. Вилијам Фокнер (англиски: William Faulkner) ( – ) — американски писател, добитник на Нобеловата награда. Роден во Мисисипи, САД се смета за еден од највлијателните писатели на почетокот на XX век. Фокнер е познат по тоа што користи долги, извиткани реченици и уредно одбрана дикција што е во целосен контраст на минималистичкиот стил на неговиот соперник Ернест Хемингвеј. Некои сметаат дека Фокнер е единствениот американски модернист кој ја следи експерименталната традиција на европските писатели како што се Џејмс Џојс, Вирџинија Вулф, Марсел Пруст и Томас Ман. Неговите дела се познати како романи на тек на свеста, со неколку раскажувачи и повеќе точки на гледање како и временски смени.
Животопис Вилијам Фокнер е роден на 25 септември 1897 година во малото место Њу Албани, во сојузната држава Мисисипи како најстариот од петтемина синови во семејството. Тој потекнува од старо аристократско семејство кое дало низа истакнати луѓе: политичари, војници, па дури и еден писател. Имено, неговиот предедо кој, исто така, се викал Вилијам Фокнер, напишал повеќе книги од кои „Белата роза од Мемфис“ (The White Rose of Memphis) била една од најчитаните книги во неговото време. За време на Граѓанската војна, неговиот прадедо, полковникот Вилијам Кларк Фокнер, служел во Конфедеративната Армија, а по завршувањето на војната бил избран за член на Конгресот, но истиот ден бил убиен. Дедо му на Фокнер бил заменик на јавниот обвинител во некој округ, а татко му бил обичен службеник на Унивезритетот во Оксфорд. Уште во раното детство, семејството на Фокнер се преселило во блискиот град Оксфорд, каде тој го минал поголемиот дел од животот. Родниот крај и општествената и материјалната положба на неговото семејство претставува идејна и тематска подлога на целокупното негово творештво. Во Оксфорд, Фокнер учел во народното училиште, но не бил добар ученик и не го завршил средното училиште, бавејќи се со разни работи. По избувнувањето на Првата светска војна, откако бил одбиен од армијата на САД бидејќи не бил доволно висок, Фокнер се придружил на Кралската Армија, служејќи како пилот во воздухопловните сили при што учествувал во повеќе опасни акции, а во една прилика, неговиот авион бил погоден, а тој бил ранет. По војната се запишал на Универзитетот во Оксфорд (како воен ветеран имла право на упис и покрај тоа што немал завршено средно образование), но набргу ги напуштил студиите и повторно променил повеќе занимања: поправал покриви, а бил и поштар, дрводелец и фармер. Пресвртна точка во неговиот живот имало патувањето во Њу Орлеанс, каде се запознал со писателот Шервуд Андерсон, кој му помогнал да ги објави раните поетски творби и првиот роман „Платата на војниците“. По враќањето во Оксфорд, тој започнал да пишува, објавувајќи една стихозбирка и четири романи, но ниту едно негово дело не успеало да постигне успех кај публиката, така што бил принуден да се вработи во една фабрика. Дури во 1931 година, благодарение на романот „Светилиште“, Фокнер се збогатил и ја обновил старата аристократска куќа, започнувајќи поудобен живот.Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 368-369.Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 161-162.
Подоцна, тој се преселил во Холивуд за да работи како сценарист (продуцирајќи за Рејмонд Чендлер како и за режисерот Хауард Хокс). Фокнер започнал љубовна врска со секретарката на Хокс, Мета Карпентер. Продолжува да пие и бил познат како хроничен алкохоличар. Интересна анегдота се врзува за Фокнер за време на добивањето на Нобеловата награда за литература во 1949 година: откако пијаниот Фокнер бил донесен од неговиот внук, а тој почнал да зборува за фудбалскиот натпревар кој неодамна го гледал, сфатил дека неговиот внук го излажал дека токму тој ден се доделува Нобеловата награда за да се осигура дека Фокнер ќе биде трезен на вистинскиот ден на доделувањето на наградата. Текстот на говорот кој го одржал Фокнер е достапен на мрежното место на Нобеловата фондација, заедно со делумен аудио запис. Не се знае дали ова е во живо или е снимено во студио, иако атмосферата укажува дека се работи за доделување во живо. Според една непроверена верзија, пред смртта на Фокнер во 1962, писателот Џон Стајнбек му се јавил за да го консултира за сопствениот говор на доделувањето на Нобеловата награда, а Фокнер му одговорил дека не може да му даде совет затоа што бил премногу пијан за да се сети на сопствениот говор. Фокнер предавал на Универзитетот Вирџинија.
Последните години од животот ги минал на својот имот во родниот крај, живеејќи тивок и повлечен живот, бавејќи се претпладне со пишувањево, а попладне со риболов. Умрел во 1962 година од срцев удар.Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 162.
Творештво Наклонетоста кон пишувањето била присутна и во семејството на Фокнер: неговиот прадедо, полковникот Вилијам Фокнер, го напишал сентименталниот роман „Белата роза од Мемфис“ кој бил омилена лектира на неколку поколенија читатели. Самиот Фокнер уште во младоста пишувал поезија, но систематски почнал да пишува по преселбата во Њу Орлеанс и средбата со Андерсон. Во 1924 година ја објавил својата поетска збирка „Мермерниот фаун“, а истата година се појавил и неговиот прв роман „Платата на војниците“ во кој се опишува еден разочаран млад Американец кој се враќа од војната во родниот крај за уште повеќе да се разочара. Во 1927 година излегол романот „Комарци“ во кој последиците од војната се израени низ здодевноста на отмената њуорлеанска боемија. Овие романи прават целина во која провејува заедничко расположение под влијание на Првата светска војна. По враќањето во Оксфорд, Фокнер започнал да ги пишува своите „историски“ романи за стариот Југ. Во 1929 година го објавил својот прв роман на таа тема, „Сарторис“, во кој ја опишува пропаста на угледното и богато аристократско семејство Сарторис и подемот на семејството Сноупс. Меѓутоа, ниту овој роман не предизвикал никакво внимание кај публиката и критиката. Дури неговиот четврти роман, „Бучава и бес“ (The Sound and the Fury) од 1929 година предизвикал одреден интерес во интелектуалните кругови, пред сѐ поради содржината, композицијата и стилот. Во овој роман, чиј наслов е преземен од Шекспировото дело „Макбет“, ја прикажува пропаста на семејството Компсон. Следната година го објавил краткиот роман „Додека бев на умирање“ (As I Lye Dying) кој, исто така, не постигнал никаков комерцијален успех. Во 1931 година го објавил романот „Светилиште“ (Sanctuary), кој по советот на издавачот го напишал „по вкусот на публиката“, т.е., во стилот на американските раскази со мистерии. Истата година се појавила и збирката раскази „Тринаесетмината“ во која се наоѓа и познатиот расказ „Роза за Емили“ кој е застапен во речиси сите американски антологии. Во 1932 година го објавил романот „Светлина во август“ (Light in August), неговото најчисто и најкласично дело. По пауза од десет години, во 1934 година ги објавил втората стихозбирка, „Зелена гранка“ (A Green Bough), како и збирката раскази „Д-р Мартино“, додека во 1935 година се појавил романот „Пајлон“ (Pylon) во кој се опишува животот и смртта на еден авијатичар. Во 1936 година се појавило најфокнеровското дело, романот „Авсалом, Авсалом!“ (Absalom, Absalom!) во кој повторно се осврнува на Граѓанската војна и на пропаста на едно аристократско семејство. Во следниот роман, „Непобедени“ (The Unvanquished) од 1938 година, се вратил на семејството Сарторис во виорот на Граѓанската војна, прикажувајќи го судирот меѓу генерациите и расите и исчезнувањето на аристократските традиции. Следното негово дело е романот „Диви палми“ (The Wild Palms) од 1939 година, во кој се зафаќа со проблемот на злосторството и казната, а во овој роман е ставен и романот „Старецот“ (The Old Man) во кој се опишува судбината на еден затвореник. Историчарите на книжевноста и книжевните критичари сметаат дека последните дела на Фокнер претставуваат свртување кон посветли видици. Во следното дело, „Селце“ (The Hamlet) од 1940 година, кое се состои од четири лабаво поврзани дела, детално го опишува подемот на семејството Сноупс, а во оваа трилогија спаѓаат и романите „Град“ (The Town) од 1957 и „Палата“ (The mansion) од 1959 година. Од неговите подоцнежни дела треба да се истакнат збирката раскази „Слези, Мојсеј“ (Go Down Moses) од 1942 година, како и романот „Натрапник во прашината“ (Intruder in the Dust) од 1948 година во кој укажува на моралната одговорност на белците за лошата положба на Црнците во американскиот Југ. А тогаш, на негово големо изненадување, во 1950 година станал добитник на Нобеловата награда. Една година подоцна го објавил романот „Реквием за една калуѓерка“ (Requiem for a Nun) кој претставува продолжение и завршеток на „Светилиште“. Потоа, повторно се вратил на семејството Сноупс чија хроника ја завршил со два Посмртно излегол неговиот роман „Крадци“ (The Reveries).Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 368-371. Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 162-163.
За пишувањето, Фокнер вели во едно интервју за The Paris Review во 1956 година: „Писателот треба да изврши операција на поставување на циглите ако е заинтересиран за техниката. Не постои механички начин да се пишува добро, не постои пократок пат. Младиот писател би бил будала ако ја следи теоријата. Треба да се научите од сопствените грешки, луѓето можат да научат само од сопствените грешки. Добриот уметник верува дека никој не е доволно вреден за да го советува. Тој има возвишена суета. Не е важно колку тој му се восхитува на постариот писател, тој сака да го победи.“
За време на примето на Нобеловата награда, Фокнер го искажал својот став во поглед на должноста на писателот со следниве зборови: „Должност и привилегија на поетот, писателот, е да му помага на човекот да издржи, крепејќи му го срцето, потсетувајќи го на храброста и честа и надежта и гордоста и сочувството и милоста и жртвата. Поетовиот глас не треба да биде само белешка за човекот; тој може да биде и еден од потпирачите кои ќе му помогнат да издржи и да победи.“Miroslava Smiljanić-Spasić, „O Fokneru i o ovoj knjizi“, во: V. Fokner, Dok ležah na samrti. Beograd: Rad, 1964, стр. 167.
Осврт кон творештвото на Фокнер Фокнер претставува единствена појава во американската книжевност – единствена по тематиката, стилот и изразот, а поради тоа со децении предизвикувал жестоки расправи кај книжевните историчари, критичари, естетичари и моралисти кои полемизирале за „вистинската смисла“ на неговото творештво, т.е. зошто Фокнер пишува за тоа и зошто токму на тој начин? Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 361. Интересно, пред да стане популарен во САД, Фокнер најпрвин станал славен во Европа, особено во Франција каде бил најпрвин откриен од Малро и Сартр. Објаснувајќи зошто Фокнер е омилен кај француската публика, Марсел Еме вели дека тоа се должи на фактот што таа го смета за најамерикански од сите американски писатели кој импресионира со својата длабока врска со родната земја.Šime Balen, „William Faulkner (1897–1961)“, во: William Faulkner, Svjetlo u augustu. Zora, Zagreb, 1964, стр. 371.