Крупничка Планина ( или Крупнишка планина) — планински срт во северниот дел на Малешевските Планини, дел од Осоговско-беласичката планинска група. Сместен е на македонско-бугарската граница кон Пиринска Македонија.

Сртот е долг 15 км и широк од 3 до 8 км. Се простира во најсеверниот дел на Малешевските Планини во правец југозапад-североисток и претставува највисок дел на планините. На север долината на Сушичка Река (десна притока на Струма) го дели од планината Влаина, а на југ долината на Брезничка Река (десна притока на Струма) — од остатокот на Малешевските Планини. На исток живописната Кресненска Клисура на Струма го дели од Пирин.

Билото на сртот на југозапад се издига на 1500 – 1700 м.н.в., а на североисток постепено се спушта и завршува во Симитлиската Котлина, во северниот влез на Кресненската Клисура. Највисока точка на сртот е врвот Џами Тепе (Иљов Врв, 1.802,5 м), кој е највисок на целите Малешевски Планини и е сместен во неговиот најјугозападен дел, на границата со Р. Македонија во граничната пирамида бр. 51.

Изграден е од архајски и палеозојски метаморфни карпи и гранити. Се одводнува од десните притоки на Струма. Почвата е претежно кафеава шумска и циметна шумска. Преовладуваат буковите и дабовите (благуново-церови) шуми. На сртот се одвива слабо развиено шумарство и сточарство.

По северното подножје на сртот, по долината на Сушичка Река се сместени селата Крупник, Полена и Сушица, а по јужното подножје, по долината на Брезничка Река е селото Горна Брезница.

По целото источно подножје низ Кресненската Клисура, од селото Крупник до градот Кресна, во должина од 16,3 км минува делница од првокласниот пат бр. од државната патна мрежа Видин – Софија – Горна Џумаја – ГП „Кулата - Драготин“.

Поврзано Малешевски Планини

Наводи

Надворешни врски Лист од карта K-34-83. Размер: 1 : 100 000

Категорија:Врвови во Македонија Категорија:Врвови во Пиринска Македонија Категорија:Малешевски Планини Категорија:Општина Симитли