Летни олимписки игри (ЛОИ) — меѓународен повеќеспортски настан првпат одржан во 1896 година, кој се приредува на секои четири години од страна на Меѓународниот олимписки комитет. На секој натпревар се доделуваат медали, при што златен медал за прво место, сребрен за второ и бронзен за трето — традиција која започнала во 1904 година. Зимските олимписки игри се создадени поради успехот на дотогашните летни игри.

САД четирипати биле домаќини на Летните олимписки игри, што е повеќе од која и да е друга земја. Обединетото Кралство ги приредило игрите во 2012 година, трети олимписки игри одржани во кралството, во главниот град Лондон, со што тој станал првиот град во кој се одржале игрите трипати. Австралија, Франција, Германија и Грција биле домаќини на игрите по двапати. Други земји кои биле домаќини на игрите се Белгија, Кина, Канада, Финска, Јапонија, Мексико, Холандија, Јужна Кореја, Шпанија, Советскиот Сојуз и Шведска. Игрите во 2016 се одржуваат во Рио де Жанеиро, и со тоа ова е првата олимпијада одржана во Јужна Америка. Три града биле двократни домаќини на игрите: Лос Анџелес, Париз и Атина. Стокхолм бил домаќин на две олимписки игри: 1912 година и јавачките спортови во игрите одржани во 1956 година, во игри кои биле со два домаќини.

Пет држави — Грција, Австралија, Франција, Велика Британија и Швајцарија — учествувале на сите одржани олимписки игри. Единствената земја која освоила златен медал на сите Летни олимписки игри е Велика Британија, од едно злато во 1904, 1952 и 1996 година па сè до 56 златни медали во 1908 година.

Квалификации

Квалификациските правила за секој олимписки спорт ги одредуваат меѓународните спортски сојуз кои раководат со меѓународните првенства.

Кај поединечните спортови, натпреварувачите се квалификуваат преку котирање на одредено место на некој важен меѓународен настан, или пак на списоците на спортските сојузи. Постои општо правило дека само тројца спортисти можат да претставуваат една земја во секоја поединечна дисциплина. Националните олимписки комитети можат да запишат одреден број на натпреварувачи за секој настан и самиот комитет одредува кои квалификувани натпреварувачи ќе се изберат за секоја дисциплина во случај да има повеќе кандидати кои се квалификувале за игрите.

Земјите обично ги одредуваат екипните учесници во спортовите преку континентални квалификациски натпревари, при што секое континентално здружение има одреден број на спортови во олимписките игри. Земјите не можат да има повеќе од една екипа на натпреварите.

Историја

Почетоци

мини|250п|лево|Церемонијата на отворањето на првите олимписки игри на стадионот „Панатенаико“

Современите олимписки игри започнале да се приредуваат во 1894 година, кога Пјер де Кубертен се обидел да изнајде меѓународно помирување преку спортски натпревар. Тој ги засновал игрите на Венлочките олимписки игри, кои се одржувале во Мач Венлок, Англија. почнувајќи од 1850 година. Првите Кубертенови игри одржани во Атина 1896, привлекле само 245 натпреварувачи, од кои преку 200 биле Грци, и учествувале само 14 земји. Сепак, треба да се има предвид дека ваков меѓународен настан бил прв во историјата. На жените-натпреварувачи не им било дозволено да учествуваат, иако една жена, Стамата Ревити, го трчала маратонот сама, велејќи дека сепак ќе трча, без оглед на тоа дали има дозвола од комитетот. Летните олимписки игри 1896 официјално познати како I Олимпијада, биле спортски настан кој се одбележал во Атина, Грција, од 6 до 15 април 1896 година. Ова се всушност првите игри кои се одржале во новиот век. Во антиката, игрите првично настанале во Стара Грција, па и затоа се сметало дека и современите игри треба да бидат во Атина. Местото било едногласно изгласано за време на конгресот организиран од Пјер де Кубертен, француски педагог и историчар, во Париз, на 23 јуни 1894 година. На истиот конгрес е основан и Меѓународниот олимписки комитет (МОК).

И покрај многуте пречки и неповолности, игрите од 1896 година се сметат за голем успех. Игрите имале најголемо меѓународно учество пред кој и да спортски настан одржан дотогаш. Стадионот „Панатенаико“ бил првиот поголем современ стадион на кој имало огромна публика на спортски настан.Young (1996), 153 Најголемо воодушевување кај Грците предизвикала победата на маратонот на Гркот Спиридон Луис, носач на вода. Тој победил со време од 2 часа 58 минути и 50 секунди, предизвикувајќи бурно славење на трибините. Најуспешен натпреварувач бил германскиот борач и гимнастичар Карл Шуман, кој освоил четири златни медали.

По завршувањето на игрите, Кубертен и МOК добиле петиција од истакнати личности како грчкиот крал Георги и некои од американските учесници во Атина, за наредните игри да се одржуваат само во Атина. Сепак Летните игри во 1900 година веќе биле испланирани да се одржат во Париз. Со исклучок на Олимписките меѓуигри 1906, Атина повторно била домаќин на игрите дури во 2004 година.

Четири години подоцна на игрите во 1900 година во Париз учествувале четирипати повеќе учесници, вклучувајќи и 20 жени, на кои им било дозволено да се натпреваруваат официјално, во крикет, голф, едрење и тенис. Игрите биле припоени кон Светскиот саем во Париз и траеле преку 5 месеци. Сè уште е спорно кои настани биле олимписки бидејќи само еден или ниеден од нив не бил претставен како таков во тоа време.

мини|250п|Дорандо Пјетри го завршува современиот маратон на денешното растојание.

Бројот на учесници се намалил за игрите во Сент Луис, САД 1904 година, најмногу поради должината на патувањето преку Атлантикот со брод за европските натпреварувачи, а воедно и со припојувањето на игрите со Луизијанската изложба, при Светскиот саем, на кој повторно настанот се одржал во подолг временски период. За споредба со Париз 1900 година, олимписки како збор се употребувал во секој натпревар вклучувајќи ги и оние за младите момчиња од училиштата или пак за Американците со потекло од Ирска.

Помал број на игри се одржале во Атина 1906 година. МОК денес не ги признава овие игри како официјални олимписки игри, иако многу историчари имаат спротивно мислење. Игрите во Атина во 1906 биле првите од заменски игри кои се одржале во Атина, но не постигнале успех. Игрите биле поуспешни од оние во 1900 и 1904 година со учество на преку 900 натпреварувачи и придонеле за успехот на наредните игри.

Игрите во Лондон од 1908 година имале подобар успех, на кои е утврдено стандардното растојание на маратонот од 42,195 км. Првиот олимписки маратон од 1896 година се трчал на растојание од 40 км. Новото растојание било определено за да се осигура крајот на трката да заврши пред преградата во која била сместено британското кралското семејство. На шесте олимписки игри меѓу 1900 и 1920 година, маратонот се трчал на шест различни растојанија.

При крајот на маратонот на игрите во 1908 година Дорандо Пјетри бил првиот кој втрчал на стадионот, но истиот бил во тешка состојба и колабирал пред да може да ја заврши трката. Му било помогнато да ја заврши трката од страна на загрижените организатори на трката, но подоцна тој бил дисквалификуван и златниот медал му бил доделен на Џон Хејз, кој го следел на растојание од 30 секунди.

Игрите продолжиле да растат, привлекувајќи 2.504 натпреварувачи, на игрите во Стокхолм 2012 година, вклучувајќи го и Џим Торп, кои победил и на десетобојот и на петобојот. Торп претходно играл неколку натпревари бејзбол за пари, и поради што му биле одземени медалите заради прекршување на аматеризмот по жалбите од страна на Ејвори Брендиџ. Медалите му се вратени во 1983 година, 30 години по неговата смрт. Овие игри биле први кои го исполниле во целост сонот на Пјер де Кубертен, и каде за првпат имало учесници од сите пет континенти.

Игрите кои требале да се одржат во 1916 година биле откажани поради Првата светска војна.

Меѓувоен период

Игрите во воено уништената Белгија се одржале во градот Антверпен 1920 година, но сепак привлекле голем број на натпреварувачи. Овој рекорд се одржал сè до 1924 година, кога на париските игри учествувале 3000 учесници, од кои најдобар бил финскиот тркач Паво Нурми. „Летечкиот Финец“ освоил три екипни златни медали и поединечните на 1.500 и 5.000 метри, кој ги освоил во еден ист ден.

Игрите одржани во Амстердам 1928 година биле одбележани по тоа што за првпат било дозволено жени да се натпреваруваат во атлетика, и се постигнал успех со појавата на покровителство, од страна на „Кока-Кола“. На игрите во 1928 година биле воведени стандардните изгледи на медалите од страна на МОК, избрани според Касиолиевата претстава за божицата Ника и победникот кој бил носен од толпата. Овој изглед се користел сè до 1972 година.

Игрите во Лос Анџелес 1932 година биле за време на Големата депресија, што придонело за мал број на учесници. Игрите одржани во Берлин 1936 на властите им биле златна можност за промовирање на нивната идеологија. Владејачката Нацистичка партија ја задолжила режисерката Лени Рифенштал да ги сними игрите. Како резултат на тоа, филмот Олимпија, бил рекем-дело, освен постојаното повторување на Хитлеровите теории за ариевската расна супериорност над „неарариевските“ спортисти. Особено, кога афроамериканскиот тркач и скокач во далечина Џеси Овенс освоил четири медали. Приказната за Хитлеровото непојавување на доделувањето на медалите е мит, и неговата постапка се должи на сосема други причини. На игрите во Берлин било воведено и палењето на олимпискиот оган.

Поради Втората светска војна, игрите во 1940 година (кои требале да се одржат во Токио и привремено биле преместени во Хелсинки по почетокот на војната) биле откажани. Игрите од 1944 година кои требале да се одржат во Лондон биле откажани; наместо тоа, Лондон бил домаќин на првите игри по крајот на војната, на игрите во 1948 година.

По Втората светска војна

Игрите во 1948 година се одржале во Лондон, при што на Германија и Јапонија не им било дозволено да учествуваат. Холандскиот спринтер Фани Бланкерс-Коен освоил четири медали на патеката следејќи го примерот на Овенс во Берлин.

На игрите во 1952 кои се одржале во Хелсинки екипите од СССР се натпреварувале за првпат и веднаш станале едни од подоминантните. На игрите во Финска поручникот од Чехословачка Емил Затопек се здобил со легендарен углед, со намерата да ги подобри резултатите од игрите во 1948 година. Првично победил на трките од 10.000 и 5.000 метри, а исто така учествувал и на маратонот, и покрај тоа што никогаш претходно не се натпреварувал на ова растојание. Трчајќи покрај останатите натпреварувачи и разговарајќи со нив, Затопек водел од средината на трката, полека одминувајќи ги сите натпреварувачи за да победи со разлика од 2 минути и 30 секунди, со што постигнал три победи.

Игрите Мелбурн 1956 година биле успешни. На овие игри на ватерполо натпреварот меѓу Унгарија и Советскиот Сојуз, се јавиле политички тензии кои завршиле со тепачка меѓу екипите. Поради појавата на шап и лигавка во Британија во тој период, и поради строгите карантински закони на Австралија коњичките спортови се одржале во Стокхолм.

На игрите во Рим во 1960 година се натпреварувал младиот боксер Касиус Клеј, подоцна познат како Мухамед Али. Али подоцна го фрлил својот златен медал со гадење бидејќи не бил услужен во ресторан во родниот Луисвил во Кентаки кој по правило служел само белци. Советските натпреварувачки во спортска гимнастика освоиле 15 од 16 можни медали. Друг поистакнат натпреварувач на игрите во 1960 година е и Вилма Рудолф, освојувач на златните медали на трките од 100, 200 и 4×100 метри.

Игрите Токио 1964 се забележителни по воспоставувањето на современата ера на телекомуникациите. Овие игри биле претставени на ширум светот преку телевизија, настан кој бил овозможен со лансирањето на комуникациските сателити. Така, игрите во 1964 година биле пресвртница за настанот во поглед на неговата гледаност и популарност. Џудото дебитирало како официјален спорт, а холандскиот џудист Антон Гесинк предизвикал воодушевување кога го победил во финалето Акио Каминага пред домашната публика.