мини|Предната корица на „Доктор Живаго“ „Доктор Живаго“ е роман на рускиот писател Борис Пастернак, првпат објавен во 1957 година. Романот е насловен според главниот лик, лекарот Јуриј Живагo. Зборот „живаго“ го има истиот корен со зборот „живот“ (жизнь), кој, воедно, е една од најголемите и најважните теми во романот. Во него се раскажува за еден човек кој е распнат помеѓу две жени, за неговата работа за време на Руската револуција и за време на Руската граѓанска војна. Уште подлабоко, овој роман зборува за маките на поединецот кој животот, отсекогаш го знаел како драматична борба помеѓу две сили кои се надвор од неговата контрола. „Доктор Живаго“ е еден од најпознатите политички романи во 20 век.

Содржина Прва книга Прва глава. Брзиот во пет: По погребот на Марија Николаевна Живаго, нејзиниот син Јуриј (Јура) живее со вујко му Николај — познат писател и поранешен поп. Јура не се сеќава не татко му, кој рано го напуштил семејството, а детето го поминало детството со мајка му. Иако татко му на Јура бил многу богат човек, наеднаш, семејството осиромашило. Едно лето, за време на престојот на Јура и вујко му во малото место Дупљанка, во близината накратко застанува возот поради тоа што еден патник извршил самоубиство. Во возот патува Миша Гордон, дете со еврејско потекло, кое со татко му патува за Москва.Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 37-56. Втора глава. Девојката од друга средина: За време на Руската револуција, во Москва се доселува вдовицата Амалија Гишар, која таму купува мала кројачка работилница. Таа одржува љубовна врска со пријателот на нејзиниот покоен сопруг, адвокатот Виктор Комаровски, кој набргу се вљубува во нејзината убава малолетна ќерка, Лариса (Лара). Есента, железничарите стапуваат во штрајк, а Козаците ги разбиваат демонстрациите. Во тоа време, во Москва се доселува Николај, откако претходно таму го испратил внукот Јура, кој станува добар другар со Миша Гордон. Во близината на станот на Амамила Гишар се водат борби на барикадите, па таа и Лара се принудени привремено да се сместат во хотелот „Црна Гора“. Во јануари 1906 година, за време на една забава во куќата каде е сместен Јура, домаќинот Александар, кој е лекар по професија, мора итно да замине во хотелот „Црна Гора“ за да прегледа некоја пациентка, а тој со себе ги зема Јура и Миша. Всушност, се работи за Амалија која се обидела да се отруе. Таму, Јура ја здогледува Лара и тоа му предизвикува чуден душевен немир.Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 57-103. Трета глава. Божиќната забава кај Свентицки: Во 1912 година, Јура и Миша Гордон ги завршуваат студиите: тој дипломира медицина, а Миша — филозофија. Истовремено, Јура пишува стихови. Вујко му Николај веќе неколку години живее во Лозана, како познат автор на неколку книги. Домаќинката на куќата каде престојува Јура, Ана Ивановна, е тешко болна и, претчувствувајќи ја скорешната смрт, му дава завет на Јура да се ожени со нејзината ќерка Антонина (Тоња) со која тој другарува за време на своето школување. Во меѓувреме, пролетта 1906 година, со цел да побегне од Комаровски, Лара се вработува во едно богато семејство како воспитувачка на малолетната ќерка. Таму, таа работи неколку години при што нема никакви односи не само со Коамровски, туку и со мајка си. За тоа време, таа ја завршува гимназијата и се запишува на факултет, а истовремено парично му помага на сиромашното момче Павле (Паша) Антипов, кое е вљубено во неа. Пред Божиќ 1911 година, Лара дава отказ од работата, решена да започне самостоен живот и оди кај Комаровски со намера да му побара пари. Комаровски не е дома и Лара се упатува бо куќата на семејството Свентицки, кое приредува божиќна забава на која присуствува и Комаровски. Претходно, таа навраќа кај Паша и го моли што побрзо да се венчаат. И Јура и Тоња се поканети на забавата кај Свентицки, а на патот до таму, вниманието на Јура го привлекува една свеќа која гори во нечиј стан, а тоа е станот на Паша во мигот на Ларината посета. Кога пристига на забавата кај Свентицки, Лара чека погоден миг да му се обрати на Комаровски, но тој не ја приметува. Тогаш, Лара пука во таа насока, а куршумот лесно го повредува помошникот на државниот тужител. Тогаш, Јура ја забележува Лара и се присетува дека веќе ја видел во хотелот „Црна Гора“. Меѓутоа, во тој миг, Јура и Тоњ мора да се вратат дома, зашто умрела мајка ѝ на Тоња, Ана Ивановна. Утредента, на погребот на Ана, Јура се присетува на закопот на мајка си и решава да напише песна за Ана.Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 104-135. Четврта глава. Доаѓањето на неизбежното: За да се спаси од можниот скандал, Комаровски изнајмува соба во која ја сместува Лара, но набргу таа се сели во друг стан. Откако ги завршуваат студиите, таа и Паша прават свадба по што се селат во родниот град на Лара на Урал. По неколку години започнува Првата светска војна. Јуриј (Јура) Живаго е лекар кој работи во московските болници, оженет со Тоња која набргу му раѓа син. Лара и Паша работат како гимназиски професори и имаат ќерка. Паша ја сака Лара, но се сомнева дека таа е со него не поради љубов, туку поради великодушноста и сака да побегне од таквиот брак, па се пријавува како доброволец на фронтот. Откако подолго време не добива писма од сопругот, Лара се пријавува како медицинска сестра и заминува на фронтот за да го најде Паша. За време на една битка, Павле Антипов е заробен, но во руската војска мислат дека погинал. Истовремено, и д-р Живаго е испратен на должност на фронтот, а еден ден, него го посетува Миша Гордон. Кога непријателската војска го напаѓа селото во кое се сместени тие, Гордон веднаш го напушта селото, а д-р Живаго е ранет. Во болницата во која се лекува работи Лара. Еден ранет офицер ѝ кажува на Лара дека Павле е заробен, но таа не му верува зашто веќе ја слушнала веста за неговата смрт. Во меѓувреме, во Москва излегува од печат првата книга на д-р Живаго. Еден ден, во болницата доаѓа веста за избувнувањето на револуцијата.Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 136-180. Петта глава. Разделба со минатото: Д-р Живаго закрепнува и има чести средби со Лара додека ја извршуваат својата должност во воената болница во едно мало место. Сепак, поради настанатиот хаос и распадот на војската и на власта, по некое време, Лариса го напушта фронтот, а малку подоцна си заминува и д-р Живаго, кој во возот патува заедно со глувонемиот човек за кој постојано слушал на фронтот.Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 181-221. Шеста глава. Престојот во Москва: Најпосле, д-р Живаго пристига дома и таму првпат го гледа својот двегодишен син Александар (Саша). Истовремено, од Швајцарија се вратил вујко му Николај и д-р Живаго ужива во средбите со него, зашто двајцата имаат исти ставови за уметноста. Во тоа време, иако конечно се наоѓа во своето семејство, д-р Живаго се чувствува осамен и несреќен, претчувствувајќи голема несреќа. Тој повторно работи во болницата, но неговото семејство, исто како и целиот град, се бори со гладот и големата сиромаштија. Кон крајот на октомври 1917 година избувнува нова револуција и власта ја преземаат болшевиците. По некое време, д-р Живаго заболува од тифус, но успева да иѕдрави. Во тоа тешко време, неговиот полубрат Јевграф од Омск, му помага на семејството на Живаго да преживее, а потоа, по неговиот совет, тоа се сели на имотот на мајката на Тоња во Уралската област.Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 222-271. Седма глава. Патување: По долготрајни подготовки, откако ги добива неопходните дозволи, семејството Живаго најпосле поаѓа на пат со воз до Урал, патем продавајќи разни домашни предмети во замена за храна. Патувањето е долго и мачно, а кога возот застанува на една станица, д-р Живаго го запознава познатиот офицер на Црвената армија, Стрељников при што воопшто не знае дека се работи за сопругот на Лара, Павел Антипов.Борис Пастернак, Доктор Живаго I (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 272-324.

Втора книга Осма глава. Пристигнување: При крајот на патувањето, семејството Живаго се запознава со еден патник, Самдевјатов, кој им дава подробни објасненија за крајот во кој ќе се населат, нудејќи им помош. Набргу, семејството пристига на имотот Варикино, каде ги пречекуваат запрепастените домаќини, брачниот пар Микулицин.Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 9-34. Деветта глава. Варикино: Семејството Живаго живее обработувајќи ја земјата, но исто така и благодарение на помошта од Самдевјатов. Д-р Живаго забележува дека Тоња е бремена. Во текот на зимата, д-р Живаго води дневник, но со доаѓањето на пролетта го прекинува пишувањето. Еднаш, за време на посетата на библиотеката во блискиот град Јурјатин, тој ја здогледува Лара, а по некое време ја посетува во нејзиниот дом. Тогаш, таа му кажува дека Стрељников, всушност, е нејзиниот маж, но дека сè уште немала средба со него. Наскоро, тие започнуваат љубовна врска, а докторот го гризе совеста поради неверството кон Тоња и сака да ја прекине врската. Меѓутоа, по една средба со Лара, на патот кон дома, него го пресретнува група партизани, кои го мобилизираат во Црвената армија.Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 35-68. Десетта глава. На главниот друм: Во градот Ходатско, во близината на главниот сибирски пат, трговката Галузина е вознемирена поради општата мобилизација во која е повикан и нејзиниот син. Во исто време, група партизани одржува таен состанок на којшто присуствуваат и таткото на Павел Антипов, поранешниот железнички работник Тиверзин од Москва и Ливериј Микулицин. Сопругот на Галузина, Власа, е дел од регрутната комисија која спроведува мобилизација за Белата армија. Додека трае регрутацијата, во градот одекнува експлозија по што настанува безредие и некои од регрутите бегаат, а меѓу нив се наоѓа и синот на Галузин.Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 69-93. Единаесетта глава. Шумско војување: Веќе година и половина, д-р Живаго се наоѓа во партизанскиот одред со кој командува Ливериј Микулицин. Докторот трипати се обидел да побегне, но без успех. Иако тој не носи оружје и не учествува непосредно во борбите, сепак, за време на една битка, тој пука кон непријателот при што ранува младо момче кое потоа го спасува. Неколку партизани, меѓу кои и синот на Галузини, коваат завера против Ливериј со намера да го заробат и да го предадат на Белата армија, но заверениците се откриени.Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 94-120. Дванаесетта глава. Зашеќерената оскоруша: Набргу, на партизаните им се придружуваат нивните семејства кои побегнале пред Белата армија и сите заедно се селат на друго место, длабоко во тајгата. Таму, партизаните ги стрелаат заверениците. Ливериј му кажува на д-р Живаго дека Варикино е опустошено, но дека нема вести за судбината на неговото семејство. Тогаш, докторот ја остварува својата намера за која се подготвувал веќе подолго време — бега од партизанскиот логор.Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 121-147.