Пелагониска битка или Битка кај Костур — решавачка битка во долгогодишната борба за римското наследство којашто се војувала во 1259 година. Таа е една од најзначајните битки на Балканот од XIII век.

Се одиграла во Бориловата Шума некаде меѓу леринските села Неокази и Овчарани во почетокот на летото 1259 година. Спротивставени страни биле војската на Никејското Царство, под команда на Јован Палеолог и сојузничките сили на антиникејската коалиција, што ги сочинувале војските на епирскиот деспот Михаил II Ангел и на ахајскиот кнез Гијом II Вилардуенски, како и 400 германски коњаници што ги испратил од Сицилија кралот Манфред.

Ноќта пред битката Михаил Ангел ненадејно го напуштил логорот и се повлекол кон Епир, а добар дел од неговите војници преминале на страната на Никејците. Во жестоката нерамноправна битка помеѓу никејската војска и војските на латинските сојузници на епирскиот деспот, Латините доживеале катастрофален пораз. Голем број од нив останале на бојното поле, а многумина биле заробени, меѓу кои и кнезот Гијом II Вилардуенски и биле одведени во заробеништво во Никеја. Битката во Пелагонија, го означила крајот на повеќедецениската борба за римското наследство и ја потврдила превласта на Никејското Царство на Балканот.

Наводи

Надворешни врски Battle of Pelagonia (англиски)

Категорија:Историја на Византија Категорија:Историја на Македонија Категорија:Македонија во средниот век Категорија:Пелагонија