Институт за геостратешки истражувања и надворешна политика — директорат-институт во рамки на Министерството за надворешни работи на Македонија насочено кон истражувањата од областа на геостратегијата, геополитиката, надворешната политика, дипломатија и соработка. Историјат Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика (ИГИНП), како засебен Директорат во рамки на Министерстовото за надворешни работи, е формиран со одлука на Владата на Република Македонија во август 2012 година. Поточно, институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика во рамки на Министерството за надворешни работи на Република Македонија започна со работа на 1 август 2012 година, по претходно усвоен заклучок на Владата на РМ од 3 јули 2012 година. За релативно кратко време, Инстутот се профилира како сериозно истражувачко, аналитичко и оперативно тело во рамките на Министерството за надворешни работи и пошироко, како единствена институција од ваков вид во Република Македонија. Раководители Во досегашното работење на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика, негови раководители биле: Емилија Гелева (2012-2014) Абдулкадар Мемеди (2014- )
Дејности Една од основите дејности на Институтот е да придонесе во дефинирањето на стратешките цели и приоритети на Република Македонија, преку следење, анализа и истражување на локалните, регионалните и глобалните геополитички прилики и текови. Значаен сегмент на работењето на Институтот е изготвувањето на сеопфатни геополитички истражувања, анализи, прегледи, вести и други документи/материјали, со цел навремено и редовно информирање на највисокото државно раководство, други надлежни и специфични институции, како и дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија. Воедно, Институтот придонесува кон продлабочување и интензивирање на севкупната билатерална, регионална и меѓународна соработка на Република Македонија, преку заедничко организирање на конференции, тркалезни маси, дебати, трибини и истражувања, со цел размена на идеи, мислења, ставови и искуства. Во своето работење, Институтот покрај промовирање на официјалните политики на Република Македонија, се раководи и од принципот на академска слобода на изразување. Меѓу другото, ИГИНП воспоставува партнерства и соработува со голем број на сродни реномирани меѓународни Институти, невладини организации и think-tank-ови, со што придонесува за промовирање на Република Македонија на меѓународен план.
Визија, мисија, цели Своето работење и делување, Институтот го засновува и темели врз основа на пропишаните визија, мисија и цели кои се во двигател и во скалд на неговите надлежности. Визија Градење на надворешната политика, што ќе биде насочена кон давање значаен придонес за активно учество на Република Македонија во меѓународните и глобалните политички текови и дебати. Мисија Генерирање на стратегиските насоки од државен интерес и нивно промовирање пред домашната и странската јавност, како и промовирање и поттикнување ставови, гледишта, позиции во рамките на експертско-дебатните форуми и конференции, кои би биле од полза во процесот на создавање политики и носење решенија во сферата на надворешната политика. Цели Континуирано градење на капацитетите на Институтот согласно стандардите на европските, меѓународните и глобалните сродни институти; Вложување и стратегиски развој на човечките ресурси преку нивно соодветно профилирање; Развој на истражувачките капацитети и анализа на теми и прашања од интерес на Министерството за надворешни работи и од поширок општествен интерес; Организирање дебати, презентации, конференции и тркалезни маси, со цел размена на идеи, ставови, гледишта помеѓу домашни и меѓународни експерти, дипломати, аналитичари, како и научни соработници од различни области; Воспоставување соработка и реализација на заеднички проекти со други сродни национални и меѓународни институти, научно-истражувачки центри, невладини и “think-tank“ организации, во чии рамки се третираат теми и прашања од регионално, европско и глобално значење. Надлежности Врз основа на пропишаната визија, мисија и цели на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика во неговите надлежности спаѓаат: Генерира стратешки насоки од државен интерес и врши нивна промоција пред домашната и странската јавност, како и меѓународно етаблирање на Институтот преку воспоставување на соработки, реализација на проекти и давање на соодветни препораки на делување; Изготвува и евалуира документи од стратешко значење за Република Македонија, каде што се третираат актуелни политички, економски, регионални и меѓународни текови, како и нивното влијание врз Република Македонија и нејзината надворешна политика; Длабински ги истражува политичките, економско-социјалните и безбедносните прилики, надворешно-политичките збиднувања на билатерален, регионален и глобален план, со фокус на нивното влијание врз меѓународната позиција на Република Македонија и заштита на нејзините национални интереси; Изготвува соодветни документи и материјали - сеопфатни геополитички истражувања, анализи, прегледи, вести и други документи/материјали (policy papers, position papers, information papers, и сл.), со цел навремено и редовно информирање на Министерството за надворешни работи, на највисокото државно раководство, други надлежни и специфични институции, како и дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија. Изготвува проценки, препораки и сценарија околу можниот развој на регионални и глобални настани и ситуации и на нивното можно влијание врз Република Македонија и нејзината надворешна политика. Во таа насока предлага стратегии и алатки за имплеменатција на соодветни политики; Координира и реализира проекти за заедничка соработка со други национални и меѓународни институти, научно-истражувачки центри, „think-tank“ организации, академската заедница, државни институции, како и со научни соработници, експерти и аналитичари од Република Македонија и странство; Врши јавно популаризирање и отворање на теми поврзани со регионот, Европа и светот, кои се од стратешко значење за Република Македонија и нивна соодветна обработка; Организира настани во форма на конференции, дебати, трибини, тркалезни маси, семинари, работилници и други активности, чија основна цел е дискусија, размена на мислења и јавно популаризирање на регионални и глобални теми, кои се од стратешко значење за Република Македонија; Организира издавање и публикување на трудови на истакнати поединци, научни соработници, експерти и аналитичари, во кои се третираат прашања од национално и стратешко значење за Република Македонија, како и на аудио визуелна продукција на Институтот; Континуирано соработува со академската заедница во Република Македонија и други државни институции.
Соработка и партнерства Во рамки на досегашното работење се воспоставени партнерства и остварена е успешна соработка помеѓу Институтот за геостатешки истражувања и надворешна политика (ИГИНП) и : „Италијанско друштво за меѓународни организации“ – Рим, Република Италија (претседател е поранешниот министер за надворешни работи на Република Италија, г. Фратини); „Меѓународен центар за промоција на претпријатија“ – Љубљана, Република Словенија; „Меѓународен институт за хуманитарно право“ – Санремо, Република Италија „Европскиот институт за меѓународни односи“ , Кралство Белгија; „Егмонт Институт – Кралски институт за меѓународни односи“ - Кралство Белгија; „Британски Форин Офис – Сектор за истражување и создавање на политики“ – Лондон , Обединето Кралство; „Вилтон Парк“ – Лондон, Обединето Кралство; „Центар за политички истражувања – Министерство за надворешни работи“, Ерусалим, Израел; „ Центар за меѓународни односи“ – Ерусалим, Израел; „Бегин – Садат центар за стратегиски студии“ – Тел Авив, Израел; „Моше- Дајан центар за Близок Исток и африкански студии“ – Тел Авив, Израел; „Институт за меѓународни односи и трговија“ – Будимпешта, Унгарија; „Чешки совет за меѓународни односи“ – Прага, Чешка; „Институт за меѓународни односи“ – Прага, Чешка; „Центар за стратешко истражување“ – Министерство за надворешни работи, Република Турција Македонска академија на науки и уметности (МАНУ), Република Македонија; Воената академија „Ген. Михаило Апостолски“ – Скопје, Република Македонија; (www.morm.gov.mk); Сродни Институти од воневропски држави: Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), Мароко, Алжир и Египет; како и соработка со државни и приватни универзитети во Република Македонија.
Галерија
Наводи
Категорија:Министерство за надворешни работи на Република Македонија