Расизмот вообичаено се дефинира како гледишта, постапки и дела кои го одразуваат верувањето дека човештвото е поделено на различни биолошки групи наречени раси и членовите на одредена раса делат одредени особини коишто ја прават групата во целина помалку пожелна, повеќе пожелна, инфериорна или супериорна.
Точната дефиниција за расизам е спорна поради мала научна согласност за значењето на поимот „раса“, како и поради мала согласност за што ја сочинува а што не дискриминацијата. Критичарите тврдат дека изразот има различна примена, со сосредоточување на такви предрасуди од страна на белата раса и дефинирајќи едноставни забелешки на расни разлики како расизам. Според некои дефиниции, било која претпоставка дека однесувањето на една личност би било под влијание на неговата расна категоризација е расистичко, без обѕир дали тоа што го сторил е штетно или пејоративно. Други дефиниции вклучуваат и свесно злонамерни форми на дискриминација. Меѓу прашањата за тоа како да се дефинира расизмот се прашањата дали да се вклучат форми на дискриминација кои се ненамерни, како на пример претпоставување што некој претпочита или кои се неговите способности засновано врз расни стереотипи, дали да се вклучат симболични или регулирани форми на дискриминација како што е циркулирањето на етнички стереотипи низ медиумите, и дали да се вклучи социо-политичката динамика на социјална стратификација што во некои наврати е придружено од расна компонента. Некои дефиниции за расизам вклучуваат и дискриминаторски однесувања и ставови засновани врз културни, национални, етнички, општествено слојни или религиозни стереотипи. Термините расизам и расна дискриминација честопати се користат за да опишат дискриминација на етничка или културна основа, независно од тоа дали овие разлики се опишани како расни. Според Повелбата на Обединетите Нации, не постои разлика помеѓу термините расна дискриминација и етничка дискриминација, а супериорноста заснована на расно разликување е научно и морално погрешна, социјално неправедна и опасна, и не постои оправдување ни во теорија ни во пракса, никаде.
Во минатото, расизмот играл голема улога во политичкото и идеолошкото поддржување на геноцидите како што е Холокаустот, но и во колонијален контекст како што е „каучуковата треска“ во Јужна Америка и Конго, и во европското освојувањето на Америка и колонизацијата на Африка, Азија и Австралија. Расизмот исто така претставувал водечка сила на трансатлантската трговија со робови како и на земји кои се темелеле на расна сегрегација како што се Соединетите Американски Држави во 19-от и раниот 20 век и Јужна Африка под апартхејд (анг. apartheid). Обединетите Нации во целост ги осудуваат расистички политики и идеологии во Декларацијата за човекови права.
Употреба на терминот и сродни термини
Во 19-от век, голем број на научници се сложиле со единственото верување дека човечката популација е поделена на различни раси. Ова често служело да се оправда верувањето дека некои раси биле инфериорни во однос на други, а оттаму и тој начин на разликување бил оправдан. Таквите теории со едно име обично се нарекуваат научен расизам. Во случај кога привилегирањето на некои групи, или негирањето на правата и поволностите на други, на основа на расни обележја, е во рамките на една иституција, тоа се нарекува институционален расизам.
Во денешно време, повеќето биолози, антрополози и социолози ја отфрлаат единствената таксономија на раси во корист на поконкретни и/или емпириски потврдливи начела како што се географија, етнички групи или историја на ендогамија.
Оние кои го поддржуваат тврдењето дека постојат неразделиви особености меѓу луѓето кои можат да се препишат на припадниците на една расна група (и кои можат да го користат ова за да го оправдат различниот однос кон такви гупи) настојуваат да се опишат самите себе користејќи го повеќе терминот „рациализам“ отколку „расизам“, за да ги избегнат негативните конотации. Рациализмот се смета за терминолошки израз со понеутрално значење, и посоодветен за (научна) објективна комуникација или истражување.
Покрај сето тоа, ова одделување на значењата помеѓу двата термина било баш спротивно во времето кога тие биле исковани. Речникот Oxford English Dictionary го дефинирал терминот „рациализам“ како „верување во супериорноста на одредена раса“ и дава цитат од 1907 година како прва евидентирана употреба. Скратениот термин „расизам“ се појавил во англискиот јазик дури во 1930-тите години. Речникот Oxford English Dictionary бил прв кој го дефинирал терминот како „теорија дека различните човечки одлики и способности се одредени од расата“, што ја дава 1936 година како прва евидентирана употреба. Освен тоа, речникот OED го бележи терминот „расизам“ како синоним на терминот „рациализам“: „верување во супериорноста на одредена раса“. До крајот на Втората светска војна, терминот „расизам“ се стекнал со истите расистички конотации, кои претходно биле поврзувани со терминот „рациализам“. Под терминот „расизам“ се подразбирало расна дискриминација, расна супериорност и штетна намера. (Социологот Фредерик Херц, во доцнежните 1920-ти, го користел и терминот „расна нетрпеливост“.)
По пример на терминот „расизам“, се исковале голем број на пејоративни изрази со наставката „изам“ за да опишат разни видови на предрасуда: сексизам, старосна дискриминација, хендикепизам, видова дискриминација, итн. Сродни поими претставуваат антисемитизам, шовинизам и хомофобија.
Дефинирање
Терминот „расизам“ го опфаќа верувањето во расни разлики, што служи како оправдување за неднаквото постапување (што некои го сметаат за „дискриминација“) со припадници на таа раса. Терминот честопати се користи во негативна конотација и е вообичаено поврзан со расна предрасуда, насилство, антипатија, дискриминација или угнетување, и може да има променливи или оспорени дефиниции. „Рацијализмот“ е сроден термин, понекогаш наменет за да ги избегне овие негативни значења.
Како збор, терминот „расизам“ претставува идеологија, верување кое може да се опише со збор кој завршува на наставката „изам“, и кој се однесува на раса. Како што предлага етимологијата на самиот термин, тој се употребува релативно неодамна и како таков неговата дефиниција не е целосно утврдена. Речникот Oxford English Dictionary го дефинира расизмот како „верувањето дека сите припадници на секоја раса поседуваат одлики, способности или квалитети својствени за таа раса, за да се разликуваат како инфериорни или супериорни на други раси“ и изразувањето на такви предрасуди, додека речникот Merriam-Webster's Dictionary го дефинира како верување дека расата е основниот решавачки фактор на човековите особини и способности и дека расните разлики создаваат својствена супериорност или инфериорност на одредена расна група, а како алтернатива дека претставува и предрасуда врз основа на такви верувања. Речникот Macquarie Dictionary го дефинира расизмот како: „верување дека човечките раси имаат својствени одлики кои ја одредуваат нивната сопствена култура, обично вклучувајќи го и мислењето дека расата на една личност е супериорна и има право да владее врз или да ги доминира другите“.
Правно дефинирање
Обединетите Нации не го дефинираат терминот „расизам“, меѓутоа тие го дефинираат терминот „расна дискриминација“. Во согласност со Меѓународната конвенција за отстранување на сите форми на расна дискриминација на Обединетите Нации, терминот „расна дискриминација“ би подразбирал какво било разликување, исклучување, ограничување, или претпочитување врз основа на раса, боја, потекло, или национална или етничка припадност што ја има целта или влијанието да ги уништи или намали признавањето, уживањето или вршењето, на еднакво рамниште, на човековите права и фундаментални слободи во политичкиот, економскиот, соцајалниот, културниот или било кој друг домен од јавниот живот.
Оваа дефиниција не прави разлика помеѓу дискриминација врз основа на етничка припадност или раса, делумно бидејќи разликата помеѓу двете е сè уште дискутабилна меѓу антрополозите.
На сличен начин, во Британското право изразот „расна група“ подразбира „секоја група на луѓе кои се одредени по однос на нивната раса, боја, националност (вклучувајќи и државјанство) или етничка или национална припадност“.
Социолошко дефинирање
Некои социолози го имаат дефинирано терминот „расизам“ како систем на групно привилегирање. Во делото „Портрети на бел расизам“, Дејвид Велман го дефинирал расизмот како „културолошки потврдени верувања, кои, без обѕир на намерите, застануваат во одбрана на предностите кои припадниците на белата раса ги имаат поради подредената положба на малцинствата од други раси“. Социолозите Ноел А. Казанев и Дарлен Алварез Мадерн го дефинираат расизмот како „...високо организиран систем на групно привилегирање на расна основа којшто е застапен во секој оштествен слој и е поддржан од софистицирана идеологија на супериорност по боја на кожа/раса“. Селерс и Шелтон (2003 г.) установиле дека врската меѓу расната дискриминација и емотивната болка е умерена од расната идеологија и верувањата во јавните мислења. Со други зборови, изгледа дека расната сосредоточеност го зголемува степенот на дискриминација што младите Афроамериканци ја воочуваат додека расната идеологија може да ги ублажи штетните емоционални последици од таа дискриминација. Расистичките поредоци ја вклучуваат, но не можат да се сведат на, расната нетрпеливост. Социологот и поранешен претседател на Американската социолошка асоцијација, Џо Фигин, тврди дека Соединетите Држави може да се опишат како „тотално расистичко општество“. „ Малтретирањето и бруталноста од страна на полицијата упатена кон мажите, жените и децата од црната раса се стари колку и самото американско општество, датирајќи од времето на робување и Џим Кроу сегрегацијата. Таквиот вид на полициски акции ширум земјата денеска разоткриваат важни аспекти од.....секојдневните дискриминации од страна на поединци од белата раса......(и) институции управувани од припадници на белата раса кои дозволуваат или придонесуваат до такви дискриминации“.
Други социолози имаат истакнато, повикувајќи се на САД и на други места, дека формите на расизам во многу случаи се промениле од поизразити во поприкриени форми (но иако изразитите форми на омраза и дискриминација сè уште постојат). „Поновите“ (поскриените и понезабележителни) форми на расизам, кои можат да се сметаат како всадени во општествените постапки и структури, се потешки за да се истражат како и за да се оспорат. Се претпоставува дека, додека во многу земји отворениот и екплицитен расизам станува сè повеќе и повеќе табу, дури и во оние кои покажуваат рамноправно експлицитни ставови, имплицитен или аверзен расизам е сè уште потсвесно застапен.
Ксенофобијa
Дефинициите за поимот „ксенофобија“ во речниците опфаќаат: остра или ирационална апатија или страв од луѓе од други земји (речниците Oxford English Dictionaries), неразбирлив страв од или омраза кон непознати или странци или од сè што непознато или од странско потекло (речникот Merriam-Webster's Dictionary). Речникот од областа на психологијата го дефинира поимот како „страв од непознати“.
Супремасизам
Расистичките ставови на белата раса го простиле векови долг колонијализам од страна на Европа врз Северна и Јужна Америка, Африка и Азија. За време на раниот 20 век, фразата „Бремето на белиот човек“ широко се употребувала за да се оправда империјалистичката политика како благороден потфат.
Сегрегационизам
Расна сегрегација претставува поделба, во секојдневниот живот, на луѓето на раси. Може да се однесува на работи како што се јадење во ресторан, пиење вода од јавна фонтана, користење на бања, образување, одење на кино, седење под кирија или купување на куќа. Сегрегација главно е законски забранета, но може да постои преку некој општествени норми, дури и кога не постои силна поединечна склоност за тоа, како што предлагаат моделите на сегрегација и подоцнежни дејства на Томас Шелинг.
Видови на расизам
Расна дискриминација