Јован III Дука Ватац (грчки: Ιωάννης Γ΄ Δούκας Βατάτζης, о. 1192/93 - 3 ноември 1254) бил никејски цар од династијата Ласкарис кој владеел од 15 декември 1222 до 3 ноември 1254 година. Тој бил наследен од неговиот син, познат како Теодор II Ласкарис.
Внатрешна политика Општи одлики По смртта на основачот на државата, Теодор I Ласкарис, никејскиот престол го зазел неговиот зет Јован Дука Ватац, сопругот на неговата паметна и образована ќерка Ирина. Јован III Ватац без сомнение бил најголемиот државник на никејската епоха и еден од најистакнатите владетели во византиската историја воопшто. И во надворешната и во внатрешната политика Ватац постигнал значајни успеси и од малото провинциско царство во Никеја направил моќна сила. Навистина, опаднатоста на Латинското Царство и грешките на неговите ромејски (Епирско Деспотство и Солунско царство) и бугарски соперници му ја олесниле работата.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 524-525.
Управна политика Тој многу се грижел за правосудството и енергично се борел против злоупотребата во државната управа. Со помошта на својата умна жена Ирина Ласкарис, работел на подобрувањето на положбата на сиромашните, правел болници, домови за стари и изнемоштени и други установи. На византиската побожност и се излегувало во пресрет со градење цркви и манастири. На потребите на државната одбрана со подигнување тврдини во пограничните области и создавање нови војнички имоти. За да ги засили воените контингенти, царот ги примал во служба Куманите кои биле потиснати од татарската наезда и ги населувал како стратиоти во пограничните покраини, во Тракија и Македонија, како и во Фригија и по долината на Меандар. Така, особено на Исток, по должината на границата бил воспоставен стариот византиски одбранбен систем. Георгиј Пахимер бил во право кога во тоа гледал една од најголемите придобивки на Никејското Царство.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 534.
Економска политика На економско поле се одел кон тоа да се зголеми продуктивноста во земјиштето и во сточарството и царот настојувал во тоа и самиот на поданиците да им послужи за пример. Царските имоти требало да покажат што може да се постигне со рационално и штедливо стопанисување. Со парите од продажбата на јајцата од царскиот посед Јован Ватац и направил круна на својата сопруга која била украсена со бисери и со бесценети камења. Оваа круна од јајца, како што самиот ја нарекувал, за Ватац значела цела програма, бидејќи основно начело на неговата економска политика бил стремежот за стопанска самостојност на земјата, која требала сама да ги задоволи своите потреби. Царот сакал својата држава да ја направи независна од увоз на странска стока и да ја ослободи од економската надмоќ на италијанските градови. На своите поданици најстрого им забранил да купуваат луксузна стока од странско потекло. Секој требало да се задоволи со „тоа што римската земја го раѓа и што римските раце го произведуваат“. Овој етички образложен протекционизам без сомнение бил насочен против Венецијанците. Венецијанскиот увоз не можел да биде ограничен со царевински мерки, зошто тоа би се противело на трговските договори потврдени со потписите на сите византиски цареви од Алексиј I Комнин до Теодор I Ласкарис. Никој, меѓутоа на царот не можел да му го оспори правото во својата земја да го забранува прекумерниот луксуз. Впрочем, златото, среброто и скапоцените штофови се увезувале во големи количества од соседниот Икониски Султанат. Султанатот тешко настрадал од монголската наезда, од којашто Никејското Царство останало негибнато, и затоа Турците во Никеја набавувале намурници, плаќале високи цени во пари и со стока. И покрај честите војни, Никеја не чувствувала недостиг од пари. Финансиските и стопанските прилики во Никеја биле постабилни отколку во Византија во времето на последните Комнини и Ангели. Многу поздрава била и самата никејска држава. А тоа покажува дека животната моќ на Византијците сè уште не била исцрпена и дека преродбата на Византиското царство била можна.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 534-536.
Надворешна политика Првите години Веќе во првите години на неговото владеење распоредот на силите во Мала Азија забележително се поместил во прилог на Никејското Царство. Бунтот на браќата на покојниот цар Теодор Ласкарис, кои се обиделе со помош на Латините да му ја одземат круната, се свртел во полза на Јован Ватац и неговата држава. Ватац целосно ја поразил нивната латинска војска кај Појманенон, на истото место каде што пред дваесет години Теодор I бил поразен од Латините, а потоа речиси целата област на Латинското Царство во Мала Азија му припаднала на Никејското Царство. Според договорот од 1225 г. Латините во Мала Азија ја задржале само областа спроти Цариград, со околината на Никомедија. Во исто време никејската флота ги зазела островите Лезбос, Хиос, Самос, и Икарија. Подоцна и Родос му се потчинил на никејскиот цар.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 525.
На тој начин Никејското Царство зајакнало и на копно и на море, а со тоа бил создаден предуслов и за премин на никејската војска во европскиот дел на некогашното Византиско царство. На повик на ромејското население во Едрене, Јован Ватац испратил војска во Тракија. Неговите трупи зазеле повеќе тракиски пристаниште, а потоа, не наидувајќи на отпор, влегле во Едрене. Се чинело дека дошол часот за реставрација на византиската власт и во самиот Цариград. Од страна на Латинското Царство не можел да се очекува посериозен отпор. Но акцијата на никејскиот цар во пресудниот миг ја попречил неговиот западноромејски соперник Теодор Ангел.
Борбата за предимство на Балканот Теодор одел од победа во победа. Преминувајќи ги границите на бившото Солунско кралство тој веќе влегол во Тракија. Сега извршил препад на Едрене и ја натерал војската на никејскиот цар на повлекување. Од Едрене тој го продолжил својот победоносен пат кон Цариград. Уште повеќе отколку никејскиот цар, Теодор се приближил до конечната цел. Кон истата цел се стремел и бугарскиот цар Асен II. Епохата на Иван Асен II (1218 г.-1241 г.), син на Асен I, претставува врв во подемот на Второто Бугарско Царство. Како и Симеон, своевремено и Асен II се занесувал со мислата да создаде големо византиско-Бугарско Царство со средиште во Цариград и извесно време и тој се наоѓал пред остварување на оваа замисла. Латинскиот цар Роберт Куртене умрел во 1228 г. и круната му припаднала на неговиот малолетен брат Балдуин II. Во оваа ситуација на безвластие и на нарастената опасност од надвор, во Цариград се јавила мислата регентството да му се понуди на бугарскиот цар, бидејќи се чинело дека само тој е во состојба да го спаси Цариград од продорот на Византијците. Асеновата врска со семејството Куртене, заснована на сродството на двете страни со унгарската династија, требало да биде зајакната со свршувачката на младиот латински цар со Асеновата ќерка. Со тоа плановите на Асен би добиле поцврста основа. Како некогаш Симеон, и Асен II можел да се надева дека како тест на малолетниот латински цар ќе стане господар на Цариград.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 525-526.
По поразот на Теодор Ангел во Битката кај Клокотница, која што го запрела подемот на Западноромејското царство, високо ја издигнала моќта и угледот на бугарскиот цар. Асеновата превласт на Балканот се чинело дека е целосна. Всушност, најголема полза од Клокотничката битка немал бугарскиот цар туку мудриот Јован Ватац, којшто го задржал ставот на внимателно исчекување. Асеновата победа на Теодор Ангел го ослободила Никејското Царство од западноромејскиот соперник. Напротив, бугарскиот цар со својата голема победа не и се приближил на својата цел, туку од неа се оддалечил, пропаѓајќи го планот за регентство на младиот латински цар. Ова предизвикало целона промена во политиката на Асен II кому сега, како единствено решение, му се наметнувала оружената борба против Латините. Тој стапил во врска со никејскиот цар и со него склучил договор за заедничка борба на "Грците" и Бугарите против Латинското Царство. На овој сојуз му се приклучил и Мануил (братот на Теодор Ангел) од Солун, којшто можел да игра само споредна улога.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 527-528.
Основањето на бугарската патријаршија Промената на политичкиот став барала и промена на црковно-политичкиот правец. Навистина, унијата со римската црква склучена во времето на Калојан не зафатила корени во Бугарија, но и номиналното потчинување на римската црква било неприфатливо за Асен II како иницијатор на антилатинскиот сојуз на православните владетели. По долги преговори Никеја се согласила со основањето бугарска патријаршија во Трново. На тој начин Бугарското Царство добило црковна самостојност, иако и бугарската архиепископија, во почетокот го признавала првенството на никејскиот патријарх, чиешто име се спомнувало и во бугарските цркви. Во Галиполе, коешто малку пред тоа му се предало на никејскиот цар, во пролетта 1235 г., бил потпишан договор за сојуз, а потоа во Лампсак свечено бил прогласена свадбата на византискиот престолонаследник Теодор II Ласкарис со Асеновата ќерка Елена, којашто своевремено му била ветена на латинскиот цар Балдуин II. Во согласност со источните патријарси, тука била прогласена и бугарската патријаршија.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 528.
Краткиот сојуз со Иван Асен II Сојузниците веднаш стапиле во акција и го опседнале Цариград од копно и од море. Прекинати зимата, операциите биле обновени во пролетта 1236 г. Цариград ја издржал опсадата потпомогнат од венецијанската флота. Сепа, положбата била толку критична што младиот Балдуин II ја напуштил својата престолнина за да побара помош на Запад. Власта во Цариград ја спасила неслогата на противниците. Асен II точно, иако со задоцнување, увидел дека пропаѓањето на Латинското Царство најмногу ќе и користи на Никеја и дека Никејското Царство за него ќе биде поопасен сосед од изнемоштеното царство на Латините. Во неговата политика одново настанал целосен пресврт. Раскинувајќи со сојузот со Јован Ватац, тој се спогодил со Латините, и стапил во војна против својот бивш сојузник, со помошта на Латините и Куманите кои во сè поголемо множество продирале на Балканскиот Полуостров. Бугарите, Латините и Куманите заеднички го опседнале Цурулон, едно од најважните упоришта на Никејското Царство во Тракија. Меѓутоа, во времето на таа опсада непостојаната политика на Асен доживеала уште еден неочекуван пресврт, овојпат поради тешкиот душевен потрес што го доживеал бугарскиот цар. Во Трново избила чума и Асен неочекувано примил вест за смртта на жена си, синот и трновскиот патријарх. Тој се повлекол од Цурулон и склучил мир со никејскиот цар (кон крајот на 1237 г.). Латинските и куманските трупи сепак привремено го зазеле Цурулон, но тоа веќе немало значење. Во 1241 г. Иван Асен II умрел и наскоро, со продирањето на Монголците, почнало опаѓањето на Бугарското Царство.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 529.
Нападот врз Солунското царство