Калистрат Зографски, родено име Крстан Санџаков (, ок. (?) - , ) — бележит игуман и архимандрит на општежителниот манастир Свети Георгиј - Зограф на Света Гора Атонска. Енциклопедиски образован и задлабочен подвижник, теолог, музиколог и филолог. До замонашувањето работел како професор по грчки јазик и црковно пеење. Во манастирот Зограф ги создал: музичкото училиште и преведувачкото, калиграфско - препишувачко училиште. Како блескотен теоретичар на византиската невматска музичка традиција, композитор и пцалт од една страна, и одличен познавател на старогрчкиот, старословенскиот, новогрчкиот и романскиот јазик од друга страна, создавал несмртни музички дела и преводи. Со нив ги богател културните и цивилизациските силоси на православната икумена и на православниот македонски народ. Автор е на базична музичка литература Восточно црковно пеење во четири тома, отпечатена на Света Гора Атонска во 1905 година. Автор е на повеќе оригинални композиции. Најпознати се: Отца и Сина... и Достојно јест, во повеќе гласови. Како уредник на зографската издавачка дејност и како брилијантен познавател на повеќе класични и живи јазици Калистрат Зографски, прв, ги преведува и ги печати службите на св. Климент Охридски, св. Наум Охридски и св. Седмочисленици, од старогрчки на црковнословенски јазик запишани во Мосхополскиот кодекс. Уживал репутација на уникатен зографски пцалт. Се упокоил во зографската монашка киновија во 1914 (годината на неговото блаженоупокојување е запишана на черепот што до неодамна се чуваше во костурницата на Зографскиот манастир). Поради неговиот смирен, зеркателен и аскетски живот се смета за еден од најомилените духовници на Атонскиот манастир Зограф. Неговиот придонес кон музичките и филолошките науки е живо реактуализиран во современите научни кругови.

Живот

Семејо потекло Во шеесеттите години од минатиот век, стружанецот Јово Миле, поттикнат од својот постар брат, професор на катедрата по географија на Философскиот факултет во Скопје, сериозно се заинтересирал да го истражи потеклото на струшките семејства. Од таа причина ги посетил сите можни архиви во Македонија, од Историскиот архив до архивот што се чувал во тогашниот Секретеријатот за внатрешна работи. Јово Миле ја посетил и куќата на семејството Санџакоски во Струга, со намера да им ги соопшти резултатите од неговото истражување за нив. Тој дошол до заклучок дека, сите релевантни историски информации укажуваат на фактот дека, семејството Санџак дошло во Струга од Драч во Албанија. Некои стари струшки семејства и денес го чуваат знаењето за нивното потекло од албанските географски предели, и точно ги знаат имињата на градовите или селата од коишто потекнуваат. Сето тоа се случувало некаде во XVIII и XIX век. Историската литература врзана за македонските и албанските географски простори во епохата кога Струга се населува од семејства мигрирани од Албанија во Струга, говори за фактот дека, тоа историско раздобје коинцидира со егзилот на православните христијански семејства од словенско, грчко и влашко потекло. Причина за масовната преселба на православните христијани од Албанија во Македонија бил безочно манифестираниот прозелитизам на исламската религија. Во насилното фаворизирање на исламот, особено предводеле епирскиот династ Али-паша Јанински (18 век) и Скадарските паши од родот на Бушталиите (18 век). Не сакајќи да го примат исламот, ги напуштале своите родни огништа и се населувале претежно во Струга и во Охрид, но и во други градови во Македонија. Зошто токму во Струга и Охрид? Не е тешко да се заклучи, дека Охрид како седиште на Охридската архиепископија и по нејзиното неканонско укинување (1767 г.) не престанал да ја зрачи својата несмртна духовност. Ферманот на турскиот Султан, не можел да му ја одземе славата на моќен духовен културен и цивилизациски центар. Неговото влијание се чувствувало вдолж и попреку целиот православен Балкан. Токму затоа христијаните кои гравитирале кон Охрид, градот го доживувале како непробоен бедем на православната вера. Во него и околу него наоѓале заштита за својот православен идентитет. Познато е дека, јурисдикцијата на Охридската архиепископија, на запад се протегала до Драч. На овој начин, најдобро се апсолвира причината поради која, албанските христијани, кои сакале докрај да и останат лојални на Светата Православна Црква, ги напуштале своите вековни огништа и ја населувале охридско - струшката регија. Таму наоѓале заштита и покров за својата распната љубов и за верноста кон Богочовекот Христос и Неговата Света Црква. мини|Диптих од Соборниот храм Св. Георгиј Победоносец - Струга, 1894 годинаСогласно усното предание пазено во семејството Санџакоски до денес, семејната историска пасха од Драч во Струга се случила апроксимативно на залезот од 18-от век или во мугрите на 19-от век. Кажувањето на старите струшки Турци, за значењето на турскиот збор „санџак“, целосно се совпаѓа со толкувањето на истиот во познатиот Лексикон на Милан Вујаклија: „Sancak - тур., знаме; област која султаните им ја давале на управување на своите војводи; управување со помала област“. Судејќи според значењето на семејното презиме, може да се извлече заклучок дека, членовите на семејството биле угледни и привилегирани граѓани на Драч кои, повеќе од кариерата и привилегиите што им ги нудела тогашната османлиска власт, го сакале Христа Господа и Неговата света Црква. Тоа значело да се одбие да се прими исламот и да се партиципира во власта, непријателски настроена кон православната вера. За да го сочуваат голиот биолошки живот, а потем и етничкиот (словенски) и религиозниот (православен) идентитет, членовите на семејството Санџак го напуштаат Драч. мини|Родослов на сем. Санџакоски

Првиот човек на семејството Санџак, кој се доселил од Драч во Струга бил Стојан Санџак. Семејната анамнеза соочува со фактот дека Стојан дошол во Струга како тотален сиромав. Го понел само голиот живот како дар на Живиот Троичен Бог. Огромниот имот со кој располагал во Драч засекогаш го оставил таму. Досегашново кажување за историјата на семејството Санџакоски, може да се потврди, и со имињата на упокоените и живите членови на семејството, запишани во диптихот на имиња, до ден денешен чуван во Проскомидијата на струшкиот Соборен храм „Свети Георгиј Победоносец“. По се изгледа, имињата се калиграфски испишани од раката на Високопреподобниот Архимандрит Калистрат Зографски, најугледниот член на семејството Санџакоски, и најдобриот познавател на семејното стебло. Она што е поважно од убавината на писмото се имињата на членовите на семејството Санџакоски кои до ден денешен се спомнуваат од струшкото свештенство, поради одлуката што во 1894 година ја донела Црковната општина во Струга: „вечно да се спомнуваат имињата на членовите на семејството на Архимандритот Калистрат Зографски“.„Настојашчите имена од поп Калистрат С. Санџаков, шче се спомнуват вјечно според обшчинското решение, заради црковните вешчи. 1894 година“ - Диптих на имиња од Соборниот храм „Свети Георгиј Победоносец“ во Струга

Предмонашки живот Калистрат Зографски е роден во Струга, во бракот помеѓу Стојан Санџак (првиот човек од семејството Санџакоски што се доселил од Драч во Струга) и Депа (Деспина). Годината на раѓање не е позната. Судејќи според годините на неговата старост, монашкото братство на Зографскиот манастир претпоставува дека годината на неговото раѓање може да биде одредена некаде околу 1830 година.Бужаровски, Димитрије (2003) - Македонско културно наследство, Отец Стефан Санџакоски за Архимандритот Калистрат Зографски - ИРАМ, ФМУ, Скопје (видео) Уште од утробата на мајка си, хранет и доен со млекото натопено од Крвта и Телото на Богочовекот Христос - воплотениот Логос Божји, бил учен и воспитуван да ја возљуби невенливата убавина на Светата Црква Христова. Го понел името на Светиот Чесен и Животворен Крст Господен - Крстан.Санџакоски, Стефан (2000) - За животот и делото на Калистрат Зографски - документарен филм на МРТ, https://www.youtube.com/watch?v=bDfUhAJwzSQ, дата на пристап: 20.06.2019

Исклучително обдарен и по дух, и по ум, тој успеал да ги заврши сите високи школи, тогаш постоечки на балканските простори. Игуманот на Зографскиот манастир отец Ефтимиј, за Архимандритот Калистрат, кажал дека уживал глас на необично многу учен човек. И тука не располагаме со конкретни документи низ кои училишта поминал, но точно се знае дека работел како професор по грчки јазик и црковно пеење. Постојат документи дека неговата професорска дејност се обавувала вдолж и попреку Македонија. Работел во Струга, Охрид, Лазарополе, во Струмица и во многу други градови ширум Македонија.

Сепак неговата љубов кон Црквата Божја, кон православните науки и уметности, неговиот исихастриоцентризам, го одвел на Света Гора Атонска, во цутот на неговата младост.

Монашки живот