахми е претставен Херакле, а на реверсот врховниот бог, за кој е прифатено дека го претставува Зевс.

Римски монети

По поразот на Македонците во 168 година пр.н.е, државата била ставена под римски протекторат и поделена на четири области. Рудниците од кои се добивала златна и сребрена руда биле затворени и со таа мерка монетоковањето било значително редуцирано. Монетите кои биле емитувани во име на градовите претставуваат вообичаен тип на римското провинциско монетоковање. Тие најчесто биле ковани во бронза и се употребувале локално па на територијата на Македонија меѓу I и III век во циркулација биле монетите на градовите од провинцијата Македонија, Амфипол, Бероја, Едеса, Тесалоника, муникипиумот Стоби, колониите Касандреја, Дион, Пела и Филипини. Меѓу мноштвото градови кои во римскиот империјален период добиле дозвола да издаваат пари на територијата на Македонија денес се наоѓа единствено Стоби. Во римскиот период, Стоби бил најголем град во провинцијата Македонија Салутарис и во него постоела римска заедница за чие значење зборува и добивањето муникипијален статус во 69 г. Овој статус му овозможил на градот ковање сопствени бронзени монети коешто започнало на крајот на I век и траело до 217 г.

Римски денари

Со паѓањето на Македонија под власт на Римјаните покрај провинциските монети во првата половина на I век п.н.е. во циркулацијата на територијата на Република Македонија влегол и римскиот денар. Денарот е сребрена монета која Римската Република била воведена во оптек околу 211 г. п.н.е. Името потекнува од лат. Deni (по десет), што ја означувало неговата првобитна вредност од 10 аса, која на дел од денарите е означена со ознака Х. Според оваа номинала е именувана и денешната македонска валута. Во републиканскиот период, монетите биле ковани во името на монетарните магистрати. На аверсот најчесто е претставена Рома, а на реверсот сцени од римската митологија, историја како и прикази на значајни политички и воени настани.

Една од најтемелните монетарни реформи во историјата била спроведена од страна на Диоклетијан. Со реформата била коригирана тежината на ауреусот, а биле воведени сребрен аргентеј и фолис или нумус, бронзена монета со сребрена навлака. Во 301 година бил донесен Едикт за цените со кој се утврдувале максималните цени на определени стоки, а непридржувањето до него повлекувало ригорозни санкции. Во 309 година Константин I повторно спровел монетарна реформа со која било воведена нова златна номинала – солид и неговата фракција семис. Околу 324 година биле воведени и две нови сребрени парични единици, милиаренс и силикава.

Византиски монети

Почетокот на византиската нумизматика најчесто се поврзува со монетарната реформа на Анастасиј I со која биле воведени нови бакарни пари додека златното ковање останало непроменето, па во оптек биле златните солиди, семиси и тремизи. Покрај драстичното зголемување на тежината во однос на доцноримските монети, новите бакарни пари добиле и ознака за вредност според хеленскиот бројчен систем која била забележана на нивната реверсна страна. Со М (40 нумии) бил обележуван фолисот, со К (20 нумии) полуфолисот и со I (10 нумии) деканумијата. Со реформата од 512 година двојно била зголемена тежината на бакарните монети а била додадена и нова номинала, 5 нумии обележана со Е. Парите биле ковани во четири ковници: Цариград, Тесалоника, Антиохија и Никомедија.