Мишел Мари Фајфер (родена на 29 април 1958 година) — американска глумица. Нејзиното прво филмско појавување е во филмот Холивудски витези од 1980 година, но поголемо внимание привлекува со филмот Лице со лузна (1983 година). Taa била номинирана за Оскар за Најдобра споредна глумица за филмот Опасни врски (1988 г.) и како Најдобра глумица за филмовите Фантастичните браќа Бејкер (1989 г.) и Љубовно поле (1992 г.). Нејзините успеси најдобро се гледаат од филмовите Бетмен се враќа (1992 г.), Духови од минатото (2000 г.) и Лак за коса (2007 г.). Други филмови во кои глуми таа се: Брилијантин (1983 г.), Вештерките од Иствик (1987 г.), Мажена за мафијата (1988 г.), Време на невиност (1993 г.), Волк (1994 г.), Опасни умови (1995 г.), Јас сум Сем (2001 г.) и Темни сенки (2012 г.).
Животопис Фајфер е родена во Санта Ана, Калифорнија, втора од четирите деца на Ричард Фајфер, трговец со клима-уреди и Дона Таверна, домаќинка. Таа има еден постар брат, Рик (роден 1955 г.) и две помали сестри, Диди Фајфер, која е исто така глумица, и Лори Фајфер (родена 1965 г.). По татко и таа има германско, а по мајка и швајцарско и шведско потекло. Првобитно, нејзините родители живееле во Јужна Дакота, но подоцна, целото семејство се преселило во Мидвеј Сити, каде Фајфер го поминала нејзиното детство. Таа учела во средното училиште Фаунтин Вали, и го завршила во 1975 година. Работела во супермаркетот Вонс, а студирала на универзитетот Голден Вест. По краток престој на обука за судски стенограф, таа се одлучила за глумечка кариера. Победила на натпреварот за Мис на округот Оринџ во 1978 година, а потоа, истата година учествувала на натпреварот за Мис Калифорнија, на кој освоила шесто место. Потоа, таа најмила агент и започнала да посетува аудиции за филмови.
Кариера
Први појавувања на филмското платно Првичните појавувања на Фајфер на филмското платно, вклучуваат улоги во филмовите Островот на фантазијата, Делта Хаус и Лоши мачки и неколку мали филмски улоги во Заљубувајќи се повторно (1980 г.) покрај Сузана Јорк, Холивудски витези (1980 г.) наспроти Тони Данза и Чарли Чен и клетвата на змејската кралица (1981 г.), но никој од овие филмови не се сретнал со особен успех. За нејзините филмски појавувања, Фајфер изјавила: Морав да научам како да глумам... во меѓувреме, глумев привлечна девојка и заработував за мојот изглед. Фајфер се појавува во телевизиска реклама за сапунот Лукс, а воедно земала часови по глума во театарот Беверли Хилс. Истовремено, таа снимила три филма: Кали и нејзиниот син (1981 г.) со Линдзи Вогнер, Децата што никој не ги сака (1981 г.) и римејк на Сјај во тревата. Потоа, таа ја добива својата прва голема улога како Стефани Зинон во филмот Брилијантин 2, продолжение на мега хитот Брилијантин. Филмот бил критички и комерцијален неуспех, иако Фајфер добила големо внимание, особено од Њујорк Тајмс. За неа, тие изјавиле: Иако е нова на екраните, Фајфер успева да изгледа многу побезгрижно и поудобно на сцената отколку било кој друг во глумечката екипа. И покрај одбегнувањето на острите критики, агентот на Фајфер подоцна признал дека нејзината поврзаност со филмот значи само едно: дека таа нема да добие работа, и дека никој не сака да ја одбере неа.
Пошироко внимание
Гледајќи го Брилијантин 2, режисерот Брајан де Палма одбил да ја прифати за кастингот за Лице со лузна (1983 г.), но попуштил на инсистрирањата на продуцентот. Таа била на аудиција за улогата на Елвира Хенкок, зависник од кокаин. Повеќето критичари го сметале овој филм за крајно насилен, но сепак тој станал голем хит следните години. Фајфер добила позитивни критики за нејзината споредна улога. Ричард Корлис, за неа изјавил: Поголемиот дел од глумењето е добро. Мишел Фајфер се подобрила. Доминик Дун, пак, во статија за Венити Фер изјавил: Таа е на работ да добие статус на ѕвезда. Со друг начин на изразување, таа е сексипилна.
По Лице со лузна, таа прифатила неколку улоги: улогата на Дијана во комедијата на Џон Лендис Во ноќта (1985 г.) наспроти Џеф Голдблум, улогата на Фејт Хили во филмот Слатка слобода (1986 г.) на Алан Алда, наспроти Мајкл Кејн и улогата на Бренда Лендерс во еден дел од научнофанатастичната пародија Амазонка на месечината (1987 г.). Иако сите овие филмови се здобиле со скромен успех, сепак, и помогнале на Фајфер да се докаже како глумица. Со голема популарност се здобила со улогата на Суки Риџмонт во филмската адаптација на романот Вештерките од Иствик на Џон Апдајк, глумејќи покрај Џек Николсон, Шер и Сузан Сарандон. Во земјата филмот заработил 63.766,510 долари.
Успех кај критичарите
Во 1988 година, Мишел Фајфер ја играла улогата на Анџела де Марко, вдовица на еден њујоршки гангстер, во комедијата на Џонатан Дем, Омажена за мафијата, заедно со Метју Модин, Дин Стоквел и Мерцедес Руел. За оваа улога, таа носела кадрава перика и била бринета, а воедно морала и да го извежба бруклинскиот акцент. Оваа улога и ја донела и првата номинација за Златен глобус за Најдобра глумица во мјузикл или комедија, започнувајќи ја шестгодишната последователна низа од номинации за Најдобра глумица. Потоа, Фајфер се појавува како Џо Ен Валенари, сопственичка на ресторан во Утро за очајни, заедно со Мел Гибсон и Курт Расел, но се соочува со професионални и лични разлики со режисерот Роберт Таун, кој ја опишува како „најтешката“ глумица со која некогаш соработувал.
Фајфер се приклучила на кастингот за филмот на Стивен Фриарс, Опасни врски, глумејќи покрај Глен Роуз и Џон Малкович, во улога на Мадам Мари де Турвел, чесна жена која е жртва на заведување. Нејзината изведба и донесе голема популарност; Хол Хинсон од Вашингтон Пост, за нејзината улога изјавил: Најмалку воочлива, но и најтешка. Нема ништо потешко од тоа да глумиш жена полна со доблести, а Фајфер е доволно паметна, што не вложува ни труд за да го постигне тоа. Таа е олицетворение на ликот. Порцеланската убавина на нејзината кожа и начинот на кој ја користи, прави да изгледа како тоа да е израз на нејзината духовност. Таа ја добила БАФТА наградата за Најдобра глумица во споредна улога и била номинирана за Оскар за Најдобра споредна улога.
Во 1989 година, Фајфер ја прифатила улогата на Сузи Дајмонд, во Фантастичните браќа Бекер,заедно со Џеф Бриџис и Бо Бриџис, кои ги глумеле браќата Бекер. За оваа улога, таа претрпела четиримесечно интензивно вежбање на гласот. Филмот имал скромен успех, заработувајќи 18.428,904 долари. Сепак, Фајфер добила многу пофалби за изведбата на ликот на Сузи. Џенет Маслин, од Њујорк Тајмс, за оваа изведба изјавила: Начинот на којшто Фајфер ја претставува силната, неодоливо прекрасна Сузи во светот на Бекерови, има такво влијание на филмот, како што кибритот би имал врз запалката. Роџер Еберт, пак, за оваа улога, ја споредил со Рита Хејворт во Гилда, и со Мерилин Монро во Некои претпочитаат да биде жешко, и го опишува овој филм како филм кој години подоцна, ќе биде искористен како доказ, кога ќе се започне со откривање на чекорите по кои Фајфер станала голема ѕвезда. Во текот на сезоните на награди, во 1989-1990 години, Фајфер доминирала во категориите за Најдобра глумица, и добила награди на Златен глобус, Националниот одбор за преглед на филмовите, Национално здружение на филмски критичари, Здружение на њујоршки филмски критичари, Награда за најдобра глумица од здружението на филмски критичари од Лос Анџелес, и од Здружението на филмски критичари од Чикаго. На доделувањето на Оскарите, таа била фаворит за добивање на Оскар за Најдобра глумица, но наградата ја добила Џесика Тенди за филмот Возејќи ја г-ца Дејзи. Друга поголема награда за која била номинирана, но не ја добила е БАФТА Наградата за најдобра глумица во главна улога, за филмот Фантастичните браќа Бекер, која исто така паднала во рацете на Тенди.
Меѓународен успех
Фајфер го продолжила својот пат кон врвот на Холивуд, прифаќајќи, но и одбивајќи различни улоги, почнувајќи со главната улога во Убава жена (1990 г.). Главната улога во овој филм ја играла Џулија Робертс, која и донела номинација за Оскар за Најдобра глумица. Во 1990 година, таа ја играла улогата на Катја Орлова, во филмот на Џон ле Каре, Руска куќа, наспроти Шон Конери, улога која и налагала да го усвои рускиот акцент. За нејзиниот труд, таа била наградена со номинација на Златен глобус за Најдобра изведба на главна глумица во игран филм (драма). Следната година, Фајфер ја играла улогата на келнерката Френки во филмот на Гери Маршал, Френки и Џони. Во овој филм, таа повторно се среќава покрај нејзиниот соработник од Лице со лузна, Ал Пачино. Многумина сметале дека Фајфер е погрешен избор за оваа улога, бидејќи таа е многу убава за да игра улога на „обична“ келнерка. За ова, Фајфер изјавила дека ја прифатила улогата бидејќи „ова не е тоа што луѓето би го очекувале од неа“. За оваа изведба, таа уште еднаш била номинирана за Златен глобус за Најдобра глумица во игран филм (драма). Во овој период, таа ја одбила улогата на Кларис Старлинг во Кога јагнињата ќе стивнат ( улога која ја играла Џуди Фостер и за која освоила Оскар за најдобра глумица), улогата на Кетрин Тремел во Основен инстинкт, (улога која накрај ја глумела Шерон Стоун) и улогата на Луиз во филмот на Редли Скот Телма&Луиз (улога која била изведувана од 20 годишната глумица Сузан Сарандон).
За нејзината улога на Лорен Халет во драмата Љубовно поле (1992 година), таа била номинирана за Оскар за Најдобра глумица во главна улога и за Златен глобус за Најдобра изведба на глумица во игран филм (драма). Но, финансиски западнатата продуцентска куќа Орион пикчрс, привремено го одложила овој филм. Филмот конечно бил објавен во 1992 година. За Фајфер, во Њујорк Тајмс било напишано дека „таа повторно докажала дека е префинета, вешта и необична, исто толку колку што е и убава“. За улогата на домаќинка од Далас, таа ја добила наградата Сребрена мечка за Најдобра глумица, на Берлинскиот филмски фестивал.
Во 1992 година, Фајфер ја прифатила улогата на Жена мачка во филмот на Тим Бартон, Бетмен се враќа, играјќи наспроти Мајкл Китон и Дени Девито. За оваа улога, таа била обучувана за боречки вештини и вежбала кикбокс. Питер Траверс од Ролинг Стоун ја пофалил бидејќи покажала дека женските одмаздници можат да бидат и интелигентни и снаодливи. Списанието Премиер исто така ја пофали нејзината изведба. Овој филм постигна големи успеси и достигна заработка од 266 милиони долари на светско ниво.
Следната година, режисерот Мартин Скорсезе и ја доделил улогата на грофицата Елен Оленска во романтичната драма Време на невиност, покрај Даниел Деј Левис и Винона Рајдер. За оваа улога, таа се здобила со наградата Елвира Нотари на Венецијанскиот филмски фестивал, и номинација за Златен глобус за Најдобра изведба на глумица во игран филм. Истата година, таа ја добила Кристалната награда на Жени во филмот – Лос Анџелес, за нејзиниот придонес во филмската индустрија.