Тимчо Муцунски (р. во Берово) — македонски политичар. Тој моментално е министер за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија и еден од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ. Во минатото бил заменик министер, пратеник и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Животопис Образование Основно образование го почнал во Њујорк, Соединетите Држави, а го завршил во Основното училиште „Љубен Лапе“. Средно образование има завршено во Отава, Канада. Завршил прв циклус на правни студии и дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во јуни 2009 година. По дипломирањето, тој се запишал на последипломски студии (правни студии од втор циклус). Магистерскиот труд успешно го одбранил на 4 јули 2011 година и се стекнал со називот магистер по право. Во 2019 година, тој ги завршил докторските студии (трет циклус студии по правни науки) на Правниот факултет „Јустинијан Први”.
Со одлука на Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“, д-р Тимчо Муцунски за првпат бил избран за демонстратор во 2009 година. Со одлукa на Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“, м-р Тимчо Муцунски во 2015 година бил избран со звањето асистент - докторанд. Во 2019 година е избран за Доцент на научната област римско право.
Тимчо Муцунски има екстензивно научно и апликативно искуство од областа на правото. Тој е со-автор на два основни универзитетски учебници, во издание на Правниот факултет „Јустинијан I“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” и тоа: „Корпоративно управување“ (2014) и „Право на игрите на среќа“ (2013). Истовремено тој е и со-автор на 20 научни и стручни трудови од областа на правните науки објавени во меѓународни научни списанија. Во својство на научен работник има посетено голем број странски универзитети, а во четири наврати бил предавач на пленарен панел на меѓународни конференции организирани од страна на Институтот Хариман при Универзитетот Колумбија во Њујорк, Соединетите Држави. Тој има учествувано во голем број меѓународни научни проекти во соработка со реномирани странски универзитети како и државни установи од земји членки на Европската унија.
Политичка кариера
Од 2015-2017 година, Тимчо Муцунски бил заменик министер за информатичко општество и администрација во Владата на Република Македонија.. Од 2018 година, бил избран за Меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.https://netpress.com.mk/vmro-dpmne-lasovska-nov-pretsedatel-na-uz-a-mucunski-sekretar-za-megunarodna-sorabotka/. Во 2020 година бил избран за пратеник во Собранието на Република Македонија. На 17 октомври 2021 година, за време на локалните избри, Тимчо Муцунски победил во првиот круг и станал градоначалник на Општина Аеродром. Тој ја претставувал коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
На 23 јуни 2024 година, Муцунски ја преземал функцијата министер за надворешни работи и надворешна трговија, во кабинетот на Христијан Мицкоски.
Наводи
Категорија:Живи луѓе Категорија:Политичари од Берово Категорија:Политичари од ВМРО-ДПМНЕ Категорија:Македонски пратеници Категорија:Градоначалници на Општина Аеродром Категорија:Македонски заменици министри Категорија:Апсолвенти на Правниот факултет „Јустинијан I“ - Скопје Категорија:Магистри на Правниот факултет „Јустинијан I“ - Скопје Категорија:Доктори на Правниот факултет „Јустинијан I“ - Скопје