thumb|300px|Аја Софија — симбол на византискиот Цариград

Историја на Цариград — периодот од основањето на градот во 330 година како нова престолнина на Римското Царство до заземањето на градот од страна на Османлиите во 1453 година.

Всушност градот бил повторно изграден на местото на античкиот Византион. Огромниот обем на градежните работи, брзиот пораст на населението, развојот на трговијата и занаетчиството, метрополскиот статус на градот и напорите на првите римски цареви во Цариград довеле да градот стане еден од најголемите градови во Европа и на Блискиот Исток. По падот на Рим во V век, Цариград станал главен град во следните десет векови на Источното Римско Царство или подоцна познато како Византија. Историјата на Цариград во текот на византиската ера е исполнета со бурни политички настани како востанија и интриги во палатата, убиства на царевите помеѓу благородничките династии, големи опсади и кампањи од страна на силните западни и источни соседи. До XIII век градот претставувал најголемиот центар на културата во средновековна Европа, далеку понапред од другите светски метрополи во однос на образованието, активноста на духовниот живот и развојот на материјалната култура.

Една од најкарактеристичните одлики на политичкиот живот на Цариград била постојаната борба за власт помеѓу различните фракции на аристократијата, војската, трговците и свештенството. Елитата на главниот град била многу нестабилна бидејќи пристапот до владејачката елита на Византија бил отворен за државјаните на сите слоеви на општеството. Голем дел од локалните владетели од главниот град не само што не се срамeле од своето провинциско потекло, туку биле и горди што имале можност да се пробијат во врвот на моќта во општеството. Покрај тоа, дури и на царскиот престол во палатата претставувал цел на чести заговори. Во градот особено се чувствувал контрастот помеѓу сиромаштијата на урбаното населениe и богатството на аристократијата, царскиот дворец и свештенството. Градот често бил нарекуван како главен центар на луксузот и сиромаштијата помеѓу Истокот и Западот.

Заземањето на Цариград од Османлиите во мај 1453 го означил конечниот колапс на Византиското Царство и преобразба на Отоманското Царство во една од најмоќните земји во светот. Падот на Цариград предизвикал шок низ христијанска Европа и голема слава на властите од Каиро, Тунис и Гренада. Покрај тоа во следниот период започнало целосно уништување на византиската култура, а Османлиите во Европа биле синоним за суровост кон христијанството.

Константинова династија

thumb|left|185px|Столб на Константин Во текот на III век, Римското Царство било опфатено од голема криза. Во тогашни услови, старата престолнина Рим немала услови да опстојува. царот Диоклецијан тоа многу добро го разбрал, и затоа во негово време тој со своето царство раководел од Никомедија во Мала Азија. Неговиот наследник, Константин I Велики бил прв цар кој барал простор за изградба на новата престолнина, која потоа по него ќе биде наречена Константинопол (прев. Константиновград). Според него, таа требало да се изгради на Босфорот, на местото каде се наоѓал древниот град Византион. Местоположбата на градот како крстопат меѓу Азија и Европа и несигурноста на Рим и постојаниот стремеж на аристократите за борба за власт биле едни од причините за пренесување на престолнината и создавање на нов административен центар на огромното царство. Изградбата на новата престолнина започнала во 324 година. Лично Константин бил оној кој го направил планот на градските ѕидини. По наредба на Константин во градот биле однесени познати архитекти, сликари и вајари, најдобрите ѕидари, молери и столари и истите биле ослободени од други државни обврски. Исто така бил донесен и закон за брза изградба на градот, според кој царот им дал можност на сите сопственици на имоти покрај Црното Море да добијат по еден дом и во Цариград.

Константин го поттикнувал и проектот за преместување на новите жителите на градот од различни провинции на царството, давајќи посебни услови и бенефиции, но голем дел од службениците во градот биле донесени практично со сила. Константин воспоставил правило според кое сите раселени лица кои стекнале недвижен имот во новиот главен град, слободно можеле да го користат житото, маслото, виното и огревното дрво. Оваа т.н. „хранителна награда“ постоела половина век и одиграла голема улога во приливот на нови жители во градот на бројот на занаетчии, морнари и рибари. Во прилог на привлекување на човечки ресурси, Константин се грижел за украсување на градот. За оваа цел, голем број на прекрасни уметнички дела од сите делови на царството како Рим и Атина, Коринт и Делфи, Ефес и Антиохија, биле донесени во градот. thumb|200px|Змиски столб

По само шест години, на 11 мај 330 година бил официјално основан градот под името Нов Рим. Главната прослава започнала на 2 април 330 година и траела четириесет дена. Прославата се одржала во Хиподромот и биле претставени спортски и уметнички игри, вклучувајќи и трки со двоколки. Во текот на овие прослави во придружба на Константин Велики и христијанските свештеници и претставниците на старата паганска грчка религија. Според традицијата, Константин бил покрстен на смртна постела од патријархот. Во црквата Света Ирина се одржала свечена литургија, како катедрална црква на Византион. Последниот ден од церемониите на 11 мај, целото население на градот се собрало во Хиподромот, кој бил изграден во времето на Септимиј Север, додека Константин го проширил. По ова, сите тргнале кон новиот форум на Константин, додека во центарот бил поставен неговиот столб со колосална статуа прикажан како Аполон.

Иако христијанството станало доминантна религија, царот не се откажал веднаш од старите традиции и не се мешал во активностите на свештениците. Сепак во своето владеење, многу пагански храмови на антички Византион биле претворени во цркви и јавни објекти. По повод осветувањето на новата престолнина, започнале да се коват монети на кои бил насликан Константин во битка со шлем и копје во рацете. Во чест на светецот-заштитник на градот, Пресвета Богородица, бил подигнат пиедестал со бел мермер во градот. Името Нов Рим не било прифатено бидејќи градот многу бргу започнал да се нарекува градот на Константин. Во овој период биле изградени и нови ѕидини околу градот со вкупно растојание од 2.8 километри. Целата конструкција била завршена во времето на неговиот син, Констанциј II (337 -361). Така, ѕидините започнувале од Златниот Рог, во близина на денешниот мост Ататурк, а завршувале до портите на Свети Аемилианус и Псаматос. Градот на Константин бил од три до четири пати поширок од Византион по неговото повторно градење од Септимиј Север. Населението на новата престолнина може да се пресмета од фактот што Константин доставувал секојдневно слободен леб за 80.000 лица.

Најраниот опис на градот се наоѓа во книгата Нова историја од V век. Според описот, градот бил полн со градби. Како прв од овие градби бил Форумот на Константин на Вториот рид во чиј центар се наоѓала статуа. Форумот бил украсен како со пагански така и со христијански статуи. По ова следувале и Сенатот (имало уште една зграда на Сенатот кај Аја Софија), преториумот (седиште на преторот) и неколку храмови и цркви. Денеска, остатоците од овие градби се закопани околу три метри под нивото на улицата Диван Јолу во Истанбул, додека единствено може да се види столбот.

Главната улица на градот претставувала Месе која поминувала преку форумот на Константин и продолжувала преку плоштадот Августајон (приближно пред Аја Софија) до Големиот дворец односно до портата Чалке. Во близина се наоѓал хиподромот кој имал капацитет за околу 100.000 гледачи. Други градби од тоа време биле бањата Зевксипиј и споменикот Милион.

Во текот на владеењето на Константин во неговата нова престолнина, која како и Рим, имала седум ридови, биле изградени околу 30 палати и храмови, повеќе од четири илјади големи станбени згради на благородништвото, хиподром, циркус и два театри, повеќе од 150 бањи, повеќе од сто пекарници, осум аквадукти, како и илјадници домови од обичните луѓе. Константин големо внимание имал посветено кон изградба на нови пристаништа и брани. Една од првите цркви во градот била црквата Света Ирина, која најверојатно постоела во пред да го основа градот, но по неговото доаѓање истата била проширена или обновена. Црквата посветена на Светите Апостоли била започната во негово време заедно со црквата Света Софија која била завршена во времето на неговиот наследник Констанциј II. По смртта на Константин во Никомедија, неговото тело во златен ковчег било погребано во црквата Свети Апостоли која црква станала место каде биле погребувани и идните цареви и место каде се наоѓале моштите на апостолите Тимотеј, Лука и Андреј.

Денеска столбот на Константин е единствената градба од негово време која постои во Истанбул. Неговите ѕидини биле срушени во времето на Теодосиј, кој изградил нови поголеми ѕидини на градот. Една напуштена џамија, Иса Капи џамија, која била изградена врз византиска црква, се претпоставува дека била дел од една од портите на Цариградските ѕидини.

По неговата смрт во 337 година, процесот на уништување и распаѓање на Римското Царство се зголемил главно поради борбата за негов наследник. Во 335 година тој правел планови да го подели царството меѓу останатите живи синови, Константин, Констанциј и Константа. Во прилог Константин дал мали удели од царството на двајцата си внуци, Далмациј и Ханибал. Сите пет млади цезари биле надвор од градот во време кога Константин починал, но Констанциј брзо се вратил во градот за погребот на својот татко. Тројцата августи се сретнале во почетокот на летото 338 година, за да си го поделат царството, зачувувајќи всушност истите региони во кои владееле како цезари. Констанциј владеел со истокот со центар во Цариград, додека останатите со западните земји. По долготрајната војна, како единствен победник излегол Констанциј II.

Констанциј честопати се мешал во работите на црквата што довело до вековни религиозни борби во царството при што како централни фигури биле царот и цариградскиот патријарх. Во тоа време, катедрална црква во градот била Света Ирина (била нарекувана Стара црква), посветена на Божествениот мир, додека новоизградената Света Софија (била нарекувана Голема црква) била посветена на Божествената премудрост. Верските контроверзии околу аријанството повторно се појавиле во почетокот на управувањето на Констанциј. Самиот Констанциј бил умерен следбеник на аријанската доктрина и по смртта на епископот Александар тој поставил на престолот еден следбеник на Ариј, но православната црква го отфрлила и поставила свој епископ. Тоа довело до битка во која страната на царот ги нападнале оние на патријархот во црквата Света Ирина при што убиле повеќе од 3.000 лица.

Констанциј починал на 3 ноември 361 година за време на една војна против Персијците и како цар, неговото владеење претставувало триумф за аријанството. Негов наследник станал Јулијан како првиот цар роден во новата престолнина. Во текот на неговото владеење биле изградени неколку јавни згради и објекти како новиот сенат, две пристаништа и една библиотека. Сенатот се наоѓал на источниот дел од Августајон, додека двете пристаништа излегувале на Мраморно Море и се наоѓале кај Кумкапи. Библиотеката наводно имала околу 600 000 книги. Јулијан издал декрет според кој се дозволило верски обреди на сите религии, пагански, христијански и еврејски, по што им ги вратил имотите на старите грчки храмови кои биле одземани од страна на Констанциј и ги суспендирал стипендиите кои државата ѝ ги давала на градската црква и на еден начин го вратил паганството во градот и царството заради што подоцна од христијаните бил наречен Отпадник. Тој починал во 363 година во една битка со Персијците, а негов наследник станал Јовијан кој никогаш не пристигнал во престолнината бидејќи се разболел и починал во 364 година.