Историјата на современа Грција ја покрива историјата на Грција од нејзината автономија од Отоманското Царство и нејзино признавање од Големите сили (Велика Британија, Франција и Русија) во 1828 година, по Грчката војна за независност до денес.
Заднина
Византија владеела со најголем дел од грчкото говорно подрачје од доцната антика, но како како резултат постојаните арапски и турски напади, Византија значително била ослабена, по кое следувало и освојување на престолнината од страна на Крстоносците во 1204 година. Воспоставувањето на католички латински држави на грчка територија, и борбите на православните византиски Грци против нив, довеле до појава на посебен грчки национален идентитет. Византија била обновена од страна на династијата Палеолози во 1261 година, но по обновувањето поради постојаните граѓански војни и странските напади во 14 век, нејзината територија се намалила. Како резултат на тоа, поголемиот дел од територијата на денешна Грција паднала под власт на Отоманското Царство, а кулминација станало освојувањето на Цариград во 1453 година, како и Атинското Војводство во 1458 и Морејското Деспотство во 1460 година, кога Византија престанала да постои.
Отоманската контрола во голема мера била отсутна во планинската внатрешност на Грција, па многумина Грци побегнале кон тие предели. По османлиското освојување, островите на Егејското Море и неколку крајбрежни тврдини на копното, под венецијанско и џеновско владеење, останале надвор од османлиската власт, но до средината на 16 век Османлиите ги освоиле и повеќето од нив. Родос бил освоен во 1522 година, Кипар во 1571 година, а Венецијанците го задржале Крит до 1670 година. На Јонските Острови само кратко владееле Османлиите (Кефалонија од 1479 до 1481 и од 1485 до 1500), и останале главно под власта на Венеција.
Првото големо востание против османлиското владеење било Пелопонеското востание од почетокот на 1770-тите, но истото било жестоко задушено. Овој период го означува почетокот на модерното грчко просветителство, бидејќи Грците кои студирале во Западна Европа донеле ново знаење и идеи назад во нивната татковина, а истовремено грчките трговци и бродосопственици го зголемувале своето богатство. Како резултат на тоа, особено по завршувањето на Француската револуција, либералните и националистичките идеи започнале да се шират низ грчките земји.
Во 1821 година, Грците се кренале против Отоманското Царство. Првичните успеси биле проследени со жестоки борби, што речиси предизвикало грчката борба да се распадне, но сепак, продолжувањето на борбата ги принудило Големите сили (Велика Британија, Русија и Франција) да ги признаат тврдењата на грчките бунтовници за одделување и создавање на своја држава преку Лондонскиот договор и да интервенираат против Османлиите во Битката кај Наварино. Грција првично била автономна држава под османлиски суверенитет, но до 1832 година, според договорот од Цариград, таа била признаена како целосно независно кралство. Во меѓувреме, Третото Национално собрание на грчките бунтовници го повикало на Јоанис Каподистријас, поранешен министер за надворешни работи на Русија, да го преземе управувањето на младата држава во 1827 година.
Администрација на Јоанис Каподистријас
По неговото доаѓање, Каподистријас започнал голема програма за реформи и модернизација која ги опфатило сите области. Тој повторно воспоставил воено единство со ставање на крај на втората фаза од граѓанската војна, ја реорганизирал војската, која тогаш можела да ја освои територијата изгубена од османлиската војска за време на граѓанските војнии го вовел првиот модерен карантински систем во Грција, кој за првпат од почетокот на Војната за независност доведел до болести како тифус, колера и дизентерија.
Каподистријас, исто така преговарал со Големите сили и Отоманското Царство за да ги утврдат границите и степенот на независност на грчката држава, го потпишал мировниот договор со кој завршила војната за независност со Османлиите, ја вовел валутата феникс, првата модерна грчка валута, ја организирал локална администрација и во обид да ги подигне животните стандарди на населението, го вовел одгледувањето на компир во Грција.
Понатаму, тој се обидел да го поткопа авторитетот на традиционалните кланови (или династии) кои имале свое наследство во минатото или биле влијателниJohn S. Koliopoulos, Brigands with a Cause - Brigandage and Irredentism in Modern Greece 1821-1912, Clarendon Press Oxford (1987), p. 67.. Но, тој ја потценил политичката и воената сила на командантите, кои во 1821 година го започнале револтот против Османлиите и кои очекувале водечка улога во пост-револуционерната влада. Кога спорот помеѓу капетанот на Лаконија и назначениот гувернер на покраината ескалирал во вооружен конфликт, тој ги повикал руските војници да го вратат редот, бидејќи голем дел од војската била контролирана од страна на капетани кои биле дел од бунтот.
Историја на Грчката револуција од 1861 година на Џорџ Финлај покажува дека до 1831 година владата на Каподистријас била омразена, главно од независните маниоти, но и од Румелиотите (Централна Грција) и богатите и влијателни трговски семејства на Хидра, Спецес и Псара. Царинските надоместоци на жителите на Хидра биле главен извор на приходи за овие општини, и тие одбиле да ги предадат на Каподистријас. Се смета дека Каподистријас одбил да го свика Националното собрание и владеел како деспот, најверојатно под влијание на неговите руски искуства. Општината Хидра им наложила на адмиралите Андреас Мијаулис и Александрос Маврокордатос да заминат за Порос и таму да ја искористат флотата на Хеленската морнарица. Мијаулис го сторил тоа со намера да спречи блокада на островите, сметајќи дека ќе се свика Националното собрание.
Каподистријас ги повикал Британците и Французите да го поддржат во повлекувањето на бунтот, но тие тоа го одбијле. Сепак, адмиралот Петар Иванович Рикорд ги пренесел своите бродови север до Порос. Полковникот (подоцна генерал) Калергис ја добил поддршката од полуобучената грчка армија. Со помалку од 200 луѓе, Мијаулис не можел да се справи со проблемот, по кое следувало предавање на Порос. Загубата на најдобрите бродови во флотата многу години ја осакатило Грчката морнарица, но исто така ја ослабило и позицијата на Каподистријас . Тој конечно го свикал Националното собрание, но неговите други дејствија предизвикале создавање на поголема опозиција и тоа довело до негово пропаѓање.
Атентат на Каподистријас и создавање на Кралство Грција
Во 1831 година, Каподистријас наредил затворање на Петрос Мавромихалис, бег на полуостровот Мани. Главно поради овој настан, на 9 октомври 1831 година Каподистријас бил убиен од братот на Петрос, Константис и неговиот син Георгиос.
Јоанис Каподистријас бил наследен како гувернер од неговиот помлад брат, Августинос Каподистријас. Августинос владеел само шест месеци, за време на кој период земјата паднала во хаос. Според протоколот потпишан на Лондонската конференција од 1832 на 7 мај 1832 година помеѓу Баварија и заштитните сили, Грција била дефинирана како независно кралство, ослободено од отоманската контрола, до линијата Арта-Волос како нејзина северна граница. Протоколот, исто така, се осврнал на начинот на кој требало да се управува со регенството додека Отон од Баварија не го преземе престолот на Грција, бидејќи бил малолетен. Османлиското Царство било обесштетано во сума од 40.000.000 пјастри за губење на територијата во новото кралство.
Отон I (1833-1863)
Владеењето на Отон I траело 30 години пред тој и неговата сопруга, кралицата Амалија, да заминат на ист начин како што и дошле во земјата, преку британскиот воен брод. Во раните години на неговото владеење, група на баварски регенти владеела во негово име, и тие станале доста непопуларни, бидејќи тие се обиделе да ги наметнат германските идеи и да ги држат најзначајните државни канцеларии за Германците. Сепак, тие ги поставиле темелите на грчкиот административен, армиски, правосуден и образовен систем. Регентството го вовел германскиот јазик како службен јазик на администрацијата и скоро сите административни и државни служби ги пополнило со Баварци. Ова управување во историјата на Грција е познато како „ксенократија“ (управување на странците). Отон бил искрен во својата желба да ѝ даде на Грција добра влада, но тој имал два големи недостатоци во очите на Грците: неговата римокатоличка вера и бракот со кралицата Амалија која не можела да му роди деца. Ова значело дека не можел да биде крунисан како крал на Грција со православен обред, ниту да воспостави династија.
Баварските регенти владееле до 1837 година, кога биле отповикани на инсистирање на Велика Британија и Франција. Отон потоа назначил грчки министри, иако официјалните претставници на Баварија сè уште управувале со поголемиот дел од администрацијата и армијата. Во тоа време, Грција сè уште немала законодавство и устав. Незадоволството се зголемило до избувнувањето на револуцијата од 3 септември 1843 година во Атина. Отон се согласил да додели устав и да свика национално собрание кое се состанало во ноември истата година. Грчкиот Устав од 1844 година тогаш основал дводомен парламент кој се состоел од Собрание и Сенат. Моќта тогаш преминала во рацете на група грчки политичари, од кои повеќето биле команданти во Војната за независност против Османлиите.
Грчката политика во 19 век била насочена кон решавање на националното прашање. Мнозинството Грци продолжиле да живеат под османлиска власт, а Грците сонувале да ги ослободат сите и да ја реконструираат државата што ги опфаќа сите грчки земји, со Цариград како главен град. Овој проект бил познат како Голема Идеја и бил поддржан од речиси сите континуирани бунтови против отоманската власт на териториите каде се зборувало на грчки, особено на Крит, Тесалија и Македонија.
Кога започнала Кримската војна во 1854 година, Грција забележала можност да добие територија под контрола на отоманската власт, која имала големо грчко население. Грција, како православна нација, имала значителна поддршка од Русија, но руската влада одлучила дека е премногу опасно да й се помогне на Грција да ги прошири своите границиOrlando Figes, The Crimean War(2010 pp 32-40, 139. Владата на Отон наредила преместување на грчките чети во Тесалија и Епир и Македонија, области над кои грчката влада имала претензии. Во реонот на Арта избувнало и востание. По отворениот ултиматум од страна на Цариград, Виена, Париз и Лондон, заедно со воведување на втора блокада на атинското пристаниште, Отон се откажал од понатамошна интервенција. По завршувањето на Кримската војна, авторитетот на Отон I започнал прогресивно да се намалува. Многу политичари го обвиниле во неактивност за време на војната, што ја лишило Грција од евентуални бенефиции на сметка на Турција. Во 1861 година еден млад студент се обидел да изврши атентат над кралицата. Во февруари 1862 година избувнало востание во Навплион, а во октомври истата година и во Артскиот Залив, Патрас и Месолонгион на кое се приклучиле граѓаните на Атина, вклучувајќи ја и атинската војска. Движењето завршило со победа, кралот и кралицата биле принудени да ја напуштат земјата и да се упатат кон Баварија, а во Грција се формирало регентство и нова влада.
Грците потоа побарале од Британија да го испрати синот на кралица Викторија принцот Алфред како свој нов крал, но на ова било ставено вето од другите сили. Наместо тоа, младиот дански принц бил прогласен за крал под името Георги I. Ѓорѓи I бил многу популарен избор како уставен монарх, и тој се согласил дека неговите синови ќе бидат преобратени во православната вера. Како награда за Грците за усвојување на про-британски крал, Британија им ги отстапила Јонските острови во Грција.
Георги I (1864-1913)