Чонси Реј Билапс (роден на 25 септември 1976) е поранешен американски кошаркар, кој играл 17 сезони во Националната кошаркарска асоцијација (НБА).
Како голема ѕвезда на колеџот на Универзитетот во Колорадо, тој бил избран како трет пик на Драфтот 1997 од Бостон Селтикс. Подоцна играл уште и за Торонто Репторс, Денвер Нагетс (во два наврати), Минесота Тимбервулфс, Детроит Пистонс (во два наврати), Њујорк Никс и Лос Анџелес Клиперс.
Билапс бил избран за МВП на НБА финалето 2004, во кое со неговиот Детроит Пистонс стигнал до својата единствена НБА титула во кариерата откако ги совладале фаворизираните Лос Анџелес Лејкерс со 4-1 во серијата. Токму од навивачите на Пистонс го добил прекарот „Господинот за одлучувачки шут“ (Mr. Big Shot) заради својата способност да погоди кош во клучните моменти од натпреварот. Билапс пет пати бил избран за НБА Ол-Стар натпреварите и бил член на најдобриот НБА тим трипати.
Во 2016 година, Детроит Пистонс во чест на Билапс го повлекле од употреба неговиот дрес со број 1.
Средно училиште Билапс одел во средното училиште Џорџ Вашингтон во Денвер. Бил четири пати член на Ол-стејт тимот, трипати добитник на наградата Колорадо Мистер Баскетбол и двапати најдобар играч на државата Колорадо. Во 1995 бил избран во Мекдоналд'с Ол Америка тимот, но не го одиграл натпреварот поради повреда на рамото. Подоцна таа повреда го следела и во текот на целата кариера.
Колеџ кариера Билапс го избрал Универзитетот Колорадо, пред Канзас, Џорџија Тех и Оклахома Стејт, но не дипломирал, затоа што бил драфтуван веќе по неговата втора година. Во Колорадо Бафалос Билапс имал во просек 18,5 бода, 5,1 асистенција и 5,6 скокови по натпревар во неговите две сезони. Во сезоната 1996-1997 бил избран во најдобриот тим на својата конференција и во најдобриот тим на целата лига. Истата година Билапс ја предводел својата екипа до првата победа на НСАА турнирот во 28 години победувајќи ги Индијана Хозиерс со резултат 80-62, меѓутоа веќе во следното коло тие загубиле од Северна Каролина Тар Хилс со 56-73.
Во 2004 година Универзитетот Колорадо го наградиле Билапс за неговите придонеси за Бафалос, повлекувајќи го од употреба дресот со број 4., со кој тој играл, станувајќи петтиот играч во историјата на Универзитетот чиј дрес е повлечен од употреба.
НБА кариера Почетоци на кариерата Билапс бил драфтуван како трет пик на НБА Драфтот 1997 од страна на Бостон Селтикс. Тој не се вклопувал во стратегијата на новиот тренер на Селтикс Рик Питино. Покрај тоа тренерот не знаел ни која е неговата позиција плејмејкер или бек, по што во последниот ден за размени во НБА сезоната 1997-1998 бил проследен во Торонто Репторс во замена за Ол-Стар бекот Кени Андерсон.
Во Торонто после само 26 натпревари во кој имал просек од 11,3 бода 2,7 скокови и 3,3 асистенции бил трејдуван во Денвер Нагетс на 21 јануари 1999 во размена во која биле вклучени три тима Торонто, Денвер и Минесота Тимбервулфс. Минесота ги добила Дин Гарет и Боби Џексон од Денвер, Торонто Жељко Ребрача и Мајкл Вилијамс од Минесота како и правото на избор на 5-ти пик на драфотот 2000, а Билапс заедно со Тајсон Вилер биле пратени во Денвер од Торонто. Билапс имал солидна втора половина од регуларнот дел на сезоната постигнувајќи дотогаш највисоки за него во просек 13,9 бода по натпревар и бил стартер во повеќето натпревари на Нагетс. Меѓутоа година дена подоцна повторно бил разменет; овој пат се сели во Орландо заедно со соиграчите Рон Мерсер и Џони Тејлор. Меѓутоа за Меџик Билапс не одиграл ниту еден натпревар поради повреда, по што Орландо го отпуштиле раскинувајќи го договорот.
Во 2000 година Билапс како слободен агент потпишал договор со Минесота Тимбервулфс, како замена за почетниот плејмејкер Терел Брендон. Меѓутоа за време на сезоната 2001-2002 Брендон претрпел сериозна повреда на коленото по што Билапс добил шанса конечно да го направи својот пробив во НБА. Тој им помогнал на Тимбервулфс да победат во 50 натпревари од регуларниот дел на сезоната и да изборат место во плејофот каде биле поразени од Далас Маверикс уште во првата рунда, иако Билапс имал 22 бода во просек во серијата.
Детроит Пистонс (2002–2008) И покрај тоа што ја имал својата сезона на пробивот, Билапс станал слободен агент во летото 2002. Тој сакал да се врати во Минесота, но Тимбервулфс имале проблеми со преоптоварен салари-кеп и сакале да видат како Брендон ќе одговори по повредата на коленото.
Во јуни 2002 година, Билапс потпишал шестгодишен договор со Детроит Пистонс вреден 35 милиони долари, за да биде новиот почетен плејмејкер на тимот. При потпишувањето за Пистонс, тој бил принуден да го избере дресот со број 1, бидејќи оној со бројот 4 кој го носел досега во кариерата во клубот бил повлечен, во чест на Џо Думарс. Билапс брзо стекнал почит кај навивачите на Пистонс и од колегите во клубот заради својата цврста одбрана и погодените шутеви во клучните моменти од натпреварите.
Во сезоната 2002-2003, Билапс му помогнал на Детроит да финишира на првото место во Источната конференција со скор од 50-32 во регуларниот дел од сезоната. Тој го заработил прекарот "Господинот за одлучувачки шут" во текот на регуларниот дел од сезоната за два настани. Најпрво на 9 март 2003 при негативен резултат за неговиот тим од 104-105 тој постигнал тројка на истекот на времето од натпреварот на домашен терен против Голден Стејт Вориорс, со кој му донел победа на својот тим од 107-105; Билапс постигнал 31 бод во тој натпревар. Вториот случај бил нешто повеќе од две недели подоцна, на 26 март кога Пистонс во продолжението против Атланта биле изедначени 99-99, сè додека Билапс не постигнал тројка со шут од половина на 0,5 секунди до крајот помагајќи им да победат во натпреварот; Билапс постигнал 22 бода. Во Плејофот 2003 година, Пистонс како први носители изненадувачки заостанувале со 3-1 во серијата против Орландо Меџик во првиот круг. Во петтиот натпревар, Билапс одиграл значајна улога постигнувајќи 15 бода и придонесувајќи за убедливата победа со 98-67. Во следниот натпревар Билапс постигнал 40 бода помагајќи му на Детроит уште еднаш да избегне елиминација и да дојде до седмиот натпревар. Во решавачкиот седми натпревар, Билапс постигнал 37 бода со кој Пистонс го решиле натпреварот во своја полза и ја добиле серијата со 4-3. Откако ја минале и Филаделфија Севентисиксерс со 4-2, Пистонс стигнале до финалето на Источната конференција во кое биле поразени од Њу Џерси Нетс со 4-0. Тренерот Рик Карлајл бил отпуштен во офсезоната и бил заменет со Лери Браун.
За време на регуларниот дел од сезоната 2004-2005, Билапс имал во просек 16,9 бода, 5,7 асистенции, 3,5 скока и 1,1 украдени топки по натпревар. Пистонс го подобриле својот скор од претходна сезона завршувајќи 54-28, но тоа било доволно само за освојување на третото место на истокот и третата носителска позиција во плејофот. Во првата рунда на плејофот Пистонс се сретнале со шестиот носител Милвоки Бакс. Откако двата тима оствариле по една победа во првите два натпревари, во натпреварот број 3 Билапс бил најдобар стрелец со 21 бод и го завршил погодувајќи 4 од 4 слободни фрлања во последните 31,2 секунди, со кој Детроит победиле со 95-85 и дошле до водство од 2-1 во серијата. Откако го елиминирале Милвоки во 5 натпревари, во полуфиналето на конференцијата Пистонс се соочиле со минатогодишниот шампион на Истокот Њу Џерси Нетс, со желба за одмазда за ланскиот пораз во конференциското финале. Во вториот натпревар од серијата Билапс имал 28 бода колку што постигнал и соиграчот Ричард Хамилтон, но исто така Билапс остварил и дотогаш највисоки во неговата кариера во плејофот 13 асистенции со кој значајно помогнал за победата на Пистонс и водство во серијата од 2-0.http://www.nba.com/games/20040507/NJNDET/recap.html Меѓутоа, набргу потоа Нетс го израмниле резултатот во серијата на 2-2, а во петтиот натпревар Билапс постигнал тројка од половина терен на истекот на времето со која го изедначил резултатот и ги одвел Пистонс во продолженија; Детроит загубиле по три продолженија по што им била потребна победа и во двата преостанати натпревари за пласман понатаму. Конечно, серијата била решена во последниот седми натпревар во кој Билапс уфрлил 22 бода а Хамилтон 21 за убедлива победа на Пистонс од 90-69 со која ја добиле серијата со 4-3 и се пласирале во финалето на конференцијата втора година по ред. Во финалето на истокот Пистонс ги совладале Индијана Пејсерс (најдобриот тим на истокот во регуларниот дел на сезоната) со 4-2 и се пласирале во првото НБА финале на франшизата уште од 1990 година кога таканаречените "Лоши момчиња" ја освоиле титулата.
Во НБА финалето Билапс и неговите соиграчи ги совладале фаворизираните Лос Анџелес Лејкерс со 4-1, освојувајќи ја третата титула за Детроит Пистонс во клупската историја. Тој бил најефикасен играч кај Пистонс во првите два натпревари. За време на финалната серија Билапс имал просек по натпревар од 21 бод, 5,2 асистенции, 3,2 скокови и 1,2 украдени топки, како и шут од игра 50,1%, 47,1% за три бода, и 92,9% од линијата за слободни фрлања. По освојувањето на својата прва НБА шампионска титула Билапс бил награден и со признанието за МВП на финалето. По доделувањето на наградата тој изјавил: "Секој го заслужува ова. Не само јас. Јас би сакал да го претворам во тринаесет парчиња и да им дадам на сите по малку."
Следната сезона, Билапс бил избран во вториот НБА Ол-дефензив тим, заедно со соиграчот Тејшон Принс, додека друг тимски колега Бен Валас ја освоил наградата за Одбранбен играч на годината. Пистонс стигнале до НБА финалето втора година по ред, но во нивниот обид да ја одбранат титулата загубиле на последната препрека од Сан Антонио Спарс во седум натпревари.
Во 2006 година, Билапс бил капитен на тимот. Иако Пистонс го оствариле најдобриот рекорд во регуларниот дел на сезоната во историјата на франшиза завршувајќи 64-18, тие не успеале да стигнат до НБА финалето за првпат во три години.
На 11 јули 2007 година, Билапс потпишал четиригодишен договор со Пистонс вреден 46 милиони долари (во договорот стоело дека може да се продолжи соработката за уште година со годишна плата од 14 милиони долара).ESPN – Pistons keep Billups with four-year, $46M deal – NBA. Sports.espn.go.com (2007-07-11). Посетено на 2012-05-27.
Во текот на натпреварот број 3 во плејофот против Орландо Меџик, Билапс го повредил коленото фрлајќи се за една топка. Поради таа повреда го пропуштил четвртиот натпревар од серијата, но Пистонс го совладале Орландо со резултат 90-89 и повеле со 3-1, откако Тејшон Принс погодил шут за победа на 8,9 секунди пред крајот на натпреварот.
Во текот на шестте години поминати во Детроит, Билапс одиграл две НБА финалиња и освоил една титула. Исто така, трипати играл на Ол-стар натпреварите, двапати бил во најдобриот тим на НБА лигата и двапати бил избран во вториот Ол-НБА одбранбен тим.
Враќање во Денвер Нагетс (2008–2011) thumb|200px|left|Билапс во дресот на Нагетс На 3 ноемвра 2008 година Билапс заедно со Антонио Мекдајс и Шеик Самб заминал во Денвер Нагетс, како дел од размената за Ален Ајверсон. Чонси го избрал дресот со број 7 во чест на квотербекот на Денвер Бронкос Џон Елвеј, поради тоа што неговите два омилени броја 1 и 4 веќе биле зафатени од Џеј Ар Смит и Кенион Мартин. Своето деби за Денвер го направил на 7 ноември 2008 во победата над Далас Маверикс со 108-105. Тој постигнал 15 бода, а имал и 4 скока и 3 асистенции за 30 минути игра.Dallas Mavericks vs. Denver Nuggets - Recap - November 07, 2008 - ESPN , Пристапено 30 април 2013.
thumb|220px|right|Билапс во 2011