Борис Вијан (), (, – , ) – француски писател, поет, музичар, пејач, глумец, пронаоѓач и инженер. Денес е најпознат по своите романи. Објавувал под разни псевдоними (преку 30), а како Вернон Саливен објавил неколку бизарни романи, пародии на кривични фикции, многу контроверзни во времето на нивното објавување, поради кои бил осуден, но, исто така, тие му донеле големи приходи. Објавувал и под своето вистинско име, со карактеристичен стил на пишување, со бројни измислени зборови, игри на зборови и надреалистички пристап.
Творештво Во својот краток живот, Вијан работел повеќе работи: бил инженер, трубач во џез-оркестар, глумец, пејач и писател. Соработувал со повеќе книжевни списанија, а пишувал новели (како „Мрави“ од 1949 год.), драмски дела, песни и несекојдневни романи во кои, со необичен стил и низ извонредна игра на фантазијата, фатастиката и апсурдот, на возбудлив начин пишува за човечката судбина.„Beleška o piscu“, во: Boris Vijan, Vadisrce. Beogradski izdavačko-grafički zavod, Beograd, 1977, стр. 183.
Борис Вијан по образование бил инженер и работел во Француското здружение за стандардизација. Ова искуство го опишал во својот сатиричен роман „Веркокен и планктонот“ (француски: Vercoquin et le plankton) кој го напишал во својата дваесет и трета година. На седумнаесет години, Вијан првпат го чул Дјук Елингтон и научил да свири труба, а од тоа време потекнува и неговиот интерес за американската култура.
Во тој период напишал стотини песни, бил пејач во кабаре, глумел во филмови и пишувал критики за едно француско списание посветено на џезот. Во 1946 година, под псевдонимот Вернон Саливен, го објавил романот „Ќе плукам на вашите гробови“, кој набргу роман бил забранет, а авторот бил казнет со 100.000 франци. Сепак, тој не се смирил и под истиот псевдоним напишал уште два шунд-романи.
Според американскиот писател Џејмс Болдвин, суштината на „Ќе плукам на вашите гробови“ не е во сексуалното изживување, туку романот зборува за гневот и болката. „Вијан (за тој гнев) можел да чуе во музиката на обоените по подрумите и баровите на тогашниот Париз. Можел тоа да го сознае и од Вилијам Фокнер, Ричард Рајт и Честер Хајмс, но тој тоа го чул во музиката и сигурно го видел на улиците“, забележал Болдвин.Политика, Речи које уједају, објављено 31.03.2008.
Во 1953 година, Вијан го објавил романот „Вадисрце“.
Музика Вијан исто така извршил влијание на француската џез-сцена. Напишал неколку критики за џез-сцените во Париз и објавил бројни статии кои се занимаваат со џезот како во Соединетите Американски Држави така и во Франција. Неговата музика и песни се популарни во текот на неговиот живот, а особено антимилитаристичката песна „Дезертерот“ (Le Déserteur).
Смрт Во јуни 1959 година, за време на проекцијата на филмската верзија на неговата книга „Ќе плукам на вашите гробови“, Вијан се скарал со продуцентите околу толкувањето и реализацијата на филмот од кого јавно се одрекол, наведувајќи дека сакал неговото име да се избрише од списокот на продукцијата. Неколку минути по почетокот на филмот, тој паднал во својата столица и умрел од срцев удар на пат до болницата.
Погребан е на гробиштата во Вил д’Авре.
Наводи
Надворешни врски
Официјално мрежно место на Борис Вијан Борис Вијан на IMDb Страница на Борис Вијан на tamtambooks.com Страница на Борис Вијан на amazon.com Дезертерот на antiwarsongs.org
Категорија:Француски писатели Категорија:Француски поети Категорија:Француски пејачи Категорија:Француски музичари