Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија (ЗПРМ) — професионално здружение на преведувачите и толкувачите во Република Македонија.

Историјат

ЗПРМ било основано во 2010 година во Скопје од страна на 10 еминентни преведувачи и дејствува на целата територија на Република Македонија. Преку своето досегашно делување, ЗПРМ прераснало во препознатлив застапник на интересите на професионалните преведувачи и толкувачи и релевантен соговорник на Владата, министерствата, граѓанските организации, медиумите и јавноста во врска со сите прашања и аспекти на преведувањето и толкувањето.

Цели

Основната цел на ЗПРМ е унапредување и развој на професиите преведувач и толкувач и професионален развој на припадниците на овие две струки. Поконкретно, целите на ЗПРМ се:

да ја подига јавната свест за општествените придобивки од работата на преведувачите и толкувачите; да ја промовира комуникацијата помеѓу преведувачите и толкувачите, од една страна, и сите други засегнати страни во општеството, од друга страна; да поставува и одржува стандарди за професионални практики и етика, и за професионална оспособеност; да го стимулира и поддржува образованието на преведувачите и толкувачите; да претставува медиум за соработка со лицата од сродните и поврзаните професии; и да поттикнува професионални и општествени односи меѓу своите членови. ЗПРМ ги исполнува целите преку следните активности: изготвување анализи, студии и проекти во корист на унапредување на преведувачката и толкувачката професија и статусот на припадниците на овие струки; одржување периодични средби; организирање обуки за своите членови и за пошироката јавност, организирање семинари, конференции и работилници на теми поврзани со професијата и со потребите за професионален развој на своите членови; учество на конференции, семинари и слични настани организирани од други здруженија во и надвор од земјата; одржување односи на соработка со професионални организации во сродни области; активна соработка со универзитети, фондации, владини институции и граѓански организации за прашања поврзани со образованието и доживотното учење на преведувачите и толкувачите; објавување периодични списанија, билтени, известувања, поимници, речници, извештаи, студии и други публикации; и други активности за постигнување на целите на ЗПРМ и за промовирање на општата добросостојба на ЗПРМ и неговите членови.

Членство

Во ЗПРМ членуваат преведувачи и толкувачи од Република Македонија без оглед на јазичните комбинации со кои работат. Главните видови членство во ЗПРМ се активно (полноправно), придружно и студентско. Сите членови на ЗПРМ се обврзуваат дека ќе ги почитуваат Статутот, Програмата за работа, Кодексот на професионално и етичко однесување, Стандардите за преведување, Препораките за тарифирање и сите други правила и прописи на ЗПРМ што повремено се усвојуваат, изменуваат и дополнуваат од страна на Собранието на ЗПРМ или неговите тела, како и дека ќе постапуваат според добрите практики во преведувачката и толкувачката професија.

Активности

Меѓу поважните досегашни активности на ЗПРМ се:

одржување на редовни годишни конференции и стручни работилници; организирање на Конкурсот за Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ (во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје); спроведување на Програмата за менторство со студентите од филолошките факултети; редовно периодично ревидирање и ажурирање на Препораките за тарифирање на преведувачките, толкувачките и сродните услуги; анализа на состојбата со судскиот превод и доставување Предлог-измени на Судскиот деловник до Министерството за правда; изработка на Ценовник на услуги за судски превод и толкување; подготовка на Препораки за судски превод и Препораки за толкување во судница; изработка на Упатство за јавна набавка на услугите превод и толкување, доставено до Бирото за јавни набавки; спроведување на истражување, и изработка на Извештај и Препораки за пишување на личните имиња во официјални документи, што ќе се достави до Управата за водење на матичните книги и други засегнати страни; и прифаќање и застапување на Европскиот стандард за писмен превод ЕН 15038 и работа на усвојување на сите ИСО стандарди за превод и толкување, како македонски стандарди на македонски јазик.

Конференција за професионален развој

Почнувајќи од 2013 г., ЗПРМ организира своја годишна конференција чијашто главна цел е да овозможи услови за професионален развој на своите членови и на останатите припадници на професиите преведувач и толкувач, како и на останатите заинтересирани страни. Годишната конференција на ЗПРМ е еден од најважните настани за преведувачите и толкувачите во Република Македонија и редовно предизвикува голем интерес кај колегите. На конференциите на ЗПРМ учествувале еминентни говорници од земјата и странство, вклучувајќи и академски професори и докажани колеги од професијата. ЗПРМ досега има организирано 7 конференции, од кои 5 во Скопје и по една во Тетово (2015 г.) и Охрид (2016 г.).

Вавилон

Конкурсот за Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ се спроведува во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија од 2013 г., а самата награда првпат е доделена во 2014 г. Наградата има за цел да ги охрабри и поддржи младите преведувачи (до 26 годишна возраст) и да поттикне врвен квалитет при преведувањето книжевни дела од европските јазици на јазиците што се зборуваат во Република Македонија. Замислена е како поттик, помош и поддршка на младите културни дејци и служи за афирмација на преведувачката професија, воопшто. Конкурсот предвидува целогодишни активности во повеќе фази, и опфаќа:

информативни средби за претставување на конкурсот и наградата, во средните училишта и на јазичните факултети, како и на други погодни места; практични работилници за книжевен превод со млади преведувачи; составување на комисиите за оценување на преводите и нивна тековна работа; и свечено доделување на наградата.

Циклусот започнува со распишување на конкурсот во септември и завршува со церемонијално доделувањето на наградата во септември следната година. Досега се организирани и спроведени шест изданија на Конкурсот за Наградата „Вавилон“, а доделени се вкупно 10 први награди за преводи на македонски, албански и турски јазик.

Програма за менторство

Програмата за менторство на ЗПРМ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје е осмислена како одговор на оскудните можности за пракса за студентите по преведување и толкување во Република Македонија. Замислена е да служи како мост меѓу академскиот и професионалниот живот на овие студенти. Преку симулација на автентичен професионален ангажман, Програмата им нуди можност на студентите да дојдат во контакт со искусни колеги, да соработуваат и да учат од нив и одблиску да добијат вистинска слика за сите аспекти на професиите преведувач и толкувач. Наменета е за студенти на четврта година од студиските програми за преведување и толкување. Програмата се реализира со искусни волонтери од ЗПРМ и во неа се опфатени јазични комбинации за коишто има пријавено ментори од ЗПРМ. Реализацијата на Програмата започна во 2017 г. и досега се спроведени 4 циклуси со вкупно 47 студенти и 12 ментори. Во тек е петтиот циклус.

Изданија

ЗПРМ има издадено Водич низ правните системи во регионот, како и Омниглосар (електронска верзија од Водичот) во соработка со Здружението на постојани судски преведувачи и толкувачи на Србија (УССПТС) (www.sudskiprevodiocisrbije.com ).

Членство во други организации

ЗПРМ остварува соработка со други домашни и странски организации и е член на:

Меѓународната мрежа за терминологија TermNet, од 2013 г. (www.termnet.org); Меѓународното здружение на професионални преведувачи и толкувачи (IAPTI), од 2014 г. (www.iapti.org); Одборот за доверливост и односи со јавноста на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од 2014 г. (www.flf.ukim.edu.mk ); и Европскиот совет на здруженија на книжевни преведувачи (CEATL), од 2016 г. (www.ceatl.eu).

Наводи

Надворешни врвки

www.mata.mk

Категорија:Македонски здруженија