Албирео — двоѕвезда со ознаката Бета Лебед (β Лебед, β Cygni, β Cyg) во соѕвездието Лебед. Албирео е всушност називот на посјајната ѕвезда од овој двоец. Иако е означена како бета и е послаба од Гама Лебед, Делта Лебед и Епсилон Лебед, ова е петта точка по сјајност во соѕвездието Лебед. Гледајќи со голо око, изгледа како една ѕвезда со величина од 3, но дводелноста се забележува дури и со слаб телескоп. Посјајната жолта ѕвезда (која впрочем самата е мошне близок двоен систем) е силно спротивставена по боја со послабата сина придружничка.

Именување Бета Лебед (β Cygni, Beta Cygni) е Бајеровата ознака на системот. Посјајната од двете составници се означува како β¹ Лебед (β¹ Cygni) или Бета Лебед A, а послабата е β² Лебед (β² Cygni) или Бета Лебед B.

Во 2016 г. Меѓународниот астрономски сојуз приредил работна група за ѕвездени имиња (WGSN) со цел да ги каталогизира и снтадардизира имињата на ѕвездите. Во првиот билтен од јули истата година е објавено дела Албирео се прогласува за име на β¹ Лебед и сега е нејзиното официјално име.

Во средновековието, арапските астрономи ја нарекувале (, „минкар ел-деџаџа“), што значи кокошкин клун.p. 196, Star-names and Their Meanings, Richard Hinckley Allen, New York, G. E. Stechert, 1899. Како таква се јавува во каталогот на египетскиот астроном ел-Ахаси ел-Муакет, подоцна преведено на латински латински како Rostrum Gallinae, со истото значење.

Друг назив за ѕвездата е „клунова ѕвезда“ бидејќи се наоѓа на главата на соѕвездието кое има облик на лебед.p. 416, In Quest of the Universe, Theo Koupelis and Karl F. Kuhn, 5th ed., Sudbury, Massachusetts: Jones & Bartlett Publishers, 2007, . Заедно со Денеб, Гама Лебед (Садр), Делта Лебед и Епсилон Лебед (Џена) го образуваат астеризмот наречен Северен Крст.Northern Cross , entry, The Internet Encyclopedia of Science, David Darling.

Особини

Бета Лебед е оддалечена на 415 сг (127 пс) од Сонцето. Гледајќи без помагала, Албирео изгледа на единечна ѕвезда, но било кој телескоп ја покажува како двоѕвезда од β Лебед A (килибарна, привидна величина 3,1) и β Лебед B (синозелена, привидна величина 5,1). Овие две составници се одделени 35 лачни секунди,Entry, The Washington Double Star Catalog, identifier 19307+2758, discoverer identifier STFA 43. една од друга, и даваат најдобра слика за разликата на спарените ѕвезди на небото поради нивните мошне различни бои.

Не е познато дали составниците β Лебед A и B кружат една околоу друга во физички двоен систем, или пак се работи за оптички двоец. Доколку се физички врзани, тогаш имаат орбитален период од барем 100.000 години.p. 46, The Monthly Sky Guide, Ian Ridpath, Wil Tirion, Cambridge University Press, 2006, . Меѓутоа, некои стручњаци ја сметаат просто за оптички двоец поради набљудувањата од кои се гледа дека имаат различни сопствени движења, што значи дека не се поврзани. Исто така, мисијата „Хипаркос“ има утврдено дека главната и споредната ѕвезда се на различни растојанија — 434 ± 20 сг (133 ± 6 пс) за главната и 401 ± 13 сг (123 ± 4 пс) за споредната. Во поново време, мисијата „Гаја“ измерила далечини од 330–390 светлосни години (100–120 парсеци) за двете составници, но нивната поврзаност не е со сигурност позната поради шумот при мерењето.

Постојат уште 10 слаби придружнички наведени во Вашингтонскиот каталог на двоѕвезди — сите со сјајност послаба од 10. Само една е поблиска до главната од Албирео B, а останатите се на растојание до 142".

Албирео A Спектарот на Бета Лебед A е утврден како повеќеделен во набљудувањето на Спомен-проектот „Хенри Дрејпер“ на крајот од XIX век, поради што се претпоставило дека самата A е двоец. Во прилог на ова се и набљудувањата од 1898 и 1918 г. со кои се покажало дека има колеблива радијална брзина. Во 1923 г. во каталогот „Хенри Дрејпер“ се заведени две составници, како HD 183912 односно HD 183913.. See note re HD 183912,3,4 on this page.

Во 1978 г. во Горнопровансалската опсерваторија е употребен телескоп со пречник од 1,93 м и извршена е дамчеста спектрометрија, со што придружничката е разделена за 0,125". Ова наоѓање е објавено во 1980 г., а придружничката ја добила ознаката Ab во Вашингтонскиот каталог на двоѕвезди.

Во 1976 г. придружната ѕвезда е нагледно раздвоена во Националната опсерваторија „Кит Пик“ користејќи дамчеста интерферометрија со телескоп од 2,1 м во пречник. Измерени се при одделеност од 0,44", и забележано е дека виденото не одговара на утврденото во Горнопровансалската опсерваторија и затоа не се работи за истата ѕвезда. Иако овие набљудувања се направени пред горнопровансалските, објавени се дури во 1982 г. и составницата е означена како Ac во Вашингтонскиот каталог на двоѕвезди. Ја носи ознаката C во Каталогот на составници на двојни и повеќекратни ѕвезди, што е различно од составницата C збележана во Вашингтонскиот каталог на двоѕвезди, која се однесува на бледа оптичка придружничка. Подоцна е пресметана орбитата за овој пар служејќи се со интерферометриски мерења, но износот е само една четвртина од забележаната орбита, што значи дека орбиталните параметри треба да се сметаат за привремено важечки. Периодот на оваа орбита изнесувал 214 години.

Статусот на двете можни придружнички сè уште не е целосно разјаснет. При едно набљудување двете составници се одвај разложени, но и ова не е потврдено. Претпоставувајќи повеќеделен спектар, набљудувањата даваат спектрален тип B во доцна фаза за придружничката, нешто како B8. Мерењата со адаптивна оптика најдобро се моделираат со B0V-спектар од придружната ѕвезда, со привидна величина од 5,85. Различните претпоставки за спектралниот тип на придружничката даваат сосема различни физички својства; на пр. делотворната тепмература може да биде или 12.000 K или 30.000 K.

Пречникот на главната џиновска ѕвезда типот K е измерен по пат на интерферометрија. Утврден е рамномерен диск од околу 4,5 млс со мерење на оптички близуинфрацрвени бранови должини, а пресметан е пречник на рабното затемнување од 4,834 млс, што е исто колку и полупречник од на растојание од 133 пс.

Албирео B β Лебед B е брзовртечка Be-ѕвезда со екваторска брзина од барем . Нејзината површинска температура е спектроскопски проценета на 13.200 K.Table 1, Physical Parameters of Southern B- and Be-Type Stars, R. S. Levenhagen and N. V. Leister, The Astronomical Journal 127, #2 (February 2004), pp. 1176–1180, , .

Се смета дека е во многу близок двоец, но овие набљудувања подоцна се најдени за неисправни.

Наводи

Надворешни врски

Сликад од Албирео на Штефан Зајп Албирео на Fuzzy Blobs За Лебед, со повеќе информации за потеклото на името Албирео

Категорија:Лебед (соѕвездие) Категорија:Бајерови објекти Категорија:Флемстидови објекти Категорија:Be-ѕвезди Категорија:Двојни ѕвезди Категорија:Двоѕвезди Категорија:Троѕвезди Категорија:Ѕвезди од главната низа од типот B Категорија:Портокалови сјајни џинови Категорија:Именувани ѕвезди 183912 095947 7417 BD+27 3410