Родени убијци е акционен/крими филм режиран од Оливер Стоун во врска со две жртви на трауматично детство кои стануваат љубовници и масовни убијци и се прославени од страна на медиумите. Ѕвезди на филмот се Вуди Харелсон и Џулиет Луис, заедно со Родни Денџерфилд, Роберт Дауни, Том Сајзмор, и Томи Ли Џонс.

Филмот е заснован на сценарио напишано од Квентин Тарантино, кое подоцна го преуредил Стоун заедно со писателот Дејв Велоз и помошник продуцентот Ричард Рутовски. Познат по својата насилна содржина, филмот е прогласен за осмиот најконтроверзен филм на сите времиња од страна на Entertainment Weekly во 2006 година.25 Most Controversial Movies Ever , Entertainment Weekly, 9 June 2006

Родени убијци беше промовиран со наслови како: „Храбар нов филм кој ни прикажува слика на држава заведена од слава, опседната од криминал и конзумирана од медиумите“ и „ Во медиумскиот циркус на животот тие беа главна атракција“. Премиерното прикажување беше во Соединетите Држави на 26 август 1994 година.

Дејствие

Вовед Мики Нокс (Вуди Харелсон) и неговата жена Мелори (Џулиет Луис) застануваат во кафуле на автопат во пустина во Ново Мексико. Пристигнува група селани (Ричард Лајнбек, Кирк Балц и Џејмс Гемон) и еден од нив почнува сексуално да ја малтретира Мелори. Таа накратко го заведува пред да го претепа до смрт. Потоа, Мики и Мелори ги убиваат сите, освен двајцата вработени во кафулето, при што кулминацијата ја достигнуваат со морбидната игра „Еци Пеци Пец“ за да одлучат кој од нив ќе остане жив а кого ќе убијат. По убивањето на келнерката Мабел (О-Лан Џонс), двојката се осигурува дека единствениот преживеан ги памти нивните имиња по што тие се прегрнуваат и си изјавуваат бесмртна љубов.

Прв дел Мики и Мелори кампуваат во пустина и Мелори се потсетува на нивното запознавање.Ретроспективата го покажува Мики како разнесувач на месо, тој доаѓа во нејзиниот дом во кој таа живее со својот татко што сексуално ја малтретира (Родни Денгерфилд), со несовесната мајка (Еди Мекларг), и со нејзиниот помал брат Кевин (Шон Стоун). Мики и Мелори веднаш се заљубуваат и заминуваат од куќата заедно, при што Мики го краде автомобилот на нејзиниот татко. Набрзо потоа, Мики е уапсен и е во притвор поради кражба на автомобил, но последователно бега за време на торнадо и се враќа во куќата на Мелори. Двајцата ги убиваат нејзините родители, но го поштедуваат Кевин. Продолжуваат на пат и се „венчаваат“ на мост, прославувајќи со земање заложничка. Бесна на идејата на Мики да имаат тројка, Мелори вози до најблиската бензиска станица каде што флертува со механичарот (Балтазар Гети). Тие почнуваат со секс на хауба од кола, но Мелори го убива кога тој препознава дека таа е баран убиец. Во меѓувреме, Мики ја силува заложничката.

Втор дел Парот ја продолжува нивната треска на убивање, оставајќи зад себе 52 жртви во Ново Мексико, Аризона и Невада. Нивен прогонувач е детективот Џек Скагнети (Том Сајзмор), кој станува опседнат со масовни убијци откако и тој самиот на осум годишна возраст бил сведок на застрелувањето и убивањето на неговата мајка од страна на Чарлс Вајтмен. Под неговата херојска фасада, се крие насилен психопат, кој има и задавено проститутка до смрт. Убијците исто така ги следи и таблоидниот себе-промовирачки новинар Вејни Гејл (Роберт Дауни). Гејл ги прикажува Мики и Мелори на своето шоу, „Американски манијаци“, каде ги издигнува до статус на култни херои.

Мики и Мелори се губат во пустината и наидуваат на Варен Ред (Расел Минс), навахо индијанец, и неговиот млад внук Џеремија Битсуи). Откако Мики и Мелори заспиваат, индијанецот се надева дека ќе го истера демонот што го согледува во Мики, почнува да мантра покрај огнот, предизвикувајќи кошмари кај Мики во врска со неговите родители што го малтретирале. Тој се буди разбеснет и фатално го застрелува “Red Cloud” (црвениот облак) пред да се свести што прави. Тоа е првпат Мелори и Мики да почувствуваат вина за извршено убиство. Бегајќи од местото на злосторот, скршнуваат на поле со ѕвечарки кои ги каснуваат и двајцата.

Возат до аптека за да најдат противотров, но фармацефтот го вклучува тивкиот аларм пред Мики да го убие. Наскоро пристигнуваат полициски автомобили и Мелори е уапсена и претепана од полицијата. Почнува вооружена тепачка помеѓу Мики и останатите. Пристигнува Скагнети и го уценува Мики дека доколку не се предаде ќе и ги отсече градите на Мелори. Мики ги предава сите негови пиштоли, но го напаѓа Скагнети со нож. Полицијата употребува електро-шок и сцената завршува со брутално претепување над Мики и Мелори од страна на група одмазднички полицајци додека сето тоа го снима јапонска новинарска екипа предводена од репортерка.

Трет дел Приказната продолжува една година подоцна: парот е притворен и чекаат да бидат преместени во психијатриска болница откако се прогласени за луди. Скагнети пристигнува во затворот и се сретнува со управникот Двајт Мек Класки (Томи Ли Џонс), со кој планира да ги убие двајцата криминалци. Мек Класки ќе среди Скагнети да биде возач при трансферот на Ноксови. Насамо со парот, Скагнети ќе ги убие со изговор дека пробале да избегаат.

Во меѓувреме, Гејл го наговара Мики да се согласи на интервју во живо кое ќе се емитува веднаш по емисијата "Super Bowl". Мелори е затворена во самица, на друго место во истиот затвор, каде што чека да биде префрлена во ментална болница. За време на интервјуто, Мики одржува говор за тоа како убивањето овозможува просветлување и се нарекува себеси „роден убиец“. Неговите зборови ги инспирираат другите затвореници (кои го гледаат интервјуто на ТВ во собата за рекреација) и ги предизвикува да започнат немири.

Откако дознава за немирот, Мек Класки наредува да се прекине интервјуто и покрај жестокото протестирање на Гејл. Го оставаат Мики насамо со Гејл, екипата на филмот и неколку чувари. Користејќи шега како диверзија, Мики соборува еден од чуварите и ја грабнува неговата сачмарка. Тој ги убива повеќето од чуварите, а останатите ги зема како заложници, водејќи ги низ затворскиот немир. Гејл ги следи, давајќи директен телевизиски пренос додека луѓе околу него се тепаат и убиваат.

Скагнети е во ќелијата на Мелори и пробува да ја заведе. Таа ги одбива неговите обиди, сплескувајќи му ја фацата од ѕид при што му го крши носот. Чуварите и Скагнети ја соборуваат. Сè уште во живо на националната телевизија, Мики влегува во мексикански двобој со Скагнети, при што глуми дека се предава. Во тој момент Мелори му се прикрадува на Скагнети одпозади и му го пресекува вратот со импровизирано ноже. За хоророт на Скагнети да биде уште поголем, Мики му соопштува дека во неговата пушка немало воопшто куршуми во текот на целиот двобој. Тогаш, Мелори го зема пиштолот од Скагнети и го убива.

Мики и Мелори го продолжуваат бегството низ затворот разурнат од немирите, при што целата ТВ екипа на Гејл е убиена. Самиот Гејл одлепува, подлегнува на “стокхолмскиот синдром“ и почнува да пука во чуварите со пиштол што го краде од еден од веќе мртвите чувари. Откако мистериозниот затвореник Овен Трафт (Арлис Ховард), ) ги спасува, триото Мики, Мелори и Гејл налетува на Мек Класки и тешко вооружен ѕид од чувари. Триото се засолнува во преплавена од крв просторија за туширање. Мек Класки се заканува дека ќе провали внатре, но на тоа, Мики се заканува дека ќе ги убие Гејл и чуварот во живо на ТВ, по што затворениците излегуваат од предна врата. Мек Класки и неговото обезбедување набргу се масакрирани од ордите на затворениците.

Мики и Мелори крадат комбе и го убиваат последниот чувар, а судбината на Овен е непозната. Бегајќи до некоја рурална локација, го даваат последното интервју на Гејл пред да му соопштат дека и тој исто така мора да умре. Тој со разни аргументи се обидува да ги предомисли, на крај потсетувајќи ги на нивната препознатлива практика на пуштање еден преживеан. Мики го инфирмира дека тие сепак оставаат сведок да ја раскаже приказната - неговата камера. Гејл ја прифаќа својата судбина и ги пружа рацете во форма на крст а тие пукаат во него до смрт додека камерата продолжува да снима. Парот е прикажан неколку години подоцна, во камперско комби, Мики вози а Мелори (која е трудна) ги гледа нивните две деца како си играат.

Продукција Филмот Родени убијци се заснова на сценариото напишано од страна на Квентин Тарантино, во кое венчан пар одеднаш e обземен од убивачката треска. Тарантино, по неуспешниот обид сам да го изрежира сценариото за 500 000 долари, го продава на продуцентите Џејн Хамшер и Дон Марфи за 10 000 долари. Тие последователно го препродаваат сценариото на Варнер Брос.Истовремено Оливер Стоун дознава за сценариото. Тој сакал да најде нешто поедноставно, за разлика од неговиот претходен филм, - Рај и Земја; чие снимање го исцрпило, па така почувствувал дека Родени убијци е токму она што го барал.

Режисерот Оливер Стоун, неговиот соработник Ричард Рутовски и писателот Дејвид Велоз, повторно го напишале сценариото, оставајќи поголем дел од дијалозите, меѓутоа менувајќи го фокусот на филмот кој претходно се засновал на новинарот - Вејни Гејл (Роберт Дауни Јр.) а сега на Мики и Мелори. Всушност, сценариото било толку променето, што според ЗПА (Здружение на Писатели во Америка), Тарантино бил одговорен само за филмската приказна. Тој во едно од интервјуата во 1993г. изјавил дека не чувствува непријателство кон Стоун и дека му посакува секое добро за филмот; "Нема да биде мој филмот туку на Оливер Стоун, и Господ да го благослови. Се надевам дека ќе ја направи вистинската работа со него. Да не бев емотивно поврзан со филмот, сигурен сум дека би ми бил многу интересен. Доколку ги сакате моите работи, можно е да не ви се допадне филмов. Но, ако ги сакате неговите работи, најверојатно многу ќе ви се допадне. Можеби ова е најдоброто нешто кое тој го направил до сега, но не затоа што јас имам некаква врска со тоа. Всушност, да ви кажам искрено, едвај чекам да го гледам."

На почетокот, кога сценариото го привлече вниманието на Стоун, нему му изгледаше дека станува збор за акционен филм - на кој Арнолд Шварценегер би се гордеел." Сепак, при развојот на проектот, заземаа место настаните како на пример случајот на О.Џ. Симпсон, случката со Менендез браќата, инцидентот со Тонија Хардинг/Ненси Кериген, инцидентот со Родни Кинг и нападот на федералната полиција врз „Давидовата гранка“ - религиозна секта. Стоун почувстувал дека медиумите се длабоко навлезени во исходот на сите овие случаи и дека станале сеприсутна единка која ги продава насилството и страдањето за поголема гледаност. Како таков, тој го променил филмот од едноставна акција во сатирична критика претежно за медиумите. Исто така, шаренилото на Стоуновиот пристап и придонесувањето на насилната содржина во филмот, всушност биле бесот и тагата што тој ја почувствувал при разводот на неговиот втор брак.. Исто така во едно од интервјуата изјавил дека филмот има влијание од „живоста“ на хинду филмови. Родни Денџерфилд сам ги напишал или препишал сите негови редови.

За време на пред-продукцијата, поради подготовките за улогата на Вејни Гејл, Дауни поминал време со Австралијанскиот ТВ шок-крал Стив Данлеви, Данлеви и подоцна го убедил Стоун да му допушти да ја игра улогата на Гејл со австралијански акцент. Исто така, за време на пред-продукцијата, Стоун се обидел да ја убеди глумицата Џулиет Луис да се поправи за улогата на Мелори, за да изгледа дека е посилна, но таа одбила велејќи дека сака личноста да изгледа на лесна жртва а не на женски телоградител.

Снимањето на целиот филм траело само 56 дена, но монтажата продолжила 11 месеци, и конечната филмска содржина имала скоро 3000 исечоци (повеќето филмови имаат 600-700).