Андреј Рубљов (руски: Андрей Рублёв) е советски филм од 1966 година во режија на Андреј Тарковски. Автори на сценариото се Андреј Кончаловски и Андреј Тарковски, а главните улоги ги толкуваат: Анатолиј Солоницин, Иван Лапиков, Николај Гринко, Николај Сергеев, Ирина Тарковска (наведена како Ирма Рауш), Николај Бурљаев, Степан Крилов итн. Филмот трае 205 минути и бил снимен со буџет од еден милион рубли. Во 1969 година, филмот ја освоил наградата „FIPRESCI“ на Канскиот филмски фестивал.IMDb, Andrei Rublev (1966) Awards (пристапено на 18.6.2015)IMDb, Andrei Rublev (1966) (пристапено на 18.6.2015)

Содржина Филмот го прикажува животот на големиот руски фрескописец од 15. век, Андреј Рубљов. Дејството започнува така што Рубљов (го игра Солоницин), заедно со двајца други монаси, Данило (го игра Гринко) и Кирил (го игра Лапиков) се упатуваат во еден манастир. Еден ден, во манастирот доаѓа гласник, кој бара од Рубљов да замине во Москва за да работи заедно со познатиот фрескописец Теофан Гркот (го игра Сергеев). Кирил, кој е љубоморен на дарбата на Рубљов, е разочаран и го напушта манастирот, а Рубљов е тажен што мора да се раздели од Данило.

Потресен од настаните што се случуваат во тогашна Русија (наездата на Татарите, големата сиромаштија и неписменост на народот и самоволието на власта), Рубљов запаѓа во длабоки морални дилеми и не е способен да слика. Еден ден, со помош на братот на Големиот Кнез, Татарите го опустошуваат градот Владимир и ги убиваат жителите кои се скриени во црквата, притоа уништувајќи ги иконите што тој ги насликал. За време на пустошењето, Рубљов извршува убиство, во желба да заштити една глувонема девојка. Разочаран од предавството на кнезот, од уништувањето на црквата и убивањето на луѓето, тој се заветува на молчење и одлучува дека повеќе нема да слика.

Потоа, за време на студената зима, кога Русија е зафатена од глад, Рубљов се враќа во својот манастир, каде повторно се среќава со Кирил, кој исто така се вратил во манастирот, покајувајќи се. Тогаш, Кирил му кажува за својата љубомора и го поттикнува повторно да се врати на сликањето. Во исто време, Рубљов е сведок на леењето на големата камбана што ја порачал Големиот кнез. Во потрага по мајстор, гласниците на кнезот доаѓаат во едно село, каде што го наоѓаат само детето Бориска (го игра Бурљаев), кое ги лаже, велејќи дека ја знае тајната за леење на камбани. Притоа, цело време, Бориска е под голем притисок, зашто знае дека ќе биде убиен, ако не успее да ја заврши работата. Кога, најпосле, камбаната е успешно направена, Бориска плаче од радост и тогаш му пристапува Рубљов, канејќи го да му се придружи како соработник.

Наводи

Категорија:Советски филмови Категорија:Филмови на руски јазик Категорија:Филмови на Андреј Тарковски Категорија:Филмови со Анатолиј Солоницин Категорија:Филмови со Степан Крилов Категорија:Филмови со Николај Бурљаев Категорија:Филмови со Ирина Тарковскаја Категорија:Филмови со Николај Гринко Категорија:Филмови со Иван Лапиков Категорија:Филмови со Николај Сергеев Категорија:Филмови со Ирина Тарковска Категорија:Филмови од 1966 година Категорија:Црно-бели филмови Категорија:Филмови на Мосфилм Категорија:Филмови чие дејствие се одвива во Русија Категорија:Биографски филмови Категорија:Историски филмови Категорија:Култни филмови Категорија:Филмови за свештеници Категорија:Филмови на италијански јазик