Ѕвездена атмосфера — надворешната област од зафатнината на една ѕвезда, која се наоѓа над ѕвезденото јадро, зрачната зона и конективната зона. Таа е поделена на неколку области со различни одлики:

Фотосферата, која е најнизок и најстуден слој на атмосферата е обично единствениот видлив дел. Светлината која ја напушта површината на ѕвездата главно доаѓа од овој слој и поминува низ повисоките слоеви. Фотосферата на Сонцето има температура од околу 5.770 К до 5.780 К. Ѕвездените дамки се студени региони со нарушено магнетично поле кои се на површината на фотосферата. Над фотосферата се наоѓа хромосферата. Овој дел од атмосферата првично се лади и подоцна се загрева 10 пати повеќе отколку температурата на фотосферата. Над хромосферата се наоѓа преодна област, каде температурата расте брзо на растојание од 100 км. Најдалечниот дел од ѕвездената атмосфера е короната, бледа плазма која има температура над еден милион келвини. Додека повеќето ѕвезди на главната низа имаат преодни области и корони, ова не е случајот со сите развиени ѕвезди. Можно е само некои џиновски ѕвезди и суперџиновски ѕвезди да поседуваат корони. Еден нерешен проблем во ѕвездената астрофизика е како короната може да се загрева на толку високи температури. Одговорот се наоѓа во магнетните полиња, но механизмот и начинот не се познати.

За време на целосно затемнување на Сонцето фотосферата на Сонцето е прикриена, покажувајќи ги останатите слоеви на атмосферата. За време на затемнувањето на Сонцето, хромосферата изгледа како тенок розовкаст лак, и короната може да се набљудува како праменест ореол. Истата појава при затемнувањето кај двојните ѕвезди може да ја направи видлива хромосферата на џиновските ѕвезди.

Поврзано Сесилија Пејн-Гапошкин

Наводи

Категорија:Ѕвездена астрономија