Ирена Стефоска (р. 16 септември 1967 во Скопје) — министер за култура на Македонија (2020—2022) и професор на Институтот за национална историја.

Живот Во 1991 година, таа дипломирала на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје. Магистрирала на Средноевропскиот Универзитет во Будимпешта (1994), и на Филозофскиот факултет во Белград (2001).

Докторирала на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје (2007). Добитник е на Фулбрајтовата стипендија, професор истражувач на Универзитетот Браун во САД (2009/2010), и на стипендијата на Фондацијата Роберт Бош, на програмата „Historical Dialogue and Accountability“ на Универзитетот Колумбија (зимски семестар 2012). Алумна е на „Георг Екарт Институтот“ во Брауншвајг, Германија, водечка институција во светот за истражување на учебници по историја, географија и мајчин јазик.

Стефоска е член на меѓународната мрежа „Aliance for Historical Dialogue and Accountability“, при Институтот за човекови права на Универзитетот Колумбија во Њујорк од 2012 година. Таа е носител и учесник во меѓународни и национални проекти и публикации поврзани со феноменот на нациите и национализмите на Балканот, со историските и политичките митови на Балканот, со наставата по историја и културите во регионот, а во насока на педагогија и култура на мирот. Остварила истражувачки претстои, и предавања на еминентни универзитети во Европа и САД, меѓу кои на Хумболтовиот универзитет во Берлин, на Универзитетот во Чикаго, на Универзитетот Урбана-Илиноис, на Универзитетот Колумбија во Њујорк, во Центарот Вудро Вилсон во Вашингон, на универзитетите во Регенсбург, Грац, Белград, Софија и др.

Како долгогодишен граѓански активист во повеќе области, била член на: Советодавниот комитет за култура при „Фондацијата Отворено Општество – Македонија“, член на Управниот одбор на швајцарската фондација за култура „Про Хелвеција“, член на Управниот одбор на македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права и долгогодишен член на академскиот Комитет на историчари од Балканот при „Центарот за демократија и помирување во Југоисточна Европа“, во Солун. Таа е една од основачите на академската група „Vox Academica“ и на граѓанската иницијатива „Ајде“.

Била пратеник во Собранието на Република Македонија (2016-2020), каде претседавала со Комисијата за култура, и со групата за соработка со грчкото собрание. До стапувањето на должноста Министерска за култура, таа работела како редовен професор на Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје.

Течно зборува англиски, српски, хрватски и бугарски јазик, се служи со грчки јазик и има пасивно познавање на францускиот јазик.

Активности во Собранието:

Комисија за култура, претседател Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, член Комисија за образование, наука и спорт, заменик-член Комисија за еднакви можности на жените и мажите, член Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Грција, претседател Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Португалската Република, член Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Финска, член Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Кралството Шпанија, член Клуб на пратенички, член на претседателство

Наводи

Категорија:Политичари од Скопје Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Апсолвенти на Филозофскиот факултет - Скопје Категорија:Магистри на Белградскиот универзитет Категорија:Доктори на Филозофскиот факултет - Скопје Категорија:Министри за култура на Република Македонија Категорија:Политичари од СДСМ