Вампири (француски: Les Vampires) е француски безвучен филмски серијал од 1915-1916 година, во режија на Луј Фојад (Louis Feuillade), кој е автор и на сценариото. Серијалот се состои од десет епизоди со различна должина.IMDb, Les vampires (1915) (пристапено на 27.1.2019)

Прва епизода

мини|Филип Жеранд (десно) го испрашува д-р Нокс (лево) во „Отсечената глава“.

Првата епизода е насловена „Отсечената глава“ (француски: La Tête Coupée) и трае 33 минути, а премиерно била прикажана на 13 ноември 1915 година. Филип Жеранд (го игра Едуар Мате), новинар во весникот „Париска хроника“, открива дека од неговата работна маса исчезнала папката со досието за злосторничката група „Вампири“. Набргу се дознава дека документите ги украл неговиот соработник Мазамет (го игра Марсел Левеск) при што Филип му простува. Тогаш пристигнува телеграма со веста дека полицискиот инспектор кој ја истражувал групата „Вампири“ е најден обезглавен во едно мочуриште. Филип заминува по посета на д-р Нокс (го игра Жан Еме), стар пријател на татко му, кој живее во замок. Истовремено, во замокот пристигнува и американската милионерка г-ѓа Симпсон (ја игра Рита Херлор) која го купува замокот, а која е позната по нејзиниот скап накит. Ноќта, додека таа спие, маскиран човек ја ограбува, а истовремено, Филип открива тајна комора во ѕидот на својата соба. Изутрината, кога го-ѓата Симпсон утврдува дека е ограбена, сопственикот на замокот го обвинува Филип за кражбата, по што тој бега и оди кај судијата. Набргу, таму пристигнуваат и д-р Нокс и г-ѓа Симпсон, а судијата ги остава да чекаат во една соба, поставувајќи стражари да ги чуваат. Судијата и Филип одат во замокот каде во тајната комора во ѕидот наоѓаат кутија со главата на полицискиот инспектор. Кога се враќаат во судот, тие ја наоѓаат г-ѓа Симпсон мртва, а д-р Нокс избегал. Притоа, бегалецот оставил писмо во кое тој се нарекува Големиот вампир и кажува дека го убил вистинскиот д-р Нокс и го презел неговиот идентитет. Филмот завршува со сцената во која маскиран човек бега преку покривот на зградите.Les Vampires (1915-16) Ep. 1 "The Severed Head", dir. Louis Feuillade (Subtitled) (пристапено на 27.1.2019)

Втора епизода

мини|Марфа Кутилоф танцува облечена како вампир-лилјак во „Прстенот што убива“.

Втората епизода, со наслов „Прстенот што убива“ (француски: La Bague Qui Tue) трае 33 минути, а премиерно била прикажана на 13 ноември 1915 година. Големиот вампир, кој се претставува како грофот Ноармутје, чита во весникот дека познатата балерина Марфа Кутилоф (ја игра Стасја Напјерковска), за која се зборува дека е свршена со новинарот Филип Жеранд, вечерта ќе ја игра претставата „Вампири“. Тој ја посетува балерината во нејзината гардероба, подарувајќи ѝ отровен прстен. За време на претставата, балерината умира и ја изнесуваат од сцената. Филип го препознава водачот на злосторничката група „Вампири“ и го следи до едно зафрлено место каде „Вампиирте“ го заробуваат при што на полноќ треба да биде испрашан од Врховниот инквизитор, а изутрината треба да биде убиен. Него го чува Мазамет, кој го ослободува Филип и му кажува дека морал да стане дел од „Вампирите“ за да обезбеди пари за школувањето на децата. На полноќ, Филип и Мазамет го врзуваат Врховниот инквизитор. Утрото пристигнуваат „Вампирите“, но истовремено доаѓа и полицијата. Оттука, „Вампирите“ бегаат низ подземниот премин, но притоа го убиваат врзаниот човек за кого мислат дека е Филип. Потоа, полицијата открива дека Врховниот инквизитор, всушност, бил претседателот на врховниот суд.Les Vampires (1915-16) Ep. 2 "The Ring That Kills", dir. Louis Feuillade (пристапено на 27.1.2019)

Трета епизода

Третата епизода носи наслов „Црвената книга со шифри“ (француски: Le Cryptogramme Rouge) и трае 39 минути, а премиерно била прикажана на 4 декември 1915 година.

Филип наоѓа мала црвена книшка, која им припаѓа на „Вампирите“ и се обидува да ја дешифрира, со цел да го открие убиецот на балерината. Бидејќи „Вампирите“ ја набљудуваат неговата куќа, тој објавува дека е болен, а потоа, маскиран, оди во еден клуб каде настапува Ирма Веп (ја игра Мусидора), чие име претставува анаграм од Вампири. По завршувањето на нејзиниот настап, публиката си оди, но еден дел од присутните (членовите на „Вампирите“) си прават приватна забава. Во домот на Филип доаѓа Мазамет и му дава пенкало со отровно мастило, кое го украл од Големиот вампир. По неколку дена, во домот на Филип пристигнува нова слугинка при што тој ја препознава Ирма. Таа се обидува да го отруе, но Филип ја открива нејзината намера и пука во неа и во еден член на „Вампирите“, а потоа ја повикува полицијата. Меѓутоа, кога тие ќе се вратат во собата, Ирма и крадецот ги нема, а Филип открива дека неговиот револвер бил наполнет со лажни куршуми. Во меѓувреме, мајка му на Филип добива порака од нејзиниот брат кој ја известува дека имал сообраќајна несреќа. Таа оди кај него и дознава дека пораката била лажна, а потоа неа ја грабнуваат „Вампирите“ и ја затвораат во една куќа. За нејзина среќа, таа го поседува отровното пенкало и со него го убива нејзиниот чувар, а потоа среќно се враќа дома. Кога Големот вампир доаѓа во куќата со намера да ја убие мајка му на Филип, тој дознава дека во „Вампирите“ има предавник.Les Vampires (1915-16) Ep. 3 "The Red Codebook", dir. Louis Feuillade (пристапено на 30.1.2019)

Четврта епизода

Четвртата епизода носи наслов „Спектар“ (француски: Le Spectre) и трае 30 минути, а премиерно била прикажана на 7 јануари 1916 година.

Големиот вампир е преправен како агент за недвижности со име Трепс. Кај него доаѓа Хуан-Хосе Морено (го игра Фернанд Херман), кој сака да изнајми соба во која мора да има сеф. Трепс го носи клиентот во еден стан, но Морено не знае дека сефот е лажен, односно дека Големиот вампир има пристап до него. Кога Морено ја става својата торба во сефот, Големиот вампир и Ирма Веп во торбата ја наоѓаат црната облека која ја користат „Вампирите“. Подоцна, еден банкар му дава налог на својто вработен да пренесе 300.000 франци, а Ирма е преправена како негова секретарка. Таа му јавува на Големиот вампир и „Вампирите“ го грабнуваат службеникот и го убиваат. Утредента, службеникот не се појавува на работа, па задачата за пренос на парите ѝ ја доверуваат на секретарката на банкарот, т.е. на Ирма. Но, за чудо, истиог миг, во банката се појавува убиениот службеник, кој ги зема парите. Големиот вампир го следи, но човекот со парите влегува во отворот за канализацијата и успева да побегне со парите. Филип доаѓа во банката, преправен како мајстор за поправка на телефонската мрежа и ја открива Ирма, а потоа успева да влезе во нејзиниот стан. Таму пристигнуваат Ирма и Големиот вампир, кои го отвораат сефот и во него го наоѓаат мртвото тело на банкарскиот службеник. Тогаш, Филип сака да ги приведе, но слугинката на Ирма го удира по главата и тој се онесвестува, а Ирма и Големиот вампир бегаат од станот. Кога се освестува, Филип ја повикува полицијата, а во меѓувреме, Морено влегува во својто апартман, го наоѓа сефот отворен и низ нго влегува во станот на Ирма, каде го чека Филип со револвер во раката. Тогаш, Морено му раскажува како случајно го нашол мртвото тело на банкарскиот службеник, како со своите помошници го скрил телото во сефот и како, маскиран како убиениот службеник, ги зел парите. Во тој миг доаѓа полицијата и го приведува Морено.Les Vampires (1915-16) Ep. 4 "The Spectre", dir. Louis Feuillade (пристапено на 31.1.2019)

Петта епизода

Петтата епизода носи наслов „Бегството на мртовецот“ (француски: L'évasion Du Mort) и трае 35 минути, а премиерно била прикажана на 28 јануари 1916 година. Морено излегува пред судијата, но испива отров и паѓа мртов. Неговото тело го стваат во затворската ќелија, но тој го убива стражарот и успева да избега. Ноќта, Мазамет не може да заспие и од својот прозорец го гледа Морено како влегува во своето засолниште. По некое време, луѓето на Морено го киднапираат Филип, но тој успева да се ослободи. Следејќи една трага, тој го посетува човекот што изработува маски, а таму се наоѓа Морено кој порачува полициски униформи за својата банда. Притоа, Морено го следи Филип, а неговите помошници, облечени како полицајци, повторно го киднапираат Филип. Потоа, го носат во своето тајно засолниште, каде сакаат да го обесат, но Морено се смилува под услов Филип да му даде информации за „Вампирите“. Меѓутоа, во засолништето на Морено се наоѓа Мазамет, кој претходно изработил клуч, и тој го ослободува Филип. Големиот вампир, преправен како барон, приредува забава во својата куќа на која се поканети највидните луѓе од Париз. Тој пушта гас во просторијата и ги заспива присутните, а „Вампирите“ им го крадат накитот. Меѓутоа, Морено ги надитрува и им го зема пленот, со што му се одмаздува на Големиот вампир за измамата со сефот во изнајмениот стан. На крајот од оваа епизода, Мазамет го посетува Филип, нервозен поради тоа што Морено и „Вампирите“ уште еднаш успеале да им избегаат.YouTube, Les Vampires (1915-16) Ep. 5 "Dead Man's Escape", dir. Louis Feuillade (пристапено на 7.2.2019)

Шеста епизода

Шестата епизода носи наслов „Хипнотички очи“ (француски: Les Yeux Qui Fascinent) и трае 54 минути, а премиерно била прикажана на 24 март 1916 година. Морено ги разгледува весниците барајќи информации за „Вампирите“ за кои дознава дека извршиле убиство во Фонтенбло. Тој изнајмува нова слугинка која ја хипнотизира, принудувајќи ја да ги извршуав неговите команди. Во меѓувреме, Главниот вампир и неговите соработници се наоѓаат во еден хотел во Фонтенбло. Тој е преправен како гроф, а Ирма Веп како неговиот син. Во истиот хотел се наоѓа и брачен пар од САД, кои се пријавени со лажни имиња. Всушност, тие украле голем износ пари од еден американски милионер и избегале со парите. Едно утро, Американецот ги сокрива парите под една карпа, но не знае дека го набљудуваат Филип и Мазамет, кои се сомневаат во неговото однесување. Тие ги откриваат парите и ги земаат со себе, а случајот го пријавуваат во полицијата. Истовремено, во хотелот, Големиот вампир открива дека американскиот брачен пар е поврзан со ограбените пари. Една вечер, додека Големиот вампир им чита на хотелските гости за доживувањата на неговиот дедо за време на Наполеоновите војни, Ирма Веп влегува во собата на Американците и ја зема мапата на скриените пари. Меѓутоа, во истиот хотел пристигнува и Морено со неговата банда и тој ја хипнотизира и ја грабнува Ирма, а неговата слугинка, преправена како Ирма, му ја носи мапата на Големиот вампир. Тој ја испраќа својата сопатничка да ги земе парите, но таа ја наоѓа само картичката оставена од Филип, во која пишува дека парите се кај него. Морено ја грабнува и неа и ѝ кажува дека бара откуп за Ирма. Кога полицијата пристигнува во хотелот, „Вампиирте“ и Морено веќе се избегани, но полицајците успеваат да ги уапсат Американците. Морено се вљубува во Ирма и не сака да им ја предаде на „Вампирите“. Затоа, тој ја хипнотизира и ја принудува да напише признание дека е членка на „Вампирите“ и дека е одговорна за повеќе убиства. Во станот на Морено пристигнува Големиот вампир кого го убива хипнотизираната Ирма Веп. Епизодата завршува така што парите му припаѓаат на Мазамет, кој така станува богат човек. Во неговиот стан доаѓа Филип, а потоа го посетува голема група новинари на кои Мазамет им дава изјави.

Седма епизода