Мери и Макс (англиски: Mary and Max) е австралиски анимиран филм од 2009 година, во режија на Адам Елиот (Adam Elliot), кој е автор и на сценариото. Гласовите на главните ликови во филмот ги позајмуваат: Тони Колет (Toni Collette), Филип Сејмур Хофман (Philip Seymour Hoffman) и Ерик Бана (Eric Bana). Филмот има освоено четири награди (меѓу кои и „Кристална мечка“ на Филмскиот фестивал во Берлин), а имал уште седум номинации.IMDb, Mary and Max (2009), (пристапено на 30.12.2014) IMDb, Mary and Max (2009, Awards (пристапено на 30.12.2014)
Содржина Мери Дејзи Динкл (ја глуми Колет) е осумгодишно девојче кое живее во предградието на Мелбурн, како единствена ќерка на мајката-алкохоличар и растроениот татко. Таа живее обичен живот и најмногу сака да пие кондензирано млеко и да ја гледа омилената цртана серија. Истовремено, во Њујорк живее Макс Џери Хоровиц (го глуми Сејмур Хофман), човек на четириесет и четири години, кој е осамен, променил многу работи и боледува од Аспергеровиот синдром. И тој по цел ден гледа телевизија и собира играчки со ликовите од омилената цртана серија. Исто така, тој многу сака да јаде чоколади и има проблеми со тежината.
Еден ден, Мери случајно ја наоѓа адресата на Макс и решава да му напише писмо, а тој ѝ одговара. Така, започнува нивното долгогодишно допишување. Во меѓувреме, Мери созрева, нејзините родители умираат, таа го завршува факултетот како најдобар студент, а потоа пишува книга за болеста на Макс. Сепак, таа нема среќа во љубовта: уште како мало девојче се вљубува во момчето до соседството, Гркот Дамијан (го глуми Бејна), но цело време, двајцата се срамежливи и таа никогаш не собира храброст да му ја соопшти љубовта. Тие се зближуваат дури на погребот на мајка ѝ на Мери, по што се венчаваат.
Макс, пак, го живее својот монотон, осамен живот, исполнет со постојаното дебелеење, дружењето со своите миленичиња, посетите на психијатарот и нервозата поради загадувањето на улиците на Њујорк. Во меѓувреме, поради едно писмо од Мери, во кое таа го прашува за љубовта и сексот, Макс полудува и го затвораат во психијатриска болница, каде поминува осум месеци и тогаш, тој не може да се допишува со Мери. По дипломирањето, Мери ја печати својата книга и му пишува на Макс, подготвувајќи се да го посети и лично да му го врачи првиот примерок. Меѓутоа, Макс повторно збеснува, ја отстранува буквата М од својата машина за пишување и ѝ ја праќа на Мери во писмо. Мери сфаќа дека го повредила Макс и го пали целиот тираж на книгата, по што се повлекува во домашна изолација, постанува алкохоличарка, а Дамијан ја остава и оди да живее на Нов Зеланд во хомосексуален брак со еден свој пријател. Мери му испраќа на Макс пакет со чаша, на која пишува дека ѝ е жал, но тој и понатаму не ѝ пишува. Во меѓувреме, Макс добива многу пари на лото, но речиси целата сума ѝ ја поклонува на сосетката, а за себе купува оргомно количество чоколади.
Лишена од писмата на Макс, Мери сака да се обеси, но тогаш простигнува пакет од Макс, полн со играчките од нејзината и неговата омилена цртана серија. Радосна, по некое време, Мери конечно оди во Њујорк за да го посети, но кога ќе влезе во неговиот стан, го пронаоѓа мртов на фотелјата.IMDb, Mary and Max (2009), (пристапено на 30.12.2014)
Наводи
Категорија:Цртани филмови Категорија:Австралиски филмови Категорија:Филмови на англиски јазик Категорија:Филмови од 2009 година Категорија:Филмови на Адам Елиот Категорија:Филмови со Ерик Бана Категорија: Филмови со Филип Сејмур Хофман