Одржлива енергија, понекогаш нарекувана и зелена енергија — енергија произведена и искористена на таков начин што „ги задоволува денешните потреби, без да ја наруши способноста на идните поколенија да ги задоволат своите потреби“.

Поимот „одржлива енергија“ често се користи како синоним со терминот обновлива енергија. Општо земено, обновливите извори на енергија, како што се сончевата, ветерната и хидроелектричната енергија, се сметаат за одржливи. Сепак, одредени проекти за обновлива енергија, како што е сечењето на шумите за производство на биогорива, може да доведе до слична или полоша штета врз животната средина како и употребата на енергија од фосилните горива. Јадрената енергија е безбеден извор на незагадувачка енергија, но нејзината одржливост е предмет на расправа поради производството на јадрен отпад и ограничените извори на ураниум.

Енергетскиот премин кон исполнување на светските потреби за електрична енергија, греење, ладење и енергија за превоз на одржлив начин се смета за еден од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото во XXI век. На светско ниво, скоро милијарда луѓе немаат пристап до електрична енергија, а околу 3 милијарди луѓе се потпираат на горива што испуштаат многу чад како дрво, јаглен или животински измет за готвење храна. Овие и фосилните горива се најголем придонесувач за загадувањето на воздухот, што предизвикува околу 7 милиони смртни случаи годишно. Производството и потрошувачката на енергија емитува над 70 % од емисиите на стакленички гасови предизвикани од човекот.

Предложените цели за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 °C, вклучуваат брз премин кон методите за производство на електрична енергија со ниски емисии и промени кон зголемена употреба на електричната енергија во сектори како што е превозот. Целите исто така вклучуваат мерки за намалување на потрошувачката на енергија, со употребата на јаглеродно-неутрални горива, како што е водородното гориво произведено од обновлива електрична енергија или со јаглеродно собирање и складирање. За постигнување на овие цели ќе бидат потребни владини напори, вклучително цената на јаглеродот, специфични енергетски политики и постепено откажување од субвенционирањето на фосилните горива.

Големи количества на ветерна и сончева енергија, кои се непостојани извори на енергија, можат да се додадат во електричната мрежа без дополнителна инфраструктура како што е мрежното енергетско складирање. Овие извори генерирале 8.5 % од светскиот електрицитет во 2019 година, а овој придонес брзо се зголемува. Од 2019 година, трошоците за ветерната и сончевата енергија, како и батериите, се предвидени да паѓаат.

Дефиниции мини|300п|Градбите во Сончевата населба во Шлиерберг вклучуваат сончеви плочи на покривот и се изградени за максимална енергетска ефикасност. Како резултат, тие произведуваат повеќе енергија отколку што трошат. Концептот за одржлив развој бил опишан од Светската комисија за животна средина и развој во книгата од 1987 година Нашата заедничка иднина. Овде, дефиницијата за „одржливост“, што сега се користи нашироко, гласи: „Одржливиот развој треба да ги задоволи денешните потреби, без притоа да се загрози можноста на идните генерации да ги задоволат нивните потреби“. Во својата книга, Комисијата опишува и четири клучни елементи на одржливост во однос на енергијата: способноста да се зголеми снабдувањето со енергија за да се исполнат растечките човечки потреби, енергетската ефикасност и зачувување, јавното здравје и безбедноста, и „заштитата на биосферата и спречувањето на повеќе локализирани форми на загадување“.

Оттогаш се понудени различни дефиниции што значи одржлива енергија, кои исто така се засноваат на трите столба на одржливиот развој, имено животната средина, економијата и општеството.

Критериумите за животната средина ги вклучуваат емисиите на стакленичките гасови, влијанието врз биоразновидноста и производството на опасен отпад и емисии на токсични материи. Економските критериуми ги вклучуваат трошоците за енергија, без разлика дали енергијата сигурно се доставува до корисниците и ефектите врз работните места поврзани со производството на енергија. Социјално-културните критериуми го вклучуваат спречувањето на војните околу снабдувањето со енергија (енергетска безбедност) и долгорочната достапност на енергија.

Принципот на организирање на одржливоста е одржливиот развој, кој ги вклучува четирите меѓусебно поврзани области: екологија, економија, политика и култура.;

Економската комисија на ООН за Европа ја дефинира одржливата енергија засновано на три столба: животна средина, енергетска безбедност и квалитет на живот.

Заднина Обезбедувањето на одржлива енергија нашироко се гледа како еден од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото во XXI век, во смисла на задоволување на потребите на сегашноста и во однос на ефектите врз идните генерации. Бил Гејтс во 2011 година рекол:На светско ниво, 940 милиони (13 % од светот) луѓе немаат пристап до електрична енергија, а 3 милијарди луѓе се потпираат на нечисти горива за готвење. Загадувањето на воздухот, предизвикано главно од согорувањето на гориво, убива околу 7 милиони луѓе годишно. Седмата цел за одржлив развој на ООН повикува на „пристап до достапна, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите“ до 2030 година.

Производството и потрошувачката на енергија се главни придонесувачи за климатските промени, одговорни за 72 % од годишните емисии на стакленички гасови предизвикани од човекот, заклучно со 2014 година. Производството на електрична енергија и топлина придонесува за 31 % од емисиите на стакленички гасови предизвикани од човекот, употребата на енергија во превозот придонесува за 15 %, а употребата на енергија во производството и градежништвото придонесува за 12 %. Дополнителни 5 % се ослободуваат преку процесите поврзани со производство на фосилните горива и 8 % преку разни други форми на согорување на гориво. Од 2015 година, 80 % од примарната енергија во светот се произведува од фосилни горива.

Во земјите во развој, над 2,5 милијарди луѓе се потпираат на традиционалните шпорети за готвење и отворен оган за горење различни видови биомаса или јаглен за греење или готвење. Оваа практика предизвикува штетно локално загадување на воздухот и ја зголемува опасноста од пожари, што резултира со околу 4,3 милиони смртни случаи годишно. Дополнително, сериозна локална штета на животната средина, вклучително и опустинување, може да биде предизвикана од прекумерната берба на дрво и друг запалив материјал. Заради тоа, поддршката за употреба на почисти горива и поефикасни технологии за готвење е еден од главните приоритети на иницијативата одржлива енергија за сите на ООН. Од 2015 година, напорите за дизајнирање чисти шпорети за готвење кои се евтини, се напојуваат со одржливи извори на енергија и се прифатливи за корисниците, се разочарувачки.

Во 2020 година, МЕА предупреди дека економските превирања предизвикани од избувнувањето на коронавирусот можат да ги спречат или одложат напорите на компаниите да инвестираат во зелена енергија. Појавата може потенцијално да го забави светскиот премин кон чиста енергија доколку не се преземе нешто.

Предложени цели за ублажување на климатските промени мини|Ветерната фарма „Банги“ на Филипините. мини|Работници конструираат низа на сончеви плочи во Малави Анализа на трошоците и придобивките е направена од низа различни специјалисти и агенции за да се утврди најдобриот пат до декарбонизирање на снабдувањето со енергија во светот. Специјалниот извештај за глобалното затоплување од 1,5°C од 2018 година вели дека за ограничување на затоплувањето на 1,5°C и избегнување на најтешките ефекти од климатските промени, „глобалните нето емисии на предизвикани од човекот ќе треба да паднат за околу 45 % од нивото во 2010 година до 2030 година, достигнувајќи нула во околу 2050 година“. Како дел од овој извештај, работната група на ИПЦЦ за ублажување на климатските промени прегледа различни претходно објавени трудови што опишуваат патеки (т.е. сценарија и портфолија на опции за ублажување) за стабилизирање на климатскиот систем преку промени во енергијата, употребата на земјиштето, земјоделството и други области.

Целите што се во согласност со ограничувањето на предупредувањето до приближно 1,5°C предлагаат брз премин кон производство на електрична енергија преку методи со помали емисии и зголемување на употребата на електрична енергија наместо други горива во сектори како што е превозот. Овие цели ги имаат следниве одлики:

Обновлива енергија: Процентот на примарна енергија обезбедена од страна на обновливите извори на енергија да се зголемува од 15 % во 2020 година на 60 % во 2050 година. Бројот на примарна енергија обезбедена од страна на зголемувањето на употребата на биомаса од 10 % до 27 %, со контрола за тоа дали употребата на земјиштето се менува при растењето на биомасата. Придонесот од ветерна и сончева енергија да се зголемува од 1,8 % на 21 %. Јадрена енергија: Пропорциите на примарна енергија испорачана од јадрена енергија да зголеми од 2.1% во 2020 година на 4 % во 2050 година. Повеќето цели налагаат зголемување на употребата на јадрена енергија, но некои налагаат намалување. Причината за широкиот опсег на можности е дека распоредувањето на јадрената енергија „може да биде ограничена од општествените преференции“. Јаглен и нафта: Помеѓу 2020 и 2050 година, процентот на примарна енергија од јаглен да опадне од 26 % на 5 %, а процентот на нафта да опадне од 35 % на 13 %. Природен гас: Во повеќето цели, процентот на примарна енергија што се снабдува со природен гас се намалува, но во некои цели, тој се зголемува. Користејќи ги просечните вредности на сите дадени цели, процентот на примарна енергија од природен гас би опаднал од 23 % во 2020 година на 13 % во 2050 година. Јаглеродно собирање и складирање: Целите налагаат поголема употреба на јаглеродно собирање и складирање при производство од биоенергија и енергија на фосилни горива. Електрификација: Во 2020 година, околу 20 % од крајната употреба на енергија се обезбедува од електричната енергија. До 2050 година, овој процент е повеќе од двојно зголемен во повеќето цели. Енергетска штедливост: Целите опишуваат методи за зголемување на енергетската ефикасност и намалување на побарувачката на енергија во сите сектори (индустријата, градбите и превозот). Со овие мерки, целите налагаат дека употребата на енергија би останала иста во периодот помеѓу 2010 и 2030 година, а би се зголемувала соодветно до 2050 година.

Енергетска ефикасност Енергетската ефикасност и обновливата енергија честопати се сметаат за столбови близнаци на одржливата енергија.American Council for an Energy-Efficient Economy (2007). The Twin Pillars of Sustainable Energy: Synergies between Energy Efficiency and Renewable Energy Technology and Policy Report E074. Меѓународната енергетска агенција проценува дека 40 % од намалувањето на емисиите на стакленички гасови потребни од Парискиот договор можат да се постигнат со зголемување на енергетската ефикасност. Можностите за подобрување од страната на побарувачката на енергетската равенка се разновидни како оние од страната за снабдување и честопати нудат значителни економски придобивки.InterAcademy Council (2007). Lighting the way: Toward a sustainable energy future p. xvii. На пример, постои значителен потенцијал за зголемување на енергетската ефикасност при готвењето во земјите во развој, што исто така би помогнало да се намали смртноста од загадувањето на воздухот. Подобрената енергетска ефикасност, исто така, ја зголемува енергетската безбедност за земјите увознички, бидејќи тие помалку би се потпирале на регионите за производство на нафта.