Тиски цвет () — воден инсект кој спаѓа во редот еднодневки. Познат е како Тиска еднодневка по европската река Тиса, каде може да се сретне и исто така познат како долгоопашна еднодневка или џиновска еднодневка бидејќи е најголемата еднодневка во Европа, 12 cm (5 in) мерено од глава до опашка.
За разлика од повеќето еднодневки, возрасните водени цветови никогаш не ја напуштаат водата, постојано ја допираат водата или пловат на површината. Спорото течење на реката и недостатокот на риби кои се хранат на површината на водата го прават ова возможно. Присуството на овие инсекти е знак за чиста незагадена вода. Сега изумрени во многу европски земји, можат да се сретнат во Србија и Унгарија на реката Тиса, како и во Романија, на реката Прут и долниот слив на Дунав.
Парење Парењето претставува природна појава што се случува по долниот тек на Тиса. Тоа се случува секоја година, обично во средината на јуни, во предвечерните часови, и тоа на деловите од реката со глиновито корито. Магијата ја чинат инсектите кои три години се развивале и живееле како ларви на глиновитото дно на реката, а сега првпат десетици илјади под дневната светлина се појавуваат на површината на водата како ларви во белузлави кожурци. Само за неколку мига овие грди ларви стануваат прекрасни пеперутки ослободени од кошулката која прво пука на грбот од ларвата. Започнува макотрпното преслекување, а со тоа и преобразбата на белиот грд „црв“ во нежен крилест инсект.
Половина од машките тиски цветови се жртви на рибите и жабите, а другата половина на зрелите мажјаци ја започнуваат својата мисија што трае само неколку часа, чија цел е да се продолжи видот. Одеднаш на површината на водата пристигнуваат и женките-ларви и се преобразуваат во крилести мали суштества кои се вивнуваат кон зајдисонцето летајќи над мажјаците. Овие пак под нив, судени и несудени младоженци, ја започнуваат хајката по невестите. Највештите мажјаци успеваат со своите долги нозе да ги обвиткаат женките и да се спојат со нив, со што оплодувањето започнува.
По парењето, женките се издигнуваат над средината од реката и летаат низводно два-три километра за да ги положат своите јајца. Секоја женка од тискиот цвет полага по седум-осум илјади јајца. Од оплодените јајца за две-три недели се појавуваат ларвите и се вкопуваат во глиновитиот дел од коритото на реката. Таму остануваат и растат три години. Нивните татковци ,пак, по завршената мисија на оплодување на женките, го завршуваат својот свадбен лет и паѓаат на површината на водата, каде што умираат. На мртвите љубовници подоцна им се придружуваат и женките, претворајќи ја Тиса во гробница на љубовта.
Наводи
Надворешни врски National Geographic: http://ngm.nationalgeographic.com/ngm/0305/feature3/index.html The Tisza River Project: http://www.tiszariver.com/ Tisza Mayfly , BioFresh Cabinet of Freshwater Curiosities.
Категорија:Водени цветови Категорија:Инсекти на Европа