Андре Бретон (, , - , ) – француски писател, поет и антифашист, најпознат како основач на надреализмот. Тој е автор на „Манифестот на надреализмот“ (Manifeste du surréalisme) од 1924 година, во кое го дефинира надреализмот како „чист психички автоматизам“.

Животопис Бретон е роден во скромно семејство во Теншебре, Орн во Нормандија, во 1896 година, а во 1900 година неговото семејство се преселило во Париз, т.е. во предградието Пантен. Во 1913 година се запишал на подготвителен курс за студиите, по што студирал медицина и психијатрија. Во 1914 година се запознал со Пол Валери со кого отпочнал долготрајна преписка. Во 1915 година бил мобилизиран во француската војска, најпрвин во артилеријата, а потоа во санитетската служба.„Андре Бретон (био-библиографски летопис“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 101. Тој работел на невролошко одделение во Нант, каде што го сретнал приврзаникот на Алфред Жари, Жак Ваше, чие антисоцијално однесување и презир кон етаблираната уметничка традиција значително влијаеле врз него. Ваше се самоубил на возраст од 24 години и неговите писма од военото време, упатени до Бретон и до други лица, биле објавени во книгата насловена „Писма од војната“ (Lettres de guerre, 1919), за која Бретон напишал четири воведни есеи. Во 1916 година, Бретон се запознал со Гијом Аполинер и се воодушевил од психоанализата, а следната година ги запознал Пјер Реверди, Филип Супо и Луј Арагон. Во 1919 година, заедно со Супо, го основал списанието „Литература“, а истата година го запознал Пол Елијар и започнал преписка со Тристан Цара. Во 1921 година, Бретон го посетил Фројд во Виена. На 15 септември 1921 година, Бретон се оженил со Симон Кан. Двојката се преселила на улицата „Фонтен“ бр. 42 на 1 јануари 1922 година. Апартманот на улицата „Фонтен“ (во квартот Пигал) станал дом на Бретоновата колекција од повеќе од 5.300 дела: модерни слики, цртежи, скулптури, фотографии, книги, уметнички каталози, весници, ракописи и дела од популарната и океанска уметност.

Во 1924 година, Бретон започнал да го издава списанието „Надреалистичка револуција“, а во 1930 година го основал списанието „Надреализмот во служба на револуцијата“.„Андре Бретон (био-библиографски летопис“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 102. Желен да ги комбинира темите од личната преобразба најдени во делата на Артур Рембо со политиката на Карл Маркс, Бретон ѝ се придружил на Француската комунистичка партија во 1927 година, од која бил исклучен во 1933 година. Во ова време, тој живеел најмногу од продажба на слики од својата уметничка галерија.

Во 1934 година, Бретон бил иницијатор за организирање протестен собир на интелектуалците по обидот за профашистички државен удар во Франција. Во 1935 година патувал во Брисел, во Прага и на Канарските Острови. Во 1938 година, Бретон прифатил да биде член на комисијата за култура на француската влада и со неа го посетил Мексико. По конференцијата за надреализмот, одржана во Националниот автономен универзитет на Мексико, откога се загубил во Мексико (никој не го чекал на аеродромот) Бретон изјавил: „Не знам зошто дојдов тука. Мексико е најнадреалистичката земја на светот.“ Во Мексико, Бретон го посетил Лав Троцки и со него го напишал манифестот „За независна револуционерна уметност“ (Pour un art révolutionnaire indépendent), но поради политички причини, наместо Троцки, манифестот го потпишал мексиканскиот сликар Диего Ривера.

Во 1939 година, Бретон бил повторно мобилизиран, а следната година се засолнил во Марсеј, но во 1941 година, со помош на Варијан Фрај и Хари Бингхам, успеал да замине за Мартиник, а оттаму во САД, каде веќе заминале повеќемина негови пријатели-надреалисти. Таму работел како водител во француските емисии на американското радио. Во 1943 година ја запознал чилеанката Елиза, која била неговата животна сопатничка. Во 1945 година отпатувал на Хаити при што едно негово предавање пред студентите во Порт о Пренс предизвикало штрајк на студентите што се претворил во општ штрајк, а како последица на тоа паднала владата. Во 1946 година, Бретон се вратил во Париз.„Андре Бретон (био-библиографски летопис“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 102-103.

Кон крајот на Втората светска војна, Бретон решил експлицитно да го прифати анархизмот. Така, во 1952 година, тој напишал: „Во црното огледало на анархизмот, надреализмот се препозна себеси“. Бретон бил доследен во поддршката на франкофонската Анархистичка федерација и продолжил да ја нуди својата солидарност откога платформистите ја преобразивле во Слободарска комунистичка федерација (СКФ). Тој бил еден од ретките интелектуалци кој продолжил да ѝ нуди поддршка на СКФ за време на Алжирската војна, кога СФК била репресирана и била принудена да оди во илегала. Притоа, Бретон одбил да заземе страна при поделбите во француското анархистичко движење.

Во 1956 година, Бретон го основал списанието „Надреализам, токму тој“, а во 1960 година бил еден од првите потписници на „Декларацијата за правото на непокорување“, застанувајќи во одбрана на луѓето кои одбиле да учествуваат во војната во Алжир. Подоцна, во 1961 година, тој започнал да го објавува списанието „Ла Бреш“. Бретон починал на 28 септември 1966 година, во Париз, а бил погребан на гробиштата Батињол во Париз. thumb|150px|Бретон во шеесеттите години

Бретон како колекционер Бретон бил страстен колекционер на уметнички, етнографски материјали како и невообичаени ситни орнаменти. Бил особено заинтересиран за материјали од северозападниот брег на Северна Америка. За време на финансиската криза што ја имал во 1931 година, најголемиот дел од неговата колекција (заедно со неговиот пријател Пол Елијар) била дадена на аукција. Подоцна тој повторно ја создал колекцијата во своето студио и дома. Колекцијата нараснала до 5.300 ставки: модерни слики, цртежи, скулптури, фотографии, книги, уметнички каталози, весници, ракописи и дела од популарната и океанска уметност.André Breton, 42, rue Fontaine : tableaux modernes, sculptures, estampes, tableaux anciens. Paris : CalmelsCohen, 2003.

Прочуениот француски антрополог Клод Леви-Строс, во интервју во 1971 година, кажувал за вештината на Бретон да ја одреди автентичноста на предметите. Строс дури го опишал нивното пријателство додека двајцата живееле во Њујорк: „Додека живеевме во Њујорк од 1941 до 1945 година, бевме големи пријатели, заедно посетувавме музеи и антикварници. Многу му должам за познавањето на процена на предметите. Никогаш не видов Бретон да згреши во процената на егзотични и необични предмети. Кога велам згреши, мислам во однос на автентичноста, но исто така и квалитетот. Тој (Бретон) имаше осет, скоро пророкување.“

По смртта на Бретон на 28 септември 1966 година, неговата трета жена Елиза и неговата ќерка Об, им овозможиле пристап до архивата и колекцијата на Бретон на студентите и истражувачите. По триесет и шест години, кога обидите да се воспостави надреалистичка фондација за заштита на колекцијата пропаднале, колекцијата била дадена на аукција."André Breton's 42 rue Fontaine Art Collection goes to Auction." Afterimage, March–April, 2003. findarticles.com

Творештво Своите први песни Бретон ги објавил во 1914 година, а во 1919 година ја објавил својата прва поетска збирка „Светиот рид“. Истата година, заедно со Супо, ја објавил збирката „Магнетните полиња“ (Les Champs Magnétiques) како прво надреалистичко дело во кое тој го вградил начелото на автоматско пишување. Во 1920 година, Бретон се вклучил во дадаистичкото движење и, заедно со Супо, играл во претставите „Ако сакате“ и „Вие ќе ме заборавите“ коишто биле прикажувани во рамките на дадаистичките манифестации. Во 1921 година учествувал во подготовките и изведбата на „Процесот на Морис Барес“ при што се појавиле првите разидувања меѓу дадаистите и надреалистите. Во 1923 година, Бретон ја објавил поетската збирка „Светлината на земјата“.

Во 1924 година , Бретон учествувал во основањето на „Бирото за надреалистички истражувања“, а истата година ги објавил „Манифестот на надреализмот“, збирката автоматски прозни текстови „Растворлива риба“ и збирката есеи „изгубени чекори“, а го основал и списанието „Надреалистичка револуција“ во кое објавувале: Филип Супо, Луј Арагон, Пол Елијар, Рене Кревел, Мишел Лерис, Бенжамен Пере, Антонен Арто и Робер Деснос. Во 1928 година, Бретон ги објавил романот „Надја“ и студијата „Надреализмот и сликарството“. Во 1930 година излегле „Вториот манифест на надреализмот“ и книгата „Безгрешно зачетие“ (со Пол Елијар), а Бретон започнал да го објавува списанието „Надреализмот во служба на револуцијата“. Во 1932 година ги објавил книгите „Споени садови“ и „Белокосиот револвер“, додека две години подоцна излегле поетската збирка „Воздухот на водата“ и збирката есеи „Мугра“.

Во 1935 година, за време на „Конгресот на писателите за одбрана на културата“, Бретон се степал со Иљја Еренбург, кој ги навредувал надреалистите во својата книга „Видено со очите на еден советски писател“. Поради тоа, на Бретон му било одземено правото да го чита својто реферат, а наместо него, рефератот го прочитал Пол Елијар. Имено, покрај другото, Еренбург рекол дека надреалистите се педерасти, по што Бретон неколкупати го удрил Еренбург на улица, што резултирало со исклучување на надреалистите од конгресот. Подоцна, Кревел, кој според Салвадор Дали, бил „единствениот сериозен комунист меѓу надреалистите“ бил изолиран од Бретон и од другите надреалисти, кои биле незадоволни поради неговата хомосексуалност.

Во 1937 година ја објавил книгата „Луда љубов“, а следната година „Краток речник на надреализмот“ (заедно со Пол Елијар). Во 1938 година, заедно со Лав Троцки, Бретон го објавил манифестот „За независна револуционерна уметност“. Во 1940 година, за време на престојот во „слободната зона“, државната цензура на владата на маршалот Петен не го дозволила печатењето на поемата „Фата Моргана“ (која ја илустрирал Вилфредо Лам)André Breton, Fata Morgana. Buenos Aires: Éditions des lettres françaises, Sur, 1942. и на „Антологија на црниот хумор“, оценувајќи ги како како „голема негација на националната револуција“.Franklin Rosemont André Breton and the First Principles of Surrealism, 1978, ISBN 0-904383-89-X. Во 1942 година, Бретон го напишал делото „Прологомена за трет манифест на надреализмот или не“, а две години подоцна и книгата „Аркан 17“.„Андре Бретон (био-библиографски летопис“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 103. Книгата произлегла од неговото патување со Елиза на Полуостровот Гаспе во Квебек и ги изразува неговите стравови од Втората светска војна, ги опишува чудата на Роше Персе и на крајниот североисточен дел од Северна Америка и ја слави неговата романса со Елиза.