Синајски евхологиј — средновековен македонски книжевен споменик кое потекнува од X или почетокот на XI век напишано на глаголица во Македонија.

Ракопис Ракописот потекнува од крајот на Х или почетокот на XI век и е напишан на 137 листа од пергамент. Првобитниот ракопис имал 300 листа. Изгубен е голем дел од ракописот, при што недостасуваат листови од почетокот, средината и крајот. Го пишувал еден книжевник.

Писмо Писмото на ракописот е архаична обла глаголица со аглести елементи во палеографските форми на одделни буквени знаци.

Правопис Правописот на ракописот е со четири носовки, при што големата јотувана носовка доаѓа по меки согласки. Се употребува само з без буквата Ѕело. Постои паралелна употреба на лигатурно и диграфно шт при што второто преовладува, особено во вториот дел на ракописот. Присутна е вокализација на еровите од македонски тип (замена на големиот ер со о и на малиот ер со е, т.е. ъ>о, ь>е). Има граматички и лексички моравизми.

Содржина Ракописот е создаден во Македонија, во кругот на познатата Охридска книжевна школа, врз основа на стар кирилометодиевски протограф. Содржи служебник, требник и епитимијник, како и оригинални словенски книжевни дела (Поучение пред исповед и Отпусна молитва), коишто се поврзуваат со книжевното дело на Свети Климент Охридски. Епитимијникот ги содржи т.н. Заповеди на светите отци, во кои се дадени правила за однесувањето на христијаните и казните за нивното нарушување.

Орнаментика Орнаментиката е скромна и содржи иницијали од геометриски тип со плетени и флорални елементи. Буквените знаци од насловите, исто така, се со скромни геометриски плетени украсни елементи.

Пронаоѓање мини|лево|150п|Порфириј Успенски Основниот дел од ракописот е откриен од Порфириј Успенски во Синајскиот манастир во 1850 година. Во 1975 година Моше Алтбауер во истиот манастир откри нови 28 листа од ракописот. Четири листа од ракописот се однесени од руски истражувачи (П. Успенски, Н. М. Крилов и Н. П. Кондаков) во Санкт Петербург, каде што денес се наоѓаат во ракописните збирки на Руската национална библиотека и Библиотеката на Академијата на науките. Денес делови од овој македонски ракопис се чуваат во Синајскиот манастир под сигнатурите: Slav. ms 37 (105 л.) и N°1/N (28 л.), и во Санкт Петербург во Руската национална библиотека: збирка на П. Успенски Глаг. 2 (2 л.) и збирка на Н. П. Кондаков Глаг. 3 (1 л.) и во Библиотеката на Руската академија на науките во збирката на Срезневски N°19/24.4.8 (1 л.).

Поврзано

Список на глаголични ракописи

Наводи

Надворешни врски „Македонската глаголица“ (МАНУ, Скопје, 2015. 103 страници)

Категорија:Средновековна македонска книжевност Категорија:Библиски ракописи